Сутерен.мк

Неизвесна женидба

Имам девојка со која сум осум години во врска. Сите очекуваат да се венчаме, а јас сум се уште неодлучен. Немам друга, ја сакам, ама некако, не ми се жени. Зошто?
Нани

Нани дарлинг, искрено, никому ниту му се мажи, ниту му се жени во овие времиња, под оваа неизвесна егзистенција, опкружени со постојани закани од секаков вид. Од друга страна пак, што е опцијата? Професионален напредок по алаш – вериш правила, светски патник кој поминува три патарини на нецели сто километри или плејбој кој ќе брка девојки чии мајки цел ден се печат на сонцето во Горно Лисиче собирајќи босилок, за да им купат штикли на ќерките кои нели, градат кариера како манекенки по селските панаѓури!?

Нејсе. Неколку основни прашања треба секој да си ги постави пред влегувањето во брак: дали ја сакате избраната личност, дали и верувате речиси, безрезервно, дали можете да се видите покрај неа за десет години, со или без деца покрај себе? Доколку и еден од одговорите е негативен, треба да се батали целата таа работа.

Мажите најчесто, не се плашат од бракот туку се плашат од лош брак. Новите генерации израснаа со многу разводи околу себе па разбирливо е дека поризичен им е изборот на погрешна личност од беќарлакот. Се во нашиот живот стана „мачка во вреќа“ па така и избирањето на брачниот партнер, пријателот, колегата… Сепак, тоа не би требало да е случај, ако некого познаваме речиси деценија, нели!? Не треба да се занемари уште еден податок – некои се женат само за да се разведат…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *