Сутерен.мк

Палевски ќе биде екстрадиран во најкраток можен рок

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.

„Се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект на оперативни активности, за во најкраток можен рок предметното лице кое што е под прогон од страна Обвинителството во Македонија да биде изнесено пред лицето на правдата и пред судот“, рече Тошковски.

Министерот кажа дека нема конкретен рок, но дека тоа ќе биде сторено во најкратко време.

„Очекуваме дека ќе биде за брзо“, додаде Тошковски.
Палевски е во екстрадициски притвор во Турција, каде беше приведен од тамошните власти по распишана потерница.

Тој е првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, односно за две кривични дела „грабнување“ и две кривични дела „убиство на свиреп начин“.

За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.

Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.

Александар Ѓурчевски минатата недела беше пуштен во домашен притвор по барање на неговиот адвокат кој тврдеше дека во досегашната истрага против него не се обезбедени никакви докази кои го поврзуваат со делото.

На Ѓорчевски му беше одземен телефонот за вештачење, а тој им го откри и пинот со цел надлежните да продолжат со истрагата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *