Сутерен.мк

Ана Бунтеска: Ниночка

Ја имаше одминато заедно со чекорот низ времето. Само одвреме навреме мирисот на толку препознатливата болка му доаѓаше во ноздрите, носејќи го во едно далечно, а сепак блиско време, во една нова, а сепак стара и не толку дамнешна димензија.
Жештината му ја спржи кожата на прстите, оставајќи црвенило кое пулсираше. Го остави филџанот со чајот од нане и погледна околу себе. Во ресторантот имаше преполни маси, на чии чаршафи се тркалаа муабети, насмевки и гестикулации. Ја обожуваше вревата околу себе, секогаш седејќи сам, а честопати се обидуваше да го замисли животот на луѓето кои секоја вечер ги гледаше додека го испиваше последниот чај пред да замине дома.
Пригушеното светло ги боеше со жолто – портокалова топлина лицата околу него, развлекувајќи ги во нови облици. Мирисот на напола изгорените цигари му се пикаше во носот, а го вдишуваше заедно со звуците на музиката. Се заврте околу себе со поглед барајќи го келнерот и замавна со раката која остана да лебди во воздухот, а остра болка му го пресече стомакот. Тој, тој толку познат профил со мало прчесто носе и мека медова коса која едвај ги допираше нејзините раменици.
Ниночка…
Името и’ го беа дале по еден стар, црно-бел филм со глумицата на која никогаш не и’ го беше запаметил името, а нејзиниот лик му беше во бледо сеќавање.
Неговата Ниночка со тен толку бел и порцелански нестварен, што некогаш помислуваше дека може да гледа низ неа.
Ниночка со своите стаклесто зелени очи… Ниночка која секоја зима сакаше да биде Снежната Самовила со пердувесто бел фустан и стаклени чевличиња.
Полека стана и со нозе тешки како олово се упати накај неа. Со секој чекор беше се поблиску до ликот кој го прогонуваше години наназад. Застана пред неа… нејзините тенки прсти ја држеа чашата преполна со коцки мраз кои блескајќи се претопуваа со темножолтиот пијалак.
“Ниночка” – тивко изусти… таа не го слушна, ниту ја почувствува топлината во неговиот глас. Ја допре по косата, чувствувајќи ја како му се лизга низ прстите. Нејзините прсти се згрчија, испуштајќи ја чашата која со тресок падна на подот. Ја заврти главата накај него, заробувајќи го со стаклесто – зелениот поглед кој му продираше во душата.
Чуден грч и’ го искриви лицето… се појави нешто налик на насмевка. Лузната која се протегаше низ целиот образ, од окото до работ на усните и’ го прекри лицето со брчки.
“Прости” – промрмори тој – ”ме потсети на…не е важно” – мачно изусти, не можејќи да го тргне погледот од розеникавата бразда.
Таа не одговори, само ја спушти главата. Тој се заврти и зачекори…
“И ти наликуваш на некој кој одамна го познавав”- тивко прошепоти таа.
‘’Не е возможно… истиот глас, истата развлеченост на зборовите”- помисли тој.
Ја гледаше и не почувствува кога зборовите започнаа да истекуваат од него….
“Ја запознав пред 7 години. Ниночка се досели во мојот град едно зимско утро, носејќи долг црн капут и зелен шал, толку долг што ресите ја сопнуваа во одот. Паметам дека помислив дека тоа беше најдолгиот и најзелениот шал што сум го видел во животот. А таа, таа беше едноставно прекрасна. Се вљубив во неа уште во првиот миг кога ја видов. Заради неа започнав да читам поезија и да гледам црно – бели филмови на кои таа честопати плачеше, а еден дел од мене и се потсмеваше. Ја сакав нејзината невиност и наивност со која го живееше животот. Ниночка беше ангелот кој ја допре мојата душа, но никогаш не ја смени. Јас отсекогаш бев малку злобен и себичен. Преќутно се договоривме дека што и да направам секогаш ќе се враќам кај неа. Имав и други жени, честопати туѓи мириси и празнотии се впиваа во моите пори, а таа ме чистеше со својата љубов. Не можев, не знаев поинаку… тоа беше моето проклетство чија моќ ме тераше да заборавам на сите ветувања. Не, Ниночка никогаш не побара да и ветам, да и припаѓам целосно. Ветувањата беа пред мене и исчезнуваа после неколку испиени пијалоци. Се мразев себе што сум слаб, а неа уште повеќе заради силата и цврстината на нејзината љубов кон мене.
По некое време почнавме да живееме заедно… го сменив местото, но не и навиките. Ја оставав да ме чека и по цела ноќ. Се враќав в зори, наоѓајќи ја заспана на каучот во дневната соба. Ах, Господе…. толку сакав да стане, да ме удри, да вика…сакав се, освен поспан поглед полн со среќа што сум повторно дома.
И купив куче. Мало, влакнесто топче кое веднаш го нарече по мене. Не го купив за неа, туку за себе… нешто како оправдување дека сепак има кој да ја забавува кога јас не ќе бидам дома.
И никогаш не помислив дека нештата можат да се сменат. Живеев прекрасен живот, токму онаков каков што сакав отсекогаш… а во суштина бегав, од себе, од неа, од помислата на тоа во што се престорив.
И како по некое клише, секогаш пресвртите се случуваат тогаш кога човек најмалку се надева. Беше зима, толку студена зима, знаеш… онаква за која честопати велат дека куче и маче спијат заедно. Во лифтот ги бришев остатоците од нечиј црвен кармин, подместувајќи си ја кошулата. Влегов дома… не ја најдов на каучот. Остриот ветер ги поткреваше завесите од терасата. Таа стоеше надвор, облечена во тенка ноќница, а прстите и беа цврсто обвиткани околу оградата…
’Можеш ли да го вкусиш небото? Или да го допреш? Знаеш, ти беше моето небо кое никогаш не успеав да го допрам’ – ми рече и влезе во собата.
Зборовите ми стоеја во грлото… не можев да тргнам по неа. Знаев дека го навлекува на себе долгиот црн капут и дека го обмотува најзелениот и најдолгиот шал на светот… знаев дека си оди… знаев дека веќе одамна беше замината кога влегов повторно во собата. Единствено нешто што ми остана од неа беше оној смешен шал, кој и се беше лизнал од вратот.
Никогаш повеќе не ја видов, не ја побарав. Немав повеќе право да ја побарам назад. Нема ден да не помислам на неа, нема ден, а од некаде да не го почувствувам нејзиниот мирис. А ти… ти толку наликуваш на неа…. освен…”-застана и со прст нежно ја допре нејзината лузна.
“Не знаев дека се уште го чуваш тој глупав, стар шал”- се искриви нејзиното лице, “не бев сигурна дека си ти, си се изменил, таа лузна…таа лузна на твоето лице”- промрморе таа низ солзи.
Тој почувствува дека тоне. Нејзиниот глас се изгуби во бучавата во неговата глава, а џагорот и музиката беа се посилни и посилни додека слепоочниците му прскаа од болка.
“Погледни” – рече таа – “погледни околу себе и види ги сите овие уништени лица… не останало повеќе место за лузни во душата”.
Тој ја крена раката и се допре по лицето. Под прстите ја почувствува меката рана која се растече, оставајќи леплив мирис на крв. Го почувствува врисокот кој му се качуваше по грлото и ….

Се разбуди сиот облеан во пот и солзи. Таа спиеше до него, лежејќи на стомак. Рацете му се тресеа во треперливиот ритам на дишењето. Ниночка не се разбуди, само малку се згрчи во постелата.
Стана и тетеравејќи се во темницата се упати кон купатилото. Го запали светлото. Огледалото беше исчезнало. Се стрча кон собата. На местото каде што Ниночка ги пробуваше своите фустани, стоеше голема слика.
Падна на колена. Почувствува како топла мокрача истекува од него… го стегаше во градите, остра болка му го запираше дишењето… легнат на подот, со последните сили успеа само да ја напипа закоравената лузна на лицето…

Со години потоа се зборуваше за неговата смрт. Луѓето ја величаа љубовта на Ниночка кон него. Таа се омажи дури после 10 години. Нејзиниот избраник беше добар човек, дури подобар од претходниот, но тоа никој не го кажа гласно. Единствено, со тивок шепот и доза на жалење зборуваа:
“Сепак, од толку многу додворувачи можеше да најде некој кој е како другите… тоа убаво и мазно лице не е многу убава глетка”.

(Авторката не е “жена, мајка, кралица”, туку мајка, економист и пишувач. Родена е во 1972 година. Со цел.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *