„Глупавоста е најнеобичната болест на светот – таа не го погодува болниот, туку сите околу него“. Ова го рекол поетот Жак Превер пред многу години и си го заслужил почесното место меѓу великаните специјализирани за мудри мисли рамо до рамо со Паоло Коелјо. Уште една вредна – како златна резерва – дума, пред многу векови напишал и Руми, која отприлика кажува дека – можеш да бидеш учен колку сакаш, но тебе ќе ти припадне само толку, колку што ќе разбере твојот соговорник. Мене ми се чини дека деновиве Планетата Земја никогаш не била побучна, а кога јазикот е побрз од мозокот, секогаш и секаде победува Усеин Болт! А, да ќе заборавев, и глупоста. Во сите нејзини форми.
Дадено ни е од Бога или од Дарвин – не знам баш за петка -да живееме во време на вирусно невреме, време кога целата земјина топка е сместена во една биохемиска лабораторија. Има толку живи организми колку што има држави, а во секоја од нив – мозокот е власта. Плебсот е останатиот дел од телото, а тука спаѓаат срцето, дишните органи, рановарниот апарат, екстремитетите и газот. И како што е редот, граѓанството си го заштитува прво оној дел од телото што му е најмил. Па, така едни ставаат ракавици или маски, други пијат витамини или ракија, а некои купуваат брашно или цел шлепер тоалет хартија. Е, добро де, секој според можностите, секому според потребите.
Ама друго ми беше муабетот. Вака самоизолирана како во петриев сад, гледам низ интеренет кружи една светска ранг – листа за висината на „ај-кјуто“ на нациите. Ние сме негде на дното. Па, зошто Ви се молам така? Дали сите купуваа хартија за бришење г’з, од Австралија до Британија? Купуваа, да. Дали на скоро сите ич не им чуеше за Светска здравствена, препораките од властите и лекарите и се шетаа по кафиња, фризери, теретани……Да. Дали сите прославија Осми март како што доликува на празникот. Прославија. Дали ќе ги одложиме изборите како сите над нас во гореспоменатата ранг листа? Да. Дали власта и опозицијата секаде си подаваат жетончиња за политички комар, се знае на чија сметка? Горе-доле, да. Дали сите отидоа на скијање во Италија и после редовно си одеа на работа кај цела Клиника болни и им одржаа лекција во вид на дерматолошки конгрес на сто колеги лекари? Епааа…… не баш. Трт!
Добро, ама директораката не е изолиран случај и медицински „ Цаца“ феномен во светските размери, за да не сместуваат во рангот на мороните, ако е за право. Или е? Ај, баш да видиме. Еве, овој државник од соседна Србија, што го викаат нагалено „педеру“, до пред некој ден збореше дека ќе пие уште по една ракија дневно и ќе биде спасен. Неговиот советник – ценет епидемиолог, мотивираше женски лица слободно да одат на шопинг во Милано. Ама, денес друга песна пејат, друго оро вијат! Еве го овој Борис Џонсон што оди на ист фризер со Доналд Трамп, ќе го јакне имунитетот на нацијата со специјален метод на неправење ништо. Многу ме интересира дали проектот ќе му биде успешен како Брегзит. Царот на американскиот континент кој веќе го споменав, пред неколку недели кажуваше дека короната е грип во поблага форма. Е, зошто тогаш не си ја прележа, туку трчаше да се тестира? Плус, рече дека резултатите ќе бидат готови за два дена, кога кај нас и врапците знаат дека точниот одговор на ова прашање е „подоцна во текот на денот“ како што секој ден си кажува Венко. Они нас на дното. Пххххх!
Глупоста е универзална категорија, присутна од кога е светот и векот. Млади денешни глупаци и стари глупаци од вчера, има секаде и тоа не е спорно, без оглед на рангирањето на тестовите за интелигенција. Во некоја рака, незнаењето е многу поинтересно од знаењето. Зошто? Па затоа што сите што знаат, знаат исто, тие што не знаат, знаат различно. Глупавите, поглупавите и најглупавите не знаат дека се глупави.Тој што знае дека е глуп, не е глуп! Сфативте сега? И да ви кажам право, секоја глупавост може да се толерира и занемари, се додека не се наоѓа во оној орган од главата што на почетокот на текстот го означивме како власт.
Ако размисливте за ова, ич да не се секирате. Значи имате со што. И без глупости Ви се молам кога е миењето раце и седењето дома во прашање!
(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)