На 19 декември се одбележаа 101 година од раѓањето на македонскиот великан Блаже Конески. Тој во историската меморија на македонскиот народ останува запаметен како еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик и една од најзначајните личности во македонската книжевност.
Конески го продолжува делото на македонските великани Петар Поп Арсов и Крсте П. Мисирков. Тоа е особено очигледно во неговиот текст што беше објавен во „Македонска мисла“ во 1946 година. Во оваа статија Конески напишал: „Македонскиот језик преживуе денеска револуција во својот развиток. Само како вистински револуционарен скок ние можеме да го определиме формирањето на литературен наш језик, кој што во еден повисок облик ги обединуе елементите од народните говори и во исто време создава нови свои, својствени само за него, карактеристики“.
По создавањето на современата македонска држава, Блаже Конески се пројавува како афирматор и промотор на македонскиот јазик, но и заштитник на македонските национални особености.
Образовна одисеја
Како и претходните македонски генерации, поради историските околности Блаже Конески бил принуден да се школува во српски, а подоцна и во бугарски образовни институции. Основното образование го започнал во Небрегово, каде што семејството живеело седум години, по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде што завршил виша гимназија.
Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. Одлуката за изучување на филологијата е тесно поврзана со неговиот македонски национален стремеж. Ова е особено видливо во зимата 1940-1941 година, кога Борка Талески, еден од организаторите на антифашистичката борба на македонскиот народ и национален херој, му предложил да создаде македонска азбука, проект што тогаш не бил реализиран.
Во 1941 година, по поразот на Југославија и окупацијата на Македонија, се запишал на Правниот факултет при Софискиот универзитет. Додека студирал во Софија, не соработувал со бугарските изданија, не барал контакти со млади писатели и ретко го следел бугарскиот печат.
Идеолошка борба со великобугарските експоненти
Во септември 1944 година се вратил во Прилеп и се приклучил на антифашистичката борба на македонскиот народ за ослободување и создавање сопствена држава. Набргу потоа станал коректор во „Млад Борец“, а подоцна почнал да работи во одделението за агитпроп при Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија.
Блаже Конески започнал со идеолошко обезличување на т.н. Група Чкатров-Ѓузелов, која се состоела од македонски интелектуалци приврзаници на Ванчо Михајлов и соработници на бугарската окупаторска власт во Македонија. Групацијата го прифаќала бугарскиот карактер на македонскиот народ, но иднината на Македонија ја гледала во прогласувањето автономна или независна македонска држава под протекторат на Третиот рајх.
Според оваа групација, македонската држава требало да има бугарски карактер, а нејзин службен јазик требало да биде бугарскиот литературен јазик. Истакнати членови на групата биле Димитар Чкатров, Спиро Китанчев, Димитар Ѓузелов…
Всушност, Конески прв го започнал идеолошкото обезличување на Димитар Ѓузелов и неговите негирања на македонските национални особености. Меѓу другото, Конески објавил неколку текста, вклучувајќи и во списанието „Остен“, во кои ги претставил великобугарските ставови и погледи на Ѓузелов и на Димитар и Јордан Чкатрови.
Афирматор и заштитник на македонскиот јазик
Уште пред формирањето на современата македонска држава презел активности кон стандардизирање на македонскиот јазик. По Првото заседание на АСНОМ, оваа негова дејност и определба уште повеќе се засилиле. Во тој контекст е и неговата статија објавена во „Македонска мисла“ во 1946 година, во која меѓу другото истакнал: „Тој се разви низ националноослободителната борба на македонскиот народ, која што од својот почеток беше борба против турскиот феудален строј и против империјалистичкиот гнет во Македонија. Историските промени што настанаа отанде удрија свој печат на обликот од македонскиот литературен јазик, како на основното и најмоќно средство за израз на нашата национална мисла“.
Коневски во понатамошниот дел истакнал дека во „областа на апстрактното лежи тежиштето од револуционерниот подем на нашиот литературен јазик, „кој што изнајдуе средства за предаванье на апстрактната мисла, избирајки, земајки на заем, создавајки одново и отфрлајки ги оние зборои и изрази што век’е се одживеле. Така множество зборои ја наог’аат својата умирачка со исправаньето на живата снага од нашиот литературен јазик, тоа се во прв ред и во најголем број турските елементи во нашиот речник, особено тие со апстрактна содржина“.
Тестамент и завештание како да го чуваме македонскиот јазик.
Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетската професорка и голема познавачка, истражувачка и афирматорка на неговото творештво, вели дека делото на Конески треба да го читаме и вреднуваме како тестамент во кој е запишано завештанието како да ги чуваме и развиваме и севкупната македонска култура и Македонија.
– Конески рече дека не постојат мали и големи јазици, како и дека не постојат и мали и големи култури, туку дека постојат само мали и големи души. Во тој контекст, чинам дека оваа порака е една од оние што Конески ни ги остави како тестамент – и понатаму да пишуваме на овој „мал јазик“. Да пишуваме на македонски! Мислам дека овој негов аманет низ годините ме натера што повеќе да го проучувам неговото дело и да се обидам да истражувам помалку истражени сегменти од неговиот опус – вели Весна Мојсова-Чепишевска.