Сутерен.мк

Седуммина Македонци се милијардери

На листата на српскиот магазин „Недељник“ со 100 најбогати луѓе во регионот се најдоа седуммина македонски бизнисмени, од кои највисоко котира Илија Гечев од ИГМ Трејд. Тој е на 18. место на листата со проценето богатство од 1,054 милијарди евра. Вкупно, богатството на овие седуммина Македонци, српскиот магазин го процени на 3,26 милијарди евра.

На 38. место на листата на „Недељник“ е Живко Мукаетов од Алкалоид (651.330.600 евра), додека на 45. место е Андреа Јосифовски од Макпетрол (565.501.055 евра). Потоа следуваат: Гоце Камчев од КАМ, Страшо Милковски од Гранит, Слободан Кутревски од Пекабеско и Владимир Тодоровиќ од Тинекс.

„Недељник“ ја состави листата на 100-те најбогати луѓе во регионот во соработка со две реномирани консултантски фирми кои работат на њујоршката берза.

„Недељник“ вели дека листата не покажува колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат ако ги продадат денес.

Хрватскиот „крал на осигурувањето“ Дубравко Гргиќ е најбогатиот човек во регионот, според листата на „Недељник“. Гргиќ, кој ја предводи групацијата „Аграм“, има богатство од 2,84 милијарди евра, па следуваат српските бизнисмени Миодраг Костиќ и Мирослав Мишковиќ со по 2,77 милијарди евра.

„Недељник“ заклучува дека листата покажува дека и натаму важи некогашната југословенска поделба на развиени и неразвиени, бидејќи економиите на Црна Гора, БиХ и Македонија се далеку зад оние на Хрватска, Србија и Словенија. Нееднаквоста е најизразена во Црна Гора, каде што имотот на петтемина најбогати вреди 1,7 милијарди евра, што е 35,4% од БДП, додека во Македонија ова изнесува 23,9% од БДП.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *