Професорката (1950, Дубровник) на Факултетот за драмски уметности во Скопје 30 години континуирано објавува тетролошки о книжено – историски текстови. Авторка е на повеќе теориски книги од областа на тетрологијата и на драматологијата. Таа е интелектуалец, феминистка, личност која занимавањето со политика со смета за залудно изгубено време и, сопруга на писателот Коле Чашуле…
- „Македонска крвава свадба“ – сто години потоа…?
– На 20 ноември оваа година се навршија точно сто години од мигот кога – во салата на софиската „Славјанска беседа“ – се крена завесата за да започне првата изведба на „македонска крвава свадба“, претстава што во текот на изминатиот век прерасна во вистински мит. Сметајќи дека е исклучително важно научно да го протолкуваме функционирањето на тој мит, пред нецели две години започнавме истражувања чиишто резултати се собрани во монографијата „Македонска крвава свадба – сто години подоцна“, симболички промовирана точно на денот на стогодишнината од овој пресвртен настан во македонската театарска историја.
Всушност, оваа книга е замислена и реализирана како критичко издание на драмскиот/театарски текст на Војдан Поп Георгиев Чернодрински. Мислам дека треба да се гордееме што – за првпат кај нас – еден драмски/театарски текст се објавува како критичко издание, со сета научна апаратура што едно такво издание ја подразбира: екстензивни драматуршки, драматолошки, театролошки и театрографски анализи, ама и сериозни јазички/лингвистички експертизи коишто целосно ја објаснуваат неговата појава.
- Читајќи ги вашите трудови се доаѓа до заклучок дека драмата не ја прифаѓате како книжевен род!?
– Не, заклучокот не ви е сосема точен. Ама, штом сте го извеле таков, ќе треба да појаснам: мене навистина не ми пречи што книжевните историчари и теоретичари драмата ја третираат како еден од оние три клучни литературни жанрови. Дури е и убаво што се занимаваат со нас толку загрижено. Ама – сепак, сепак – и тие треба да признаат дека, за разлика од лирската песна и од романот, во драмата има и нешто повеќе отколку што може да се прочита од нејзината „содржина на хартија“.
Или, како што вели теоријата, освен евидентната литерарност, драмата пред се, ја подразбира онаа иманентна/виртуелна театралност, којашто може да се „фати“ само преку нејзината сценска реализација. Театрологот – за разлика од книжевен теоретичар – во драмата ја чита претставата, а него чита нејзиниот текст. Накратко и сосема поедноставено: за разлика од колегите од Филолошкиот факултет, коишто студентите ги учат да читаат текстови, ние на ФДУ ги поттикнуваме да читаат претстави. И – тоа е тоа!
- Интересна е и вашата теза за заблудите на проучувачите на македонската драма!?
– Тие заблуди потекнуваат од два извора. Првиот, штотуку опишан, би можеле да го именуваме како филолошки: демек, драма е само книжевен текст и – зависно од доблестите на нејзината текстура ( со се тропи, фигури, метафори, метоними и останати реторички тракатанци) – треба да се проценува и нејзината „книжевна вредност“. Вториот е поопасен, бидејќи е попретенциозен, а би можеле да го именуваме како локалпатриотски: демек, нашата драматургија е исклучително вредна затоа што е автентично наша, само наша, ексклузивно наша, драматургијата каква што ди ја имаме можела да се артикулира само кај нас, во нашата мала културна средина, без какви било влијанија од десно – лево.
Ваквите „локалпатриотски“ предрасуди се особено нагласени околу македонската битова драматика. Напишав цела една дебела книга за да покажам дека се работи за сериозна заблуда и дека – особено кога е во прашање театарот – ништо не може да е докрај „автохтоно“ и „само наше“.
- Велите и тоа, дека ние бегаме од балканските театарски искуства, а другите напротив – ги искористуваат?
– Се вбројувам во оние коишто се фасцинирани од Балканот и од неговиот автентичен, неповторлив виталитет. Се погласно ја застапувам тезата дека театарот и можел да настане имено тука – на Балканот – само затоа што овој чудесно витален простор и неговата хиперсензитивна народна култура имале со што да го изранат осамостојувањето на цел еден нов медиум на културната комуникација.
Крајно време е да се запрашаме зошто оној мангуп Теспис – оној што пред 25 векови низ родното село Икарија собрал некаква тајфа истомисленици, ја качил на кола и тргнл нкај Атина, за да ја започне, пеејќи ги дитирамбите, европската театарска историја – зашто, имено, можел да го направи тоа што митовите тврдат дека го направил, Тука!
Круцијалното прашање за секој театролог е токму прашањето за она што се случува на Балканот пред да му текне на Тесписа да стане прв евробалкански театарски импресарио. Одговорот треба да го побараме во редиците се уште сочувани општобалкански обреди и обичаи. Сите се фасцинантни и – сите се неверојатно стари.
Мојот колега, археологот Никос Чаусидис, нивните корени ги бара во најдалечниот неолит. Седум илјади години пред нашата ера, четири илјади години пред пирамидите, шест илјади години пред Тесписа…
За да придонесеме кон растајнувањето на овие загатки, ние на ФДУ – или пак ние од идниот Театарски музеј на Република Македонија – сериозно се подготвуваме за идниот научно – истражувачки макропроект насловен како „Балканска театарска сфера“.
- Кој е мотивот за вашиот нагласен интерес за македонскиот театар и неговата историја?
– Пред 13 години дојдов да живеам во Македонија. И, како претходно едуциран театролог, веднаш разбрав дека дојдов на вистинското место. Можностите што ги нуди долгата театарска историја на оваа почва – пред се она етнотеатарска и паратеатарска, ама и онаа подоцнежна – такви се што ниту за три животи, мултиплицирани со животите на членовите на истражувачките тимови на барем три институти или музеи, не би успеале да ги искористиме сосема!
- Како е да се живее покрај човек кој за време на својот живот е влезен во литературната историја?
– „Литературната историја“ нема никаква врска со нашата заемна одлука – моја и на мојот сопруг – да живееме на еден едноставен и, веројатно затоа, прилично нетипичен начин: во среќен брак.
Бранка Н. Доневска
„Старт“, 2000 година