Првиот пациент на кој му е вграден имплант во ‘рбетниот столб, за лекување на напредната Паркинсонова болест опиша дека доживеал „повторно раѓање“, бидејќи третманот му овозможил повторно да оди без да паѓа.
На пациентот Марк (63) од Бордо, Франција, му била дијагностицирана дегенеративната болест пред повеќе од 20 години и развил сериозни проблеми со подвижноста, вклучително и нарушување на рамнотежата и проблеми со одењето. По вградувањето на имплантот, чија цел е да ја врати нормалната сигнализација на мускулите на нозете од ‘рбетот, тој може да оди понормално и да си ја врати независноста.
„Практично не можев повеќе да одам, а да не паднам неколку пати во денот. Во некои ситуации, како што е влегувањето во лифт, газев на самото место, како да сум замрзнат таму, може да се каже. Во моментов веќе не се плашам ниту од скалите. Секоја недела одам до езерото и пешачам околу 6 километри. Тоа е неверојатно“, вели Марк.
Имплантот допрва треба да се тестира во целосно клиничко испитување. Но, швајцарскиот тим, кој има долготрајна програма за развој на интерфејси на мозокот-машина за надминување на парализата, се надева дека нивната технологија би можела да понуди сосема нов пристап за лекување на дефицитот на движење кај оние пациенти со Паркинсонова болест.
„Импресивно е да се види како со електрично стимулирање на ‘рбетниот мозок, на ист начин како што направивме со параплегични пациенти, можеме да ги поправиме и нарушувањата на одењето предизвикани од Паркинсоновата болест“, рече Џоселин Блох, неврохирург и професор на Универзитетската болница во Лозана.
Паркинсоновата болест е предизвикана од прогресивно губење на невроните кои произведуваат допамин. За околу 90 отсто од пациентите со напредната болест, ова доведува до потешкотии со одењето, вклучувајќи дефицит на рамнотежа и замрзнување на одењето.
Конвенционалните третмани, како што е лекот „Леводопа“, може да ги подобрат симптомите, но не можат целосно да го вратат нормалното движење. Имплантот има за цел да го надмине ова со директно насочување на пределот на ‘рбетот одговорен за активирање на мускулите на нозете при одење.
Прво, тимот разви персонализирана анатомска мапа на ‘рбетниот мозок на Марк, која ги идентификуваше прецизните локации кои беа вклучени во сигнализирањето на ногата да се движи. Електродите потоа беа вградени на овие локации, овозможувајќи стимулацијата да се испорача директно во ‘рбетот.
Пациентот носи сензор за движење на секоја нога и кога се иницира одење, имплантот автоматски се вклучува и почнува да дава импулси на стимулација до ‘рбетните неврони. Целта е да се коригираат абнормалните сигнали кои се испраќаат од мозокот, надолу по ‘рбетот, до нозете со цел да се врати нормалното движење.
„Во ниту еден момент ШпациентотЌ не е контролиран од машината. Тоа само ја подобрува неговата способност за одење“, рече проф. Едуардо Мартин Морауд, од болницата на Универзитетот во Лозана.
Студијата, објавена во „Нејчр медисин“, покажа дека имплантот го подобрува одењето и дефицитот на рамнотежа и кога се анализирало одењето на Марк, повеќе наликувало на она на здравите контроли отколку на другите пациенти со Паркинсонова болест. Марк, исто така, објави значителни подобрувања во квалитетот на неговиот живот.
Научниците рекоа дека е потребно целосно клиничко испитување за да се покаже клиничката ефикасност и вклучиле уште шест пациенти за да проценат дали очигледните придобивки се повторуваат.
Оваа студија опишува нов пристап за модулирање на ‘рбетниот мозок со цел да се подобри одењето кај луѓето со Паркинсонова болест. Ќе биде возбудливо да се види како ова ќе се генерализира за поголема популација на пациенти.