За прв пат во историјата на ски спортови во Македонија, нашата претставничка Ана Цветановска освои бодови на Светскиот куп кој се одржа на 17-ти и 18-ти декември во Давос – Швајцарија. Младата македонска скијачка со 39-тото место во дисциплината спринт освои 12 бодови, а на 20 километри беше 45-та и освои шест бодови. На натпреварувањето на Светскиот куп во две дисциплини освои 18 бодови, со што ја издигна Македонија на 22-то место на светската ранг листа.
Интернациналната скијачка федерација (ФИС), од оваа сезона го зголеми прагот на натпреварувачки кои освојуваат бодови во Светскиот куп, а тоа го искористи Цветановска и ги донесе првите бодови за Македонија.
„Амбициите ни се Ана да биде најдобра на Балканот. Оваа сезона имаме Балкан куп натпревари во Србија, Грција, Турција, Романија, Хрватска, БиХ и Македонија. Доколку ја оствариме зацртаната цел и бидеме први, од ФИС ќе добиеме бесплатен транспорт и смештај за Ана на сите Светски купови кои ќе се одржат наредната сезона“, вели нејзиниот тренер Борче Јовановски.