Сутерен.мк

Ѓорѓи Личовски: Врамување на животот

Овој фоторепортер, како непоправлив вљубеник во спортот, секогаш приоритет и давал на спортската фотографија, но најголемите признанија, што ниту еден друг негов македонски колега не ги добил сепак, ќе му бидат врачени за „заробените“ моменти од конфликтни политички ситуации!

Фоторепортерот Ѓорѓи Личовски (52) е припадник на онаа стара, добра школа на новинари, какви што веќе оддамна не се произведуваат. Иако, тој не се согласува со оваа дефиниција, па ќе ве разубедува дека има многу млади негови колеги со потенцијал сепак, на потписничката на овие редови, кој Личовски го познава колку што и самата е во новинарството, колку и да и е субјективен ставот стои упорно зад кажаното. Зошто? Затоа што Ѓорѓи е од оние генерации на фоторепортери кои новинарскиот занает го учеа од не само врвни професионалци, туку од пред се, големи луѓе. По вертикала. Тимски работници, чија суета произведуваше конкуренција, ученици кои стануваа учители, солидарни колеги, а сепак, достоинствени индивидуалци.

Токму затоа баш и не е за изненадување фактот што после 25 години кариера (иако и пред тоа има бројни домашни и меѓународни награди), ги доби највисоките светски признанија што се доделуваат за новинарска фотографија. Минатата година, за неговото документирање на мигрантската криза на македонско – грчката граница ја освои првата награда на УНИЦЕФ – „Најдобра фотографијанза 2015“, златен медал на Кинескиот меѓународен прес фото натпревар, прво место на 13 – от по ред Меѓународен фото – конкурс „Марко Лучета“ во Трст, Италија, беше главна ѕвезда на престижната Интернационална изложба на фотографии во Валенсија, Шпанија… Беше на листата на најдобрите десет фотографи на магазинот „Тајм“ (покрај веќе прогласената негова фотографија на месецот), фотографија од неговиот објектив се најде на топ 20-те на „Гардијан“, „Волстрит џурнал“ го вброи меѓу стотте највлијателни фоторепортери, а „Ворлд прес“, најважното глобално признание во светот на фотографијата го внесе во најтесниот избор за нивната награда. Личовски не ја доби, но и со тоа што веќе влезе во кругот на „еднаквите“ е повеќе и од официјално одликуван.

  • Сигурно сте многу горд на себе по сите овие признанија?

– Радосен сум секако. Горд сум на својата професија, на колегите зашто, ова на некој начин е признание за сите нас особено, за нас од Македонија. Зашто ние мигрантската криза ја следевме локално, а нашите колеги од светот ја следеа низ целото нејзино патешествие. Убаво ми е и благодарен сум на сите колеги што беа покрај мене за тоа повеќемесечно „бдеење“ врз случувањата со мигрантите! Без нив, без нивната поддршка, немаше ни да бидат создадени наградените фотографии! Меѓутоа, по малку сум и тажен…

  • Зошто?

– Фотографиите се само миг, заробен здив на животот, но тешко може од нив да се види целиот контекст, што претходело и што следело. Добив ловорики за фотографија од која многу лесно можат да се извлечат погрешни заклучоци. Морам да кажам, бидејќи бев инволвиран во мигрантската криза од самиот почеток, дека нашата полиција беше крајно коректна кон бегалците, а тие тоа и не беа баш секогаш. Имаа тактика да ги пуштаат во „прва линија“ децата, па жените, а последни беа возрасните мажи кои таа невина толпа ја туркаа напред. Полицијата го правеше она што и е и обврска и наредба, но навистина, македонските полицајци беа повеќе обѕирни кон нив отколку обезбедувачите на границите на другите земји.

  • Значи ли тоа дека не важи она „една фотографија, илјада зборови“?

– Сигурно дека важи, но не и дека без исклучок, важи! Како и во пишувачкото документирање, така и во фотографското т.е. во новинарството – не може тотално објективно, но мора да е професионално!

  • И, до кај сме денес со професионалноста?

– За жал, до никаде. Годините на професионално новинарство се оддамна поминати. Како и во другите сегменти на нашето општество, така и во медиумите стана приоритетен профитот, привилегиите, инстант – популарноста, величењето на сопственото его, а не правото на достапноста на реалната информација, размислување, разменување на мислења, што е основа за секоја развиена и цивилизирана заедница. Не назадуваме, но не одиме ни напред.

  • Имате ли „рецепт“ како да се променат нештата на подобро?

– Сега и овде, никого не го интересира мислење на човек кој е на моја возраст. И тоа е во ред, но од друга страна пак, има многу млади колеги кои навистина имаат потенцијал, но нема кој да ги подучи. Новинар со пет децении не може веќе да следи толку итензивно настани како некој 25 – годишен, но може да создава кадар, да развива генерација на професионалци кои ќе го надминат. Тоа е развој, успех. Така се создаваат големи медиумски брендови. Секогаш имало и ќе има приучени и недоучени, а со демек, „респектабилна“ возраст. Не зборувам за нив, зборувам за оние кои новинарството го учеле на терен, на улица, справувајќи се со секакви „ликови“ и состојби. Сега е секој „сам свој мајстор“: своја опрема, свое возило, мултитаскинг личност, свои извори… Чиста импровизација! Ако сакаме сериозен професионализам, треба да има и сериозни, професионални услови за работа!

  • Па добро, како напредува технологијата така, човечкиот фактор станува се понебитен…

– Да, ама се уште зад компјутерот, оној што го отчукува текстот, како и зад камерата, колку и да е таа современа, стои човекот и неговите чувства, мисли, информации, животни околности…

  • Вистина, слава или пари?

– Уф, тешко прашање. Има моменти кога се двоумам меѓу овие избори… Ајде вака: јас никогаш не сум претендирал ниту сум сакал да бидам арт – фотограф дури, ни брејкинг – њуз фоторепортер. Отсекогаш најголема љубов ми бил спортот. Со спортското фоторепортерство добиваш и внимание и насловни, но главно, тоа се рубрични. Со брејкинг – њуз фотките добиваш „дуплерици“ во „Тајм“, насловни на светски магазини (што е особено тешко зашто, тие си имаат свои, редовно вработени фоторепортери) значи, светска слава. Можеби звучи нескромно, но сето тоа сум го имал. Сеедно, после Косовската криза и Македонскиот конфликт јас бев цврсто решен освен спортски настани да не следам ништо друго. Ми беше преку глава да гледам страдања, неправди, недоразбирања… Сум следел европски и светски спортски настани дури и на своја финансиска штета, само за да бидам присутен. Меѓутоа, се случија мигрантите, мојата сега веќе матична агенција, ЕПА, бараше фотографии иако, кризата се уште не беше интересна за светот и јас пак, „влетав“ во светот на главните вести. Тоа ми го донесе, тоа што ми го донесе. Важно е што јас не можев да одолеам на предизвикот. Накусо, сум мислел и на слава и на пари и на вистина, но она што ме води е страста кон професијата! Страста е одговорот.

  • А сте посакале ли некогаш да бидете папарацо фотограф?

– Прво, во Македонија е невозможно тоа зашто, вистински славни личности и не постојат. Најголемите ѕвезди кај нас се политичарите, а ако нив ги фатите во некоја „незгодна позиција“, поарно иселете се од државата, па после објавете ги фотките. А и кој ќе ги објави и плати?! Второ и, конечно – не! Не сум јас тип кој демне и ужива да начека некого во некоја негова човечка слабост. Сум „регистрирал“ јавни личноти во разни ситуации, но никогаш, навистина никогаш, не сум имал намера да ја злоупотребам таа фотографија! Главно, не ни ги чувам, а и тие што се сочувани, ниту знам кај се и зошто се воопшто, но едно е сигурно – никогаш не би искористил нечија човечка слабост, која не е на штета на пошироката заедница, за себепромоција, пари или што и да е!

  • Дали жанровски определените репортери се најдоброто решение за професионално информирање?

– Па, да. Најдобри се тие што се специјализирани за одредена област и тогаш има врвни резултати. Така е во светот, но кај нас сите работат се и сешто и тоа не е во ред. Ретки се луѓето во светот на фотографијата кои се добри во секој жанр.

Партнерство

Ѓорѓи Личовски е во брак со Славица (48) поранешна членка на „Танец“, со која ги има синовите Методија (25) и Сашо (23). Вели дека не би бил тоа што е, ако сопругата во целата негова кариера не го подржувала:

– Таа поддршка не значи само некој да ве „толерира“! Туку и да ве разбере кога сте уморен, нервозен, да ги заврши и вашите работи кои „традиционално“ само вам ви припаѓаат. Да ви верува, да не ве оптеретува со прашања кај, со кого, зошто, кога… беше. Поддршка значи партнерот да биде наместо вас, во семејството, во моментот кога вие не сте можеле да бидете.Поддршка не е само да се остане покрај партнерот, „про – форма“, туку да му се даде можност тој да напредува по цена на сопственото жртвување. Секако, тоа подлежи на претходен доовор. Јас имав среќа, како и со кариерата, така и во приватниот живот, да бидам во вистинскиот момент, на вистинското место и да ја одберам за мене, вистинската опција.

Од двата сина, помалиот, Сашо, веќе покажува интерес за фотографијата. Личовски не е возбуден околу тоа. Напротив, се согласува со се, што ќе одберат како свој животен пат неговите синови.

– Ниту сум радосен, ниту разочаран. Сакав да заврши факултет како и Методија зашто формалното образование стана премногу важно денес, но негов избор, негова работа. Се уште Сашо не е фоторепортер. Ехеј, уште колку има до тоа?! Сега слика свадби и добро е што така почнува. Од тие семејни веселби се учи многу. Најважното можеби – како да комуницираш со луѓе – вели Личовски.

Скалилата на успехот

Ѓорѓи Личовски како студент на Машинскиот факултет, за да си го надополни џепарлкот започнува да фотографира семејни веселби за фото – студио „Букле“. Набрзо сфаќа дека неговиот хонорар ги надминува заедничките примања на родителите – професори, по што се посериозно се занимава со фотографијата. Некаде во 1986 почнува да работи повремено за белградски „Спорт“, но редакцијата немала разбирање дека на младиот фоторепортер му треба и хонорар за сработеното. Му велеле да се стрпи, дека ќе биде награден за стореното, но Ѓорѓи едноставно, немал време за чекање. Во меѓувреме, тогашната НИП „Нова Македонија“ бара млади фоторепортери, па Личовски од 1989 година, санува член на најголемата домашна медиумска куќа, во тоа време.

– Мојот почеток во фоторепортерството во суштина датира од 1991 година, кога на препорака на новинарката Јасмина Миронски, ми побараа слики од „Франс прес“ (во тоа време, „Франс прес“ и ЕПА работеа заедно). Ги интересираа фотографии од заминувањето на ЈНА од тогашните републики. Им дадов фотки, но еден од „Франс прес“ побара да го придружувам на терен. Одам јас со него, сликам што и тој слика, во исто време на исто место… Направив 30-тина фотографии и му ги покажувам. Тој вели дека се ептен добри и ми покажува негови – три!? Сите мои ги искинав зашто сфатив дека во ни една моја од десетиците, го нема моментот што го има во неговите три!

Како и да е, од тој ден, Личовски станува постојан соработник во германската фото – агенција ЕПА, во која е и денес, но нагласува дека кога и да работел за македонски медиум (почнувајќи од „Нова Македонија“, па „Вест“, „Вечер“, „Република“…, ) првите и сите фотографии ги добивале доминицилните редакции, а потоа ЕПА.

– Е, сега, како главните уредници ги селектирале фотографиите е друго прашање! Мое беше да ја завршам работата. Сепак, морам да кажам дека во сите редакции имав голема поддршка и разбирање особено, за моите патувања, долги отсуства од редовното работно време зашто сликав (по налог и трошок на ЕПА) големи настани, но секогаш, секогаш главниот избор во мојот труд го имала мојата матична, локална редакција!

Личовски вели дека не копнее за ништо. Посакува неговите деца да си најдат радост во тоа што го работат, а си посакува и себе си уште предизвици за да не зачмае и влезе во рутина. За тоа има и енергија, а и волја. Сепак, жали само за едно нешто:

– Во „Нова Македонија“ влегов заедно со Андреј Гиновски. И двајцата под своја рака не зеде бардот на фоторепортерството, Живко Јаневски. Се научив од него! И за фотографија и, за животот! (Учев и од другите постари колеги секако, од другите редакции, но со Жиле ми беа првите крштевања.) Страшно ми е жал што не е тука, да ги види сите овие признанија зашто тие се и негови, тој е дел од нив. Се надевам барем, дека од некој ќош на небото ѕирка и се поднасмевнува…

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2016 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *