Вања Ѓорчевска исчезна во понеделникот утрото во Скопје на пат кон училиштето „Песталоци“ во близина на Дебар Маало. Последен пат била забележана на булеварот Партизански одреди пред „Броз кафе“, од каде што ѝ се губи трагата.
Девојчето е високо 175 сантиметри, тешко 58 килограми. Има темнокафеава коса, кафеави очи, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Пред исчезнувањето била облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носела школски ранец и мобилен телефон ајфон.
Шести ден се трага по исчезнатата Вања Ѓорчевска.
Во пребарувањето вклучени се стотици полицајци, граѓани, ловџии. За Вања распишана е и потерница на „Интерпол“.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера изјави дека за пронаоѓање на 14-годишното девојче досега пребарано е речното корито на Вардар, сите подрумски простории, не само во околината туку и пошироко, добиени се информации од околните цркви и манастири, подигнати се камери, а ислушани се и голем број лица.
„Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, од некои од нив се земени податоците. Имаме одредени податоци од овие уреди, кои може да бидат од помош на истрагата и целата постапка“, рече Спасовски.