Сутерен.мк

Преценета девственост

Здраво дарлинг. Сметам дека имам многу сериозен проблем за моите 20 години. Бев во врска една година, бев премногу вљубена, прв дечко… Имав доста неквалитетна врска, мојот дечко доминираше, тој секој ден беше на кафе со другарите, а кога ке дојдеше јас да излезам имаше страшна кавга.

Во целата приказна бев и домаќинка, заедно живеевме, а тогаш имав само 18 години и јас перев, готвев, чистев и тој пак, беше незадоволен од мене. После една година ми раскина со изговор дека сум мала и дека не ги разбирам добро работите.

По два дена разбрав дека ме лажел со друга и дека официцијално има нова девојка. По период од пет месеца повторно се појави во мојот живот, ми се извини за целата тортура, но јас тука многу попуштив и пак почнавме тајно да се гледаме.

Почнав да се затворам во себеси, криев од моите родители, тој не сакаше јавно да се гледаме, со изговор дека не е спремен, дека може само глупост да се направи од целата ситуација. Го снема повторно и по одреден период пак истата приказна…

Помина цела година така, а јас немам довоно храброст да ставам крај. Последната ситуација беше пред една недела кога пак ми се јави, но овој пат сакал другарски да види до каде сум со животот, и ме обвини дека јас пак погрешно ги сфаќам работите и дека јас сум таа која прави драми..

Мислам дека вака повеќе не мозам да издржам, повторно хаос во мојот живот, немам волја ни желба за ништо, а од друга страна кога сум без него, односно кога не ме бара супер си функционирам, супер студент сум, работам…

Не можам веќе истото да го поминувам, само лоши мисли имам во главата. И уште ова сакам да ти го напоменам: не сум била со никој друг и за тоа немам храброст и се ми се чини дека никогаш нема ни да можам да бидам со друг.

К.Ј.

К.Ј. дарлинг, многу од жените прифаќаат секс со бившите само од една причина – бараат шанса за негово враќање во нивниот живот. Се ќе сторат притоа за да му докажат што тој всушност, губи кога не е со нив. Тој ја прифаќа играта – мажот ќе се согласи на се, за исполнување на своите сексуални потреби, но никако не треба да се заборави дека таман со часови да „стоите на глава“ тој нема да ја смени својата одлука. Нема никогаш да се врати „засекогаш“, ќе ве напушта одново и одново… А вие по секоја средба ќе бидете уште поповредени, уште пообезвреднети, уште поискористени.

Релациите треба да не радуваат. Да не не заморуваат, туку да не прават посилни. Не да се трошиме, туку да црпиме енергија од нив. Вие сте во лоша врска и под итно треба да ја прекинете и да не го губите своето скапоцено време и понатаму. Што било – било, продолжете без да се обѕрнувате наназад. Самите признавате дека без него сосема добро функционирате, а тоа што само со него сте биле интимна, ама баш ич не е битно. (Патем, без споредба не може ни да знаете што е добро.)

Размислувајте за себе. Што толку ви „недостасува“, а тој навидум, тоа ви го „надоместува“? Зближете се со некој кој има слични проблеми, но одалечете се од оние кои не се способни да си го контролираат сопствениот живот.

Ви требаат оптимисти, а не малаксани амеби, кои се помируваат со ситуациите. Повторувајте си секој ден дека сте супер, дека сте добар човек со мирна совест, дека се ќе биде океј и дека еден ден ќе ја најдете својата компатибилна љубов. Некој кој не ве зема здраво за готово. Некој посебен, кој ќе ве третира со почит. Како што и заслужувате.

Премногу сте млади за да се плашите дека ќе останете сами. Грев е некој да биде толку тормозен на таа возраст. Разговарајте отворено со родителите, со секој што може да ви помогне. Не тагувајте осамено.
Имате потенцијал, желба и голема шанса за подобар живот. Ваше е сето време на светов. Почнете квалитетно да го трошите. Не дозволувајте тоа да биде во корист на некој друг…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *