Сутерен.мк

Аделина Марку: Во натпревар само со слободата!

Осаменоста е избор. Една жена не може да биде напуштена од паметниот маж, таа само може да биде ослободена од еден незрел изрод. Јас мислам дека осаменоста никогаш не бил мој избор, и не сум сама . Јас сум преполна со љубов, и умеам да сакам и пак да се вљубам – вели, Марку, која е дипломат, колумнист, портпарол, а со диплома од медицински факултет

Таа е една од оние личности кои без поголеми тешкотии умеат да се трансформираат себе си, според потребите на ситуацијата. Во секоја смисла. Тој „талент“ изгледа и ќе и овозможи да се образува за едно, а да работи нешто сосема друго. Да стане впечатлива јавна личност, а во меѓувреме да основа и семејство. Да „влезе“ во политиката, но и да „излезе“ од неа, без видливи последици. Да работи во државни институции, а сепак, да успее да ја сочува индивидуалноста. Да е жена, Албанка, сега и овде, а без пардон да си ги брани сопствените ставови.

Аделина Марку, не сака да е дел од дефинициите за себеси, тоа и е вели, најтешката расправа со и за себе си. Сепак, ниедно прашање во ова интервју не одби, колку и да задираше во нејзиното себе. Субјективниот впечаток е дека разговорот беше искрен, а оваа дама спонтана односно, сосема различна од онаа Марку, кога е пред пошироката јавност.

  • Дипломиран лекар сте, а без ниту еден ден работно искуство како медицинар… !?

– Долго време ме грицкаше површно и мачно грижата на совест за овој “не-паметен” мој чин на одлучување кога беше (е) во прашање изборот на мојата животна професија.

Не сум сигурна дали сакам преку овој одговор да си ја разблажам оваа моја “неуроза”, но мислам дека грешката беше до начинот како тогаш (а и денес) нашите родители ги градеа концептите за професиите на децата, и “шеќерниот” нивен начин на наметнување на сопствената проекција/желба за професионалниот статус на своето дете во иднина. Ценам дека грешката беше (и се уште е) баш во начинот како умееме (или чудно постигнуваме) да создаваме мегаломански зборови, а преку нив и слични ментални слоевни концепти од типот на: “животна професија”, “животна љубов” или “животен концепт” , што во принцип се сепак, лимитирани концепти…

Изгледа сакам да докажам дека грешката сепак, беше моја, бидејќи недоволно тогаш му верував на мојот инстинкт кој бујно ме водеше да се вљубам во танцот, модните креации, читањето книги, комуникации и пишувањето. Истовремено силно му верував на татко ми, бев во години што бараат целосна потпора од родителите. Тој мене ме гледаше како доктор (иако со страво-милина го гледаше танцот, креацијата и книгите во моето срце), велеше дека умеам со луѓето, и толку шеќерасто ми објаснуваше дека танцот, модната креација и пишувањето ќе останат моите вокации засекогаш, а дека битието лекар сепак е тој занает што ќе биде токму таа “животна професија”.

И, така завршив факултет по општа медицина. Но, овој факултет не е нималку лесен, и верувајте ми , бара многу силна дисциплина и многу силно срце. Ех, јас тука имам една читлива дискрепанца, ја немам силната дисциплина, просто не умеам со нејзе, таа е одвоена од моето многу силно срце. Изгледа второто ме натера да ги завршам студиите, или пак некоја си гордост. На крајот, мојата гордост не изгуби ништо. Немам ден искуство на работа како лекар, но сепак татко ми имаше право, јас и без медицината продолжувам со мојата уметност на умеење со луѓето.

  • Што претставува татко Ви за Вас?

– Немоќен е звукот, гласноста и кодот на мојот јазик пред ваквото прашање. Просто е немоќен, станува нем! Се претвара во протест, некој чуден анти-јазик! Јазик без азбука ! Знаете, за него мојата глава се уште бара да оплодува некој збор или јазик полносрцев кој би ги задоволил емоциите на моите чувства кон него, сакајќи незаборавот да го претворам во некој вечен модел. Затоа, сега знам што сакаше Фисник (поголемиот брат)да ми пренесе кога една недела после погребот на нашиот татко, ми прошепоти: “ Сега е времето, пишувај ја книгата за која зборуваш отсекогаш ”. Толку ми кажа!

Јас бев вдлабната и заробена во/од некој моќен делир, кој морам да ви признам , ми ја претвараше болката во живот. Чудо некое! Вечниот модел на сеќавањето за татко ми ќе е таа книга , која ја пишувам сега и на хартија. Добива јазикот азбучност. А оди толку мирно…и тука има се, во тој чин на пишување. А “се” е само нашиот живот, и дарбата наша и нашата духовна ширина да знаеме да љубиме , да сакаме , да даваме , да танцуваме. И да не гледаме назад! И да не бараме да ни враќаат за тоа што сме го дале. Не барај совршенство, ми велеше татко ми , ќе си се заборавиш себеси …

  • Израснати сте и со двајца браќа. Како беше да се биде женско дете во такво опкружување?

– Фисник е поголемиот брат, а Парим е помалиот. Заобиколена со нивната љубов, грижа, и неисцрпливото нивно внимание кон мене е храната од која се негува тој однос брат -сестра. Е таква, духовна култура имаат тие кон нивната сестра, кон мене. Не е само убаво, едноставно е апсолутна целина. Бестрашноста што ја негуваме во нашите односи е просто извонредна сила на душата која дури се издигнува над претчуствата, нередот и возбудувањата кои можат да ја предизвикаат големите опасности на нашите животи. Фисник и Парим ми се мојот живот, едноставно кажано. А нивните сопруги – Мерита (неуролог) и Дренуша (банкар), ја прават оваа целина уште посодржајна. Тоа се две жени на кои им се восхитувам, кои стојат цврсто на земјата, кои градат свои кариери, а притоа им се посветени и на своите сопрузи. Убаво е опколена со таква целост секојдневно да се живее.

  • Родена сте во Дебар, каде сте го поминале и детството. Што значи да се живее во провинција во Македонија?

– Во едно шоу на Мустафа Нано, познат колумнист и тв шоумен во Албанија, додека течеше интервјуто со мене , голем простор му дадовме и на градот Дебар. Наеднаш забележав дека темата околу мојот роден град ми создаде една емоција од која почна да извира истовремено восхит кон потеклото мое, но истовремено и гнев од помислата дека Дебар сме го напуштиле, сме го осакатиле, тој мал убав град. Од некогашниот центар на трговија и образование, сме го периферирале неменливо. Каков срам!

Дебар бил град познат дури од илирското време, со тогашното име Деборум како дел од мозаикот на целината на Илирите, со Пенестите како жители, а тука и Виа Ингатиа, Еленовиот Мост, Патот на Арбни, Црквата Мбигур (мештанско име на црквата Бигорски), град каде што христијанското и исламското докажувале за своевидна цврста и силна вертикална симбиоза, каде што цивилизацијата природно се развивала, а и поради нетњорк*-от на трговијата што мештаните афирмирано го воделе, каде што локалното население секогаш било инклузивно расположено кон другиот, непознатиот …

Во тоа мое гостување побарав гласно антрополозите да ги истражуваат корените на градот, на населението, на кодот на таа уникатна симбиоза што вековно опстојала во ова поднебје и да ги афирмираат гласно и сепфатно. Политичко географските калкулации направени во територијта на Балканот од бројните војни, а водени и во овој регион направиле да цивилизацијата на Дебар од глобално и пиедестално да се претвори во локално-минорно, минијатурно, па затоа и нашиот таканаречен бег од градот направил градот да се стесни. За чудо, неговото стеснување сепак, не ги скратил хоризонтите на интелектуалците од тој град кои се насекаде по светот , на визионерите, на хероите , на мисионерите …Нашата граѓанска ширина и целина и ден денеска не ни дозволува да го третираме Дебар како провинција.

Поминатото детство мое во Дебар е проекција на опусот на целокупниот интелектуализам на дебарчанецот/ката некогаш и денес. И само кога помислувам каде ли се распространети сите тие луѓе , сакајќи да ја разоткријам гордоста на моето потекло во себеси, нив ги наоѓам во светлото на успешните и исполнетите луѓе во Скопје, Тирана, Приштина, нашата дијаспора во САД и Европа. Таа целина е недоволно цврста во денешницата , но верувам дека потребата за комуникација и отвореност ќе направи овие луѓе, овие дебарчани, еден ден поврзувањето да го претворат во вистински предизвик.

  • А како Ви изгледа главниот ни град?

– А Скопје… Рапидно се гради, се шири, се метаморфизира. Но стравувам од ткаенините на бегството од натурното, тој страотен процес на забегување – кажано ноншалантно. Би сакала градот да ја доврши метаморфозата своја не натурализирајќи се, туку природно би сакала да не забега во мескиноста на кичот и недостоинството. Да се гради не за да се докаже недокажанато како рефлексија на некој неуротичен дневнополитички револт, како резултат од нашата мала географска целина (?!), туку недокажаното да се доживува самооткривајќи ја спонтаноста на граѓанството токму на таа мала целина. Изгледа граѓанството е својство на големите луѓе, минорните души тешко се справуваат со овој вековен стил на живеење.

Ниту од големиот град, а ниту од помалиот град не се очекува да се препознава големината на граѓанинот, ако тој не успева да ја сфати ширината на сето тоа што се вика азбука на граѓанинот. Граѓанската културата е посебна аура , а нејзиното благородно тежиште навистина не го барам кај новонастанатиот створенец или дојденец или лукавиот претворенец.

  • Сте студирале во земјите на соседството. Во што се разликуваат Албанците од Македонија со оние во Косово, Албанија?

– Има разлики кои понекогаш создаваат непотребни прашања и дилеми, а кои и наметнуваат неурози на нашата јака национална културна целина и идентитет, наместо истите со шарм да се негуваат. Би сакала да се преведе на македонски книгата на Бен Блуши (“Да се живее на остров”) или на Кадаре (“Недоразбирање”). Таму овие врвни елитни интелектуалци ја отвараат Пандорината кутија за албанството насекаде, во Македонија, во Косово, во Србија, во Албанија, Црна Гора, Грција , Италија, Турција, и тука, ја има разголеноста на нашиот национален код, религиозен дух, амбициите, митот или антимитот, историјата или нејзиното разоткривање, визиите, работ, амбисот или будноста на националното ткиво.

Има разлики што јас умеам свесно да ги набљудувам и впивам толку хармонично сплотени и хармонизирани, и да ги афирмирам како нужно потребни и значајни за една нација, но кои понекогаш мизерно егзистенцијалистички се соголуваат од многумина сакајќи да ги претворат во некаков интелектуален или политички (анти) натпревар. Ова понекогаш ми личи на вистинска пародија, и затоа бирам таквото мое набљудување да го гледам во духот на утилитаризмот, а никогаш конформизмот.

Има јака, агресивна , понекогаш празна, но секогаш вредна дебата во Албанија и Косово, има бесчујна конформистичка ( анти)дебата во Македонија …Зошто? Затоа што ние сме допуштиле несвесно развивање на нашата интелектуална и економска моќ. Зошто? Затоа што сме анти-аристотели, времето ни бега без мудро(ст), без самооткритие. Знаете , нашето интелектуално расположение ја одредува вредноста на секаква среќа. Предолгото изигрување на вистината предизвикува зло. Дали се прашувам зошто сме толку бесчујни? Не, ја надминав таа димензија, луксузно ме истоштуваше. Сега ми е битно како да се гради визија отскокнувајќи го срамот кој ќутноста ја створил.

  • Разбрав и дека имате роднини од елитистичките кругови во Албанија…?

– Најверојатно мислите на моите корени. Високи функционери од времето на владеењето на Кралот Ахмет Зогу биле од фамилијата на мајка ми, од страна на мајка и. Колонел Шефки Шатку (вујкото на мајка ми) на пример, бил Првиот човек (командант) на Жандермеријата на Кралството. Од оваа колено, присутноста на таа фамилија е свесно влијателна во општеството на денешна Албанија.

Од страна на татко ми, Марку фамилијата е позната од 1467 година, била една од највлијателните фамилии на Дебарскиот вилает. Мојот пра-пра дедо, Сал Марку е историски лик, човекот кој го иницирал и водел анти-отоманското востание во Дебар, во 1838-ма година.

Дедо ми од страна на мајка ми бил еден од мудрите трговци во Дебар (линија на трговија Солун-Дебар) , другиот бил чифлигар. Во гробот на Сал Марку, (високо поставен гроб, многу специфичен и убав гроб ) странично има еден симбол кој е типичен илирски орнамент , а кој има налик на сонце со точно 13 крака ( се спомнува овој знак во книгата на Блуши , кога тој зборува за Воскопоја и 13 населби на овој град, а и масонерството ), а истовремено е знак кој толку многу се консумира во денешната политика во Македонија.

  • Колку е важно тоа припаѓање на касти? Колку Вие лично му давате приоритет?

– Знаете, мојата каста е граѓанството, а само сакам да ги негувам спомените на сопствените корени за подобро запознавање на себеси. Таа е некоја си обожувана сенка, што само јас ја забележувам како ме штити, чисти и облагородува . Само до тој лимит. Јас напротив, мислам дека потеклото е важно за секое надградување во текот на животот, јас дури мислам дека тие корени умеат да те водат мудро, а мудроста – која доаѓа со годините и стекнатото искуство од тој виор – или мудриот човек, треба да ги подреди своите интереси според нивната важност и да ги изведува по тој редослед.

Мислам дека само нашата лакомост го расипува тој ред на општествени приоритети. Таа дури не тера да зграбиме многу работи во исто време па, така, додека трчаме по она што и не е толку битно – го губиме најдоброто.

  • Станавме ли конечно, свесни што значи да се има и живее мултикултура?

– Свесни сме дека живееме во мултикултурно општество, и тоа отсекогаш. Како може да се негира нешто што е длабоко во нас. Но, друго е безскурпулозната намера да се мутира нешто што е здраво и природно. Лакомоста наша е дури трагикомична кога најдоброто, систематски го губиме преку театарот на нашиот начин на битисување политика. Колку и да сакаме намерно да го негираме мултикултурализмот, забележувам дека тој почнал да се денатурира од сопствениот идентитетот, па затоа нејзините слоеви (различните култури кои го сочинуваат мултикултурализмот кај нас) свовремено се иначиле од идејноста, така што тој останал безидеен. Наместо да не предизвика, нас ни создава парадигми, неурози. Слоевите нејзини почнале да атрофираат и да губат капацитет, бидејќи избрале да опстојуваат поделено.

Што придонесува таа систематизирана денатурираност? Еден гангренозен тип на мултикулутурализам кој отпочнува да опстои за да расте во поинаква форма. Секоја друга форма од природната е тешко снаодлива , таа највероватно ќе дозволи влијание на асимиларана свест , и ќе губи моќ, а и влијание. Во принцип така се рушеле и цивилизациите, така ги снемало и културите, а и јазиците. Јас сакам да верувам дека на нашите пубертетски мозолчиња ќе им се најде лекот.

Верувајте ми , сами ќе се вратиме кон природниот развој на мултулутурализмот, бидејќи се што досега испробавме беше резултат на хормоните што произведоа хермафродитизам. Мора да си го дефинираме полот, сепак.

  • Влеговте млада во политиката, но не станавте политичар. Што е она најпривлечното, а што најодбивното во политиката?

– Дали бев во политика? Знаете, не мора да бидеш во партија за да створиш политика. И ние што сме надвор од тој делокруг наречен партија ствараме политики . Јас бев актер во една етапа на политичкото дејствување во државава, но не бев дел од одлуконосците. Политичари се тие што се избрани од вердиктот на народот. Тоа е нивната професија. Тие се платени , избрани за да носат одлуки во името на народот што ги гласал. Јас не сум била и не сум политичар.

Јас бев гласноговорник на политиките на Демократската партија на Албанците. Раководството на таа партија тогаш ценеше дека преку мојот ангажман како портпарол на ДПА , партијата ќе се препознава себеси и преку наликот на жената Албанка ангажирана во афирмирање на политиките што партијата ги продуцираше, и ќе го смени стратешки ПР имиџот. Како што тогаш го нарече мојот ангажман г-нот Џафери, “исклучиво професионален ангажман без патетичност”.

Отсекогаш имал извонредна дарба на интелектуален и добро филтриран хумор тој човек. Но што од таквото сеќавање мое, во таа улога? Секако, луксузно задоволство е да се соработува со лидерство која умее да создаде визија. Таков беше тој тандем тогаш, Џафери -Тачи , универзитетски пример за симбиоза на софт и хард поњер* која резултираше со смарт поњер*. Создавање политика и преку димензијата на емоционалната интелегенција е вистинска работа. Реткост за тие времиња. Овој би бил најпривлечниот дел на она „јас во политиката”.

Најодбивниот дел е конформизмот. Неподнослив е. Превртлив, штетен, загушлив, анемичен и безоргазмен .

  • А што мислите за нашите политичари? Им верувате ли?

– Велат за политичарите дека се тие доволно луди луѓе кои свесно се товарат со огромноста на општествените проблеми. Секој од нив, барем тука кај нас, се жали на слабото памтење , а никој на слабиот разум. Не е наша задача да им веруваме на политичарите , тие само треба да најдат начин да не убедуваат за нивната способност.

  • Бевте на Харвард, а ги знаете и домашните професори. Дури и самата држевте часови на Штуловиот универзитет. Направете споредба меѓу тамошните и овдешните професорски величини?

– Беше тоа краток престој во Харвард, двомесечен циклус на предавања за лидерството и развојот. Тогаш кај нас лидерството не се споменуваше како концепт, а во САД веќе ги завземаше димензиите на наука. Добро, ваквите споредби се разумно нездрави. Дајте му одговор на прашањето „Зошто“, и ќе добиете прекрасна аудиенција на студенти. Така ни велеа. Концептот на “Зошто-затоа што”, произведуваше прекрасна лекција и врвна дебата, концепт кој води академски, цврст линк помеѓу професорот и студентот. Битна е вертикалата на мислата во Харвард, начинот на нејзиното поедноставување и усовршување.

Ние тргнавме неподготвени со Болоњските реформи. Понекогаш мислам дека требаше подобро да ги испитуваме нашите апсорциони капацитети за таквите реформи. Навлегуваме во етапа на масовна високообразовност, без доволно да го испитуваме нашиот пазар и без стратегија на браингаин вс брадраин* . Да бевме повнимателни со реформите и испитувањата (поженствени) ќе бевме попрактични, мислам .

  • Долго време сте и колумнист. Припаѓате на т.н. „театрална категорија“ гласноговорници. Потребна ли е целата таа „драма“, таа „мегаломанија“ во настапите, пишувањата?

– Да, пишувам и ги ценам колумнистите, а имам и страствена почит кон некои умови. Им благодарам што постојат! Најверојатно, таа перцепција за нас не би требало да е штетна или саркастична. Знаете, ние сме луѓе кои мислиме дека можеме само со слободата да се натпреваруваме –оттука вашата перцепција за мегаломанијата во нас.

Велите сме театрални и драматични! Јас мислам дека сме органско природни, таа наша органика умее драматично, а и театрално да ја кажува вистината. Ние ја сакаме таа наша голотија. Да, ние сме голи кога вистината од нас очекува – звучност.

  • Бевте вклучени во општествените движења, во најчувствителните моменти за државава. Што мислите, ќе заврши ли еднаш веќе оваа транзиција или и понатаму тој недефиниран процес ќе го користиме како изговор за сите грешки и несмасности?

– Да, како многумина од нас. Ние само не сакаме да зборуваме за таа вистина , за таа наша присутност. Ние само не сакаме да се спријателиме преку таа наша присутност во различни моменти во држава, и да објасниме , и да разјасниме , и да стратегираме . Ама заедно.Додека сме незборливи и неискрени, нашата транзиција ќе опстане како револуционарна и како таква, незавршлива. Рушиме и софтвер и хардвер. А се додека нашата недоверба се оплодува , толку повеќе ја оправдуваме туѓата измама.

  • Петта година сте раководител на секторот за млади дипломати. На кое ниво ни е дипломатијата? Што значи добра дипломатија?

– Најверојатно е уметност моќта да продуцира смарт дипломатија. Можеби ни треба уште време и самозапознавање преку димензијата на емоционалната интелегенција. Но секако, убава професија е.

  • На што ја учите ќерката?

– И се восхитувам на мојата Андра. Таа мирно размислува , таа мирно зборува. Заедно ги учиме и ги препознаваме кодовите на слободата – таа како десетгодишна, јас како четириесет годишна. Убави се тие гледишта кога заедно ги градиме. А тука е и мајка ми. Се гледам себеси кај нејзе на нејзини години. Боже мој, колкава грижа во себе носи за сите нас! Колку многу љубов и страв има во неа! Оваа лето успеавме да му се вратиме на читањето, и кога не гледав, сите три жени читајќи , си помислив во себеси „има ли поубава глетка од мирно читање на книга во рацете на жени од три различни генерации!?“.

  • Дали и објаснувате дека за слободата треба сама да се избори?

– Мислам дека тоа е едноставно. Таа само ќе треба да ја сфати слободата и да ја цени, а потоа се ќе тече природно.

  • Што најмногу и помага на жената: изгледот, образованието, потеклото, ставот, добрите комуникации?

– Сите тие особини што ги спомнавте се бесмислени без моќта на љубовта.

  • Колку Вие внимавате на надворешниот изглед?

– Да, го сакам чинот на нега кон себе си, сакам да се негувам , затоа сум жена. Ми помага жената во мене, а во последно време, таа – внатре во мене и ми прилега. Убаво е да се чувствува допирот на жената во себе си.

  • А кое оружје една жена треба да го поседува при изнесувањето на својот, „женски“ став, за тој да биде прифатен? Факт е дека храбрите и гласни жени на овие простори, по правило, остануваат осамени…

– Ох, па јас мислам дека нема женски или машки став! Има андрогени ставови и кај жената и кај мажот. Кога сме тука на оваа тема, пред неколку дена следев една дебата на женска комисија во собрание. Добро, не би навлегувала во клишето на таквите комисии, но расправата таму ми беше аморфна, дури и ступидна. Се бунеа зошто новинарите ги сликале во бикини!? Или се бунеа зошто некој од новинарите ги ставил во „натпревар“ за убавина?! Од кога тоа не смееме да ја коментираме убавината на жената!? Ма, хеј хеј, зарем нашите пратенички дискусијата околу убавината на жената во нив ја гледаат како табу или забранета тема ?! Убавината е Света!

Има ли некој кој може да ја омекне оваа моја лутина од нивното преправање дека пратеничките се специфичен сој кај кои слободната “морализација” околу нив е кодирана или класифицирана !? А на папараците не им е забрането со закон од собранието да си ја вршат нивната спектакуларна работа, нели!? Таа дебата не беше дури ни феминистичка, беше само дебакл дебата. И се прашував себе си, дали овие женски комисии расправеле со толкава конзервативна огорченост кога се носеше Законот за наталитет, или за некоја стратегија за braingain vs braindrain, или за децата-питачи, или за сексуалната едукација, или за милиони други тематики на кои женскиот приод им е и тоа како нужен и скапоцен.

Па нормално дека во бикини се оди на море, па нормално дека некој ќе сака да направи вест од тоа за да се продава весникот повеќе…Што расправа ќе беше!? Симулакрум феминизам или симулакрум пародија,, што ли?! Боже мој!? Нашите жени во политиката би било добро да сфатат и разберат дека нивната убедувачка моќ е секогаш поприфатлива за граѓанинот во споредба со машката убедувачка моќ. И ова е веќе научна проценка, а не моја желба. Ако ставот е реален, силен, точен и аргументиран и, ако се пренесува без патетика на шминка, утепано со висока штикла , театралност и сексизам, тогаш таа жена зрачи со политички ставови кои се пренесуваат преку срцето и мајчинството. Каков и да е ставот, ќе изгледа искрен , ќе остане во сеќавањето. Осаменоста е избор.

Една жена не може да биде напуштена од паметниот маж, таа само може да биде ослободена од еден незрел изрод. Јас мислам дека осаменоста никогаш не бил мој избор, и не сум сама . Јас сум преполна со љубов, и умеам да сакам и пак, да се вљубам. Знаете, Африм се појави пак, во мојот живот тогаш кога јас нималку размислував дека имам потреба да сум сакана, обожувана, милувана и над се почитувана, но тој можеби се појави баш, тогаш кога мене ми беше најубаво со себеси и со мојата ќерка, и замислете, преку него и повторно со него разбрав дека има повеќе љубов отколку сум проценила за себеси , и затоа , ама баш спонатно – најспонатано што е можно почнавме да делиме од тоа “НАС” пак, и повторно и… Трае, убаво е.

Корегирање на заблудите

  • Се изјаснувате како десничар, а не ми изгледате како материјалист и практичар. Од друга страна, велите дека сте лаик во религијата…?

– Понекогаш мислам дека идеолошкиот натпревар е само морализирање преку политика, и се е о.к., ако е така. Десничарството кај Албанците седна во клупата на идеологијата токму преку афирмирање на тезата дека само и екслузивно десничарите ги афирмираат и бранат националните ткива на културата и идентитетот. Но истото сфаќање го забележувам и кај Македонците. И сепак, ова е лажна концепција за десницата. Заблудата мора да се корегира под итно!

Мислам дека за некои идеолошки сфаќања е потребно време и читање за да се групираме јасно и гласно каде и на што припаѓаме. Јас би го бранела моето албанско ткиво и како левичар и како десничар, а во принцип сум либерал, централист, можеби. Велам за себе дека сум лаик кога религијата е во прашање, а религиското ткиво кај Албанците е проткаено и преку христијанството и преку исламот така што, во мојот национален код таквата меморија за таа религиска култура е дефинитивно многу присутна. И се чувствувам богато во сопствената кожа.

Сум била многу ригидно сфатена од група млади исламисти во неколкуте мои колумни каде јбранам ставови за опасноста на несвеста од религискиот и идеолошкиот конвертизам и политизацијата преку религијата. (Разликата е до спонтаноста моја и на групата. Јас лесно и срцевито велам дека сум албанист по религиска припадност, а на нив им е полесно да велат дека се исламисти , и така тоа ќе трае бескрајно). Социјалните политики ми се многу омилени, а граѓанските права и слободи ми се повеќе од битни.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us