Сутерен.мк

Модрици

Омажена сум веќе пет години, но не сум среќна во бракот. Се обидувам да го разберам маж ми, да го смирам, ама не ми успева. Родив и дете и се остана по старо.

Постојано вика по мене, ништо не му се допаѓа што правам, заработувам, а целата плата ми ја зема тој. Знае и да ме удри и да ме избрка од дома, а му се случува да замавне и по детето.

Потоа ќе се покае, па ја обвинува мајка му, која живее далеку од нас, дека таа го малтретирала и дека тој не може да се ослободи од гневот што го носи во себе. Вели дека ме сака, ама се се повторува пак, и пак. Не знам каде да одам и што да правам. Го жалам и го разбирам, ама не можам веќе да одам на работа со модринки.

Солза

Солза дарлинг, од солзи нема многу фајде. Исплачете се, истресете тоа самосожалувањето од вас и размислете добро! Лошите луѓе секогаш ќе најдат добри изговори за својата злоба.

Тој имал доминатна мајка, бе!? И, што да правиме ние сите останати што до ден денес имаме кошмари од доминантни мајки, баби, стрини, сваќи и комшики!? Или продавачки, газди, бубашваби!? Треба да шетаме со моторна пила и да испоколеме се што носи апостолки!?

Не сакам да звучам излитено и на крајот на секој одговор да ја употребам фразата „побарајте стручен совет“ зашто многупати не ни се ни потребни стручни совети, туку желба за подобар живот, верба во тоа дека сите оние што не прават зло на другите заслужуваат да се сакаат и почитуваат себе си повеќе.

Ваквите ситуации ги надминуваат моите кондициони способности за сочуствителни елаборации. Боже мој, па одите на работа со модрици!? Пријавете го во полиција, но и до социјалните работници, до секој што би можел да помогне. Поднесете тужба. Барајте развод. Напуштете го пеколот.

Меѓутоа, обратете се до пријателите, роднините, авторитетите, до секој што има добра волја да ве разбере и заштити од можните идни последици од ваквиот ваш потег. Системот овде не е баш нешто на кое можете да се потпрете, но секако, морате да го земете под закрила своето дете, ако веќе немате сила себе си.

На храбрите ветрот честопати им дува во грбот. Не плашете се. Тврдата корка леб е подрагоцена од најсочниот бифтек, ако е изедена во мир…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *