Сутерен.мк

Учебници со препишани текстови од Википедија

Во учебниците од кои учат нашите деца препишани текстови од Википедија, па нема крај на грешките во учебниците. Ако петтоодделенците учат дека Монт Еверест е висок 29 000 метри, а Македонија на запад граничи со Бугарија, осмоодделенците учат дека Финците, Унгарците и Турците се жолта раса.
Стојанка Вуксановиќ, која направила истражување, конкретно за Финска и која вели дека Финците се бела раса:

-Искусен наставник доколку смета дека има нелогичности во наставниот материјал, не предава како што е напишано во книгата. Не смее да им се пренесе погрешно знаење на учениците. Голем дел од нас, просветниот кадар, не сме научни истражувачи, но, ако видиме дека постојат грешки, како на пример дека Монт Еверест е висок 29 000 метри, секако дека на учениците ќе им укажеме дека во учебникот има погрешна информација.

Што се однесува конкретно до расите, за ова се потребни подетални истражувања. Така на пример, она што јас го направив во моето истражување, конкретно за Финска, тие воопшто не се сметаат себе си за жолта раса, напротив тие се бела раса. Во високоразвиените земји воопшто и не станува збор за учење за расите. Кај нив се учи само од која националност е некој, односно која му е етничка припадност, вели Вуксановиќ.

Истовремено пак, родителите на учениците од 8 одделение кои први укажаа на содржината во учебникот по географија, а кои припаѓаат на генерациите основно одделение во периодот пред осамостојувањето на Македонија, велат дека вакво нешто никогаш не учеле.

-Кога зема ќерка ми да ја чита оваа лекција останав запрепастена. Можеби постои некаква поврзаност со потеклото во текот на оние вековни процеси на преселбата на народите, но дека Унгарците или Финците или Турците се жолта раса, досега немам слушнато. Почнав да пребарувам по интернет, се што најдов укажува на тоа дека се бела раса.

На пример, на Springer link, каде се објавуваат обемни научни истражувањеа, во написот за генетското потекло на Унгарците е наведено дека врз основа на анализите кои користат класични маркери, модерното унгарско население е многу слично со другите европски популации, особено со оние што зборуваат словенски и германски, додека фреквенцијата на генетските варијанти типични околу планините Урал е само 13 отсто . Што се однесува до нашиот учебник, буквално како да е препишан од Википедија, која што е најмалку релевантен извор.

Кој ги прави рецензиите, дали некој води сметка каков е крајниот производ, што ќе им се пренесе на учениците и до каде тие потоа ќе стигнат во животот, навистина не знам. Па нема секој пари за лични тутори и тоа по секој предмет. Ова што сега се случува во образованието никогаш не било, вели Соња Трајковска, мајка на осмоодделенка.

Инаку, уште минатата недела кога беа констатирани големите грешки во учебниците за петто одделение, Министерството за образование и наука и Педагошката служба започнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение.

Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *