Сутерен.мк

Маск се повлекува од Твитер

Илон Маск, сопственикот на Твитер, одлучи да ги послуша корисниците на оваа социјална мрежа и да замине од челото на компанијата. Тој ќе остане на позицијата извршен директор само додека не најде замена.

Откако резултатите од анкетата што ја почна на Твитер покажаа дека најголем дел од корисниците сакаат тој да отстапи од местото шеф на Твитер, Маск изјави дека ќе ги почитува резултатите и ќе остане директор додека не најде некој кој ќе биде негова соодветна замена.

Притоа, тој не откри кога ќе се случи тоа, но вели дека ќе отстапи од чело на компанијата кога ќе најде некој што е доволно луд за да ја прифати оваа работа и потоа единствено тој ќе управува со тимовите за софтвер и сервери.

Засега не се споменува дали можеби се одлучил да го продаде Твитер, па луѓето шпекулираат дека можеби новиот директор ќе има само симболична улога во компанијата, колку само да не го критикуваат заради тоа што го прави внатре во компанијата.

Сево ова се случува откако Твитер прими опасни удари. Околу 70 отсто од вработените или се отпуштени од работа или дадоа отказ. Огласувачите побегнаа од платформата затоа што добија слобода троловите и говорот на омраза, а модерирањето на содржините и безбедноста целосно стагнираа.

Компанијата се соочува и со се поголем притисок на владата на САД на многу полиња, па Маск изгледа конечно сфати дека едноставно не е подобен за управување со социјалната мрежа ако навистина сака да ја спаси од потонување.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *