Сутерен.мк

Шкртки за алкохолот

Се уште во „релаксацијата со малигани“ предничат мажите што се должи пред се, на патријахалните традиции, но тоа не значи дека жените не пијат, туку тоа го прават подискретно и по се изгледа, „подоцна“…

  • Имено, истражувачите од универзитетот во Кардиф, Шкотска имаат студија според која жените кои влегле во четириесетти години од животот имаат исти пијачки навики, како мажите кои се на крајот на своите 20 – ти. Според нивните испитаници, кај мажите концентрацијата на алкохол (таман колку за болнички третман) била највисока меѓу лицата на возраст од 29 години, а нивото се намалувало, како што се намалувала возраста. Наспроти ова, кај жените процентот на алкохол на крвта расте како што се зголемува возраста, а највисок бил кај оние од над 40 години.
  • Според некои неофицијални податоци во Македонија се пие шест до седум литри вино годишно по глава на жител што, споредено со светот е многу малку. Ние, најмногу и сме „наклонети“ на ракијата и пивото, што е веројатно, последица на материјалната состојба на населението, но и на едукацијата, културата, традицијата. Дури и кога се пие вино, тоа се меша со минерална вода, со сок…
  • Се повеќе во конзумирање на алкохолот наликуваме на западниот свет. Темпото на животот, европското работно време, трката по заработувачка, стресот, ги диктираат и ваквите навики, што значи, се почесто нашиот народ се опива само за викендите. Причина плус за сменетите „термини“ можеби е и тоа што порано труењата со алкохол амбулантите ги третирале бесплатно, а сега за сите намерни труења се плаќа целиот износ на здравствената услуга – од прегледот до третманот и терапијата.
  • Кај нас најчесто, оние што имаат проблеми со алкохолот се затвораат во болници, каде што ги лечат невропсихијатри (една специјализација за алкохолог чини околу 30 000 евра, а тој што ќе ја заврши, знае дека тука нема големи бизниси), па ги праќаат после во некакви здруженија и на крајот, истите тие нивни пациенти, повторно му се враќаат на алкохолот! Затоа што, проблемот не бил воопшто, никогаш ни решен. Туку, само потпикнат под черга. „Пациентот“ е уредно обележан како алкохоличар во здравствената книшка, но доколку сте некој фактор во државава, ќе ви биде наведено дека сте „лекувале бубрези“!
  • Во последно време оваа зависност уште се нарекува и “стил на живеење“. Многу луѓе не можејќи да ги решат своите лични конфликти прибегнуваат кон употреба на разни алкохолни пијалаци за да си ја олеснат внатрешната напнатост. Не треба да се игнорира и податокот дека многумина посегаат по чашката од чиста – здодевност.
  • Најстариот познат пишан закон се чини е законот на Хамбурабиј од Вавилон (2 000 години п.н.е.) со кој е регулирана продажбата на пиво, воспоставени се стандардите за мерка, како и заштитата и одговорноста на оние кои го продаваат и конзумираат. Единствени делови на светот каде што за алкохолот не знаеле биле Северна Америка и Океанија, кои немале допир со овие напитоци се додека не стапиле во контакт со колонизаторите.
  • Чистиот алкохол е дестилиран во 1 400-тата година и е наречен „спиритус вини“ и добива широка примена во медицината. По еден век Русија ја развива технологијата на дестилација и на тогашна Европа наголемо и нуди ефтина вотка, што пак, ќе придонесе до производство на џин. Со индустриското производство, алкохолизмот особено се проширил во рударските средини и идните индустриски центри, па кон крајот на 19-от век почнуваат да се формираат и првите друштва за борба против оваа зависност.
  • Според некои истражувања најмногу пијат Европејците (словенските народи предничат, а веднаш по нив се Германците). Рангирањето е извршено врз податоците за процентите на „ризичните навики на пијанчење“ на жителите на вклучените земји и поради високиот процент на смртни случаи, како последица на цироза на црниот дроб. А најмалку пијат – Азијците.

Б.Д.Н.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *