Сутерен.мк

Завист и здодевност

Фејсбук с(р)еќавања…

Во едно црвено, вторнично утро доаѓаш до точката кога ти е јасно, дека собирањето искуство е бесполезно и не е никаква гаранција за мир и нема крајна цел, како такво.
Сфаќаш дека мирот не е вреден за она што го одбиваш.
Се лутиш по малку, зошто човек не се раѓа со вградена далекувидна рамнодушност.
Се повеќе се препушташ на (не)милоста на секојдневието.
Всушност, вистината е дека јас многу се досадувам…
А некој умен писател потенцирал: “здодевноста е другото име на виталноста.”

****
Повеќето својата завист ја пласираат како морал и им квачат над главите на оние, на кои нешто вредно за раскажување им се случува во животот и кои навистина, направиле некакви макети од соништата со пластелинот што им бил доделен.
Олабајте вие, што од татковата (не сте имале храброст да ја наречете ни мајкина) куќа сте се транспортирале директно во таа на сопругот, а потоа некој василевс во вашето опкружување, ви обезбедил здравствено, пензиско и козметичко осигурување до смрт. Тоа се вика – доживотно вработување со ризик нула.
Така, ќе истерате 30 – 40 години во една иста фирма слугувајќи и не правење ништо по што ќе ве запаметат децата, ама што е тоа во споредба со „завесите во дневна“ и статусот – „мене ми чисти жена“?
Истото важи и за оние, што едвај дочекаа да ги прогласат технолошки вишок, па до смрт не мрднаа со прст да направат исчекор плус. Само чекаа(т) да умрат.

И никогаш, ама баш никогаш, нема да дознаат колку, како, со кого можеле…

А можеби и толку е потенцијалот, да се биде само статистичка бројка. Здодевна, позитивна нула.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *