Сутерен.мк

Држава во погрешен правец

Околу 60 отсто од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, покажува најновата анкета на Американскиот републикански институт. Тоа е најлошата оценка која Македонија ја добила откако ИРИ спроведува анкети во последните 12 години. Главниот проблем граѓаните го лоцираат во високите цени, слабиот животен стандард и корупцијата.

Во таква ситуација опозицијата го зголемува своето водство. Ако утре се одржат избори за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 19 проценти што е речи си идентично како и во ланската анкета. СДСМ има поддршка кај 11 отсто од граѓаните што е значителен пад од ланските 16 проценти. Рејтингот на ДУИ е стабилен на 7 отсто а Левица пораснала на 6 отсто.

Интересно, најпопуларен политичар во моментов е екс премиерот Груевски со рејтинг од 7 отсто. Следат Мицкоски и Ахмети со по 6 отсто и Ковачевски со 5 отсто. Никому не веруваат 38 отсто од граѓаните.

Груевски не само што е прв на листата со 7 отсто гласови, туку во рок од една година добил најмногу на популарност, односно плус 4 проценти. За разлика од неговиот наследник на премиерската функција Зоран Заев од редовите на СДСМ кој може да се заклучи дека е најголемиот губитник со пад на поддршката од 9 на 2 проценти.

Генерално недоверба има кон сите државни институции. Довербата во обвинителството е само 3 проценти, во судството 4 проценти колку што е и во парламентот и во политичките партии.

Според граѓаните општините работат речиси двојно подобро од Владата.

По последните случувања паѓа и довербата во Европската Унија – 73 проценти од граѓаните даваат поддршка наспроти 24 проценти кои се против. Тоа е најмала поддршка за членство во последните 5 години и најголем број на противници во анкетите на ИРИ во последните 12 години.

Мнозинството граѓани се против францускиот предлог и внесувањето на Бугарите во Уставот, со тоа што поголем е бројот на противници на уставните измени.

Граѓаните најмногу симпатии имаат кон Турција. Следат Европската Унија, Германија и САД.

Анкетата е спроведена од Брима врз репрезентативен примерок од 1,207 испитаници во периодот од 23 септември до 13 октомври годинава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *