Сутерен.мк

Да не живееме на стара слава!

Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, годинава му припадна на актерот Мето Јовановски!

– Сите ние некојпат сме биле почетници и секојпат некој познат или непознат се случувало да не помогне. Да имаме некаква позадина, поддршка, што е многу важно. Други времиња беа кога јас почнав во седумдесеттите години, други времиња се сега. Нема правила за успех, нашата работа е колективна, зависи од многу нешта: од сценарио, режисер, партнери, камери, монтажа…многу фактори се пресудни за на крајот да има добар резултат, но и условите, амбиентот во кој се работи, времето во кое живееме. Филмот е скапа играчка и денес потешко се доаѓа до средства – рече Јовановски.

Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов.

– За овој филм толку многу е зборувано, толку многу реплики се знаат и од помладите и од постарите, така што како проект одживеал и се уште живее, присутен е и овде и во просторите на поранешна Југославија. Повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава, за креативци кои работат нов филм, да не живееме на стара слава. Награди добивам и овде и на просторите на поранешна Југославија и не се случило да одбијам награда. Тоа е дел од нашата професија-признанија, аплауз… да ве застануваат на улица. Тоа е сепак присутност во јавноста- рече Јовановски и забележа дака во странство има подобар однос кон луѓето кои се занимаваат со култура, не само кон актерите, туку и кон другите уметници.

Оваа година МФФ „Киненова“ постхумно доделува и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *