Сутерен.мк

Јовица Михајловски: Прирачник за опстанок

Повод за овој разговор со него е снимањето на филмот „Прирачник за самоуништување“, по сценариото на Сашко Насев, а во режија на Ербил Алтанај, во кој Јовица ја игра главната улога, но е и продуцент на филмот. Широкиот аудиториум го препознава без ниедно влакно на лицето, освен веѓите, во „Бушава азбука“, а сега, за оваа улога има и коса и мустаци, па несвесно, прстите постојано му се над горната усна. Вели: „Ми пречат. Имам нешто необично на лицето – коса, мустаци. Не можам да се навикнам…“

Јовица Михајловски е роден пред четириесетина години, од кои веќе 15 е професионален актер, вработен во Драмскиот театар. Безброј одиграни претстави, улоги во (речиси) сите македонски филмови, ТВ серии, еден од првите луѓе на културниот центар „Мала станица“…
Тој е човек кој постојано ве „испитува“, ве „вага“ (бидејќи сака да знае со кого си има работа)…Човек за кого тамам имате дефиниција, во другиот момент е некој друг, повеќеслоен, сомничав, но и импулсивен. Како и секој уметник.

• Малку е невообичаена ситуацијата кај нас: актер – продуцент. Како дојде до ова?

– Не е малку невообичаена таа ситуација нај нас, туку малку повеќе е. А во светот – тоа е многу посекојдневно. Со години ме депримира пасивната улога што ја имам, што произлегува од природата на нашата професија. Улога на чекање, за некој да те одбере, без твое лично улество во тоа. Јас имам свој занает, своја професија, ама ги немам конците на мојот живот в раце. Секогаш некој друг одлучувал за мене. Што е уште пострашно, ја немам задоволувачката егзистенција од тоа нечие одлучување. Всушност, се наоѓам во својот најголем творечки набој, кога треба да мислам и за иднината на своето поколение, на својата иднина, а што ми се случува? Ситуацијата во театрите е очајна, а тоа значи и со актерите. Никому нему е грижа за професијата што се вика – актерство! Најзаслужните луѓе од нашето глумиште си одат од сцената со по една слика и сто педесет или двесте германски марки пензија! Очајно! И мене ми ја понудија оваа улога… Но, ако влезев во овој филм само како актер, повторно ќебев во некоја инфериорна позиција. Затоа си реков дека е време да направам нешто повеќе, па така влегов во овој проект и како продуцент, што значи, веднаш се ставив и во супериорна позиција. Тоа значи – јас не барам пари туку и ги заработувам, вложувам, давам, а тоа е веќе нешто друго. Не само нешто поинакво, туку и понадежно.

• Филмот е скапа играчка. Од каде пари за овој филм?

– Точно е дека филмот е многу скапа работа. Меѓутоа, „Нова продукција“ не е само моја фирма. Во неа се уште и Сашко Насев и Ѓорѓи Симеонов. И таа фирма, за производство на филм или ако сакате, продуцентска куќа, не е од пред „сто години“! Таа се оформи за потребите на технологијата на реализацијата на овој проект, што не значи дека ќе опстане и понатаму или дека нема да постои повеќе по овој филм. Едноставно, требаше да се регистрира таква куќа и ние ја регистриравме. Е, сега, од каде парите? Тоа е пред се, деловна тајна. Ако сакате баш, тоа се приватни средства на продуцентите – кој кко се снашол. И се разбира, на копродуцентите од Турција. Сакавме да тропнеме на вратата на Министерството за култура на РМ, но сметавме дека ако од старт им се обратиме, нема да не сфатат сериозно, бидејќи се работи за нова куќа, со нови филмски рботници. Затоа сакавме пред се, да почнеме со реализација на филмот, па потоа да им се обратиме. Значи, допрва ќе чукаме на вратите на државната каса (бидејќи овој филм е и од нејзин интерес), па се надеваме дека позитивно ќе ни одговорат. Инаку, спонзори немаме, што не значи дека и не би ги прифатиле. Само кај нас, како и се друго, спонзорството погрешно се толкува.

• Сепак, од каде довербата да се влезе во овој проект, со неизвесност што ја носи приватната продукција, како многу млада кај нас?

– Многу млада?! Ептен млада! Довербата…? Иако, се се случи многу случајно, многу брзо… ма сепак, јас за некаква „гаранција“ го имав искуството со Сашко Насев (играв во сите негови претстави) кого го сметам за голем занаетчија што значи и уметник т.е. доверба во неговото сценарио. Е, сега, Сашко се познаваше со Ербил Алтанај, режисер кој во Турција има многу поголем углед, отколку овде кај нас, и кој, морам да кажам, веднаш ми влеа сигурност. Бидејќи тоа е човек кој знае што сака и од кого тоа да го бара. Довербата е во тоа што јас имав среќа да сретнам двајца одлични занаетчии. Довербата е значи во резултатот на тоа што досега го работел Сашко Насев, на тоа што сум го видел од работата на Ербил Алтанај и од неговото високо реноме во Турција.

• Турците се копродуценти, поголемиот дел од техничката екипа е од Турција… Како е да се работи со нив?

– Професионално! Турците се големи професионалци. Тие само јадат, спијат и работат. Филмот во Турција е индустрија. Фабричка лента, а не„историски настан“ како кај нас. Филм кај нив, се снима за девет недели: четири недели снимање и пет недели монтажа. Потоа, филмот се нуди на пазар, како и секој производ. Јас лично сум многу задоволен од нивниот пристап кон работите. Се има почит кон целата оваа работа. А што на крајот ќе биде? Тоа останува да видиме, нели?!

• Ако ништо друго, ви останува актерството?

– Никогаш не би ја менувал професијата. Се сакам себе си како актер. Сепак, не сакам еден ден да си одам дома со една слика, со сто и педесет германски марки и, не дај Боже, со некоја болест во себе! Всушност, не сакам да остарам со помислата дека за она што сум вложил во своето битисување, сум добил – премалку!

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1995 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *