Со заминувањето на британската кралица Елизабета Втора, која во своето седумдесетгодишно владеење беше сведок на Втората светска војна, Студената војна и големите технолошки промени е уште еден чекор кон разделбата со 20-от век. Но, пред сè, смртта на кралицата е голем прекин со сеќавањата на Втората светска војна
Можеби Британските монарси сега имаат помала вистинска моќ, но Елизабета Втора беше траен симбол на 20 век. За тоа зборува и фактот дека нејзиниот прв премиер беше Винстон Черчил, дека го запознала првиот човек кој полетал во вселената, Јуриј Гагарин, и дека остварила историски посети на новите нации создадени на урнатините на Британската империја.
Нејзината смрт на 96-годишна возраст е уште посимболична бидејќи се случи нешто повеќе од една недела по смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов (91), уште една икона од минатиот век, кој дозволи распад на СССР и олабавување на рускиот пристап кон источна Европа.
Нивните заминувања се случуваат во време кога светот се опоравува од пандемијата на коронавирусот, но и страшната руска инвазија на Украина, која ја оживеа вознемиреноста од нуклеарна војна и кој станув свесен дека климатските промени можат да ги уништат надежите на оваа и идните генерации.
„Тие беа централни фигури какви што тешко дека ќе видиме повторно“, рече Жил Гресани, директор на француското геополитичко списание „Ле Гранд Континент“. „Живееме во меѓурегнум – простор меѓу две владеења, две епохи“, додаде тој. „Често го чувствуваме овој страв и вознемиреност бидејќи многу добро знаеме дека светот се менува поради пандемијата, војната во Украина, тероризмот, економските кризи и климатската криза“.
Кралицата Елизабета Втора е погребана до нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести и другите членови на семејството во замокот Виндзор надвор од Лондон, по државниот погреб во срцето на британската престолнина, на кој присуствуваа многу светски лидери.
Постепено, светот се збогува со сето она што сè уште го поврзуваше со 20 век, а само неколку икони се уште се живи. Нелсон Мандела, кој се бореше за укинување на апартхејдот во Јужна Африка и стана нејзин прв црн претседател, почина во 2013 година.
Кубанскиот револуционерен лидер Фидел Кастро, кој ја водеше својата земја половина век и беше икона на Студената војна, почина во 2016 година. Џими Картер (97) е единствениот поранешен жив американски претседател кој владеел исклучиво во 20 век. Тој имаше турбулентен мандат за време на кој со Исламската револуција беше тргнат од власт иранскиот Шах. Неговите наследници, Роналд Реган и Џорџ Х. В. Буш, починаа во 2004 и 2018 година.
Далај Лама, духовниот водач на Тибетанците, кој живее во егзил во Индија од 1951 година, кога пропадна тибетскиот бунт против кинеската власт, има 87 години и сè уште работи, но големото прашање е што ќе се случи со неговиот наследник.
Дваесетиот век сè уште некако се држи на полето на културата. Пејачот на „Ролингстоунс“, Мик Џегер (79) сè уште настапува со својот бенд, додека иконата на „Битлси“, Пол Макартни (80) продолжува да води успешна соло кариера, па оваа година настапи на фестивалот „Гластонбери“ на голема радост на своите фанови. Активен е и нобеловецот Боб Дилан.
Самата кралица беше симбол на свртувањето кон модерното време. Нејзиното крунисување во 1953 година беше првиот голем настан што беше емитуван на телевизија низ целиот свет, а нејзината прво телевизиско божиќно обраќање во 1957 година го отвори патот за другите светски лидери.
Но, пред сè, смртта на кралицата е голем прекин со сеќавањата на Втората светска војна, конфликтот што нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести го поминал заедно со неговите ќерки и други лондончани во бомбардираниот Лондон.
„Кралицата директно учествуваше во победата во 1945 година. Тоа што бевме меѓу победниците во 1945 година остави силен белег на идентитетот на Обединетото Кралство и кралицата го отелотвори тоа до нејзината смрт“, рече Томас Гомарт, директор на Францускиот институт за меѓународни односи. „За мене смртта на Елизабета Втора на некој начин го означува крајот на Втората светска војна“, рече тој.