Сутерен.мк

Што е љубов? (3)

Љубовта станува илузија за љубовта, односно страдање кога личноста ќе ја замени љубовта со личната вредност т.е. со намерата да се компензира чувството на помала вредност или безвредност.Тогаш љубовта станува дрога, страдање, зависност.

Човекот станува депресивен затоа што не ја гледа разликата помеѓу својот вистински идентитет и негативните модели што тој ги доживува како свој вистински идентитет. Поради таа несвесна идентификација личноста ја гледа својата реалност како една и неприкосновена, таа им верува на своите негативни чувства и во нив гледа потврда за своето страдање. Така се создава маѓепсан круг на страдањето. Меѓутоа, страдањето е илузија, човекот кој се измачува живее во погрешни убедувања, во илузијата на љубовта. Доказ за тоа се многумината кои се излечиле од депресијата кога радикално го промениле својот начин на гледањето на себе, сопствениот идентитет, љубовта, смислата на постоењето…

Љубовта се добива на подарок, таа е бесплатна и сосема незаслужена. Со заслуга се добиваат бенефиции, пофалби, пари, восхитување, но не и љубов! Ако е некој способен да ви даде љубов, ќе ви ја даде. Некој кој не умее или не може да ви даде љубов нема ни да ви ја даде, затоа што не може некој да ви даде нешто што го нема. Така што, нема потреба да се трудите да заслужите нечија љубов. Наместо тоа, љубете вие први, бидејќи тоа нужно подразбира давање без очекување да ви се врати, а секогаш се враќа.

Не се сите луѓе еднакво способни за љубов, како што не се ни сите исто интелигентни, високи, синооки или здрави. Способноста за љубов се базира врз способноста за емпатија. Емпатијата е органот на љубовта. Емпатичноста зависи од гените и од средината/учењето. Најголемиот број на луѓето се во средината, а мал број претставуваат екстреми. Екстреми се оние кои се премногу емпатични, сензитивни и оние малку или ни малку емпатични и нечуствителни за другите.

Преголемата емпатичност е и дар и проклетство во исто време. Ваквата личност може полесно да почувствува многу нешта, но истовремено таа е и многу ранлива и повеќе подложна на негативните обрасци на љубовта. Затоа таа мора да научи да се брани, да ги зацврсти своите граници и да го прошират својот идентитет. Од друга страна се оние кои се дефицитарни со емпатија или ја немаат воопшто. Нив ги нарекуваме пореметени личности – психопати, нарцисоидни, антисоцијални, параноични… Тоа се луѓето кои прават разни зла и им нанесуваат болка на другите и себеси.

Едноставно речено, илузијата за љубовта се базира на премисата дека вредиме онолку колку што другите не сакаат, прифаќаат или одобруваат. Наместо да бараме прифаќање од другите можеме да се прифатиме самите себеси безусловно и на другите да им даваме љубов наместо да ја бараме. Давањето љубов е она што ни носи вистинско исполнување!

Единствените две духовни вистински потреби што луѓето ги имаат се давањето и слободата, а тие заедно ја сочинуваат љубовта. Сите дела, творештвото, произлегуваат од љубовта. Сфаќањето на љубовта нужно влијае и врз сфаќањето на сопствениот идентитет. Сите психички страдања се во човекот, во неговиот идентитет, а не во светот и другите луѓе. Кога луѓето ќе сакаат колективно да се менуваат и да работат на промената на својот идентитет и ширењето на љубовта, ќе завладее влагосостојба на планетата, а неемпатичните личности веќе нема да можат да владеат со светот бидејќи ќе бидат малцинство.

Д-р Владимир Мишиќ, психолог и психотерапевт

(крај)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *