Наградата за најдобра актерка, Весна Димитровска Бобевска, ја доби на 31 издание на Меѓународниот Фестивал на истражувачки театар „Isola dei Teatri“ (Остров на театрите), во Сасари – Сардинија, Италија. Таа на фестивалот ја изведе премиерно за странската публика монодрамата „Кога земјата молчи“ инспирирана од ремек-делото „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.
Според фестивалската жири комисија, Димитровска е добитничка на престижната награда поради моќната, мајсторска и длабоко потресна интерпретација на ликот на Велика во монодрамата „Кога земјата молчи“, инспирирана од ремек-делото „Пиреј“ на Петре М. Андреевски.

„Актерката демонстрираше извонредна изразна моќ и ретка способност за преобразба, создавајќи сложен лик растргнат меѓу очајот и пркосот, нежноста и суровоста, мајчинската болка и нескротливата сила на преживувањето. Со целосна посветеност и силен емотивен набој, таа достигнува до прагот на катарзата, без никогаш да ја изгуби внатрешната вистина на ликот.
Таа не се ограничува само на толкување на Велика, туку ја претвора во живо сценско присуство, во рана што добива глас, во глас на мајка чие страдање ги надминува личните граници и станува колективна меморија.
Преку нејзината интерпретација и големото книжевно дело на Андреевски, се открива болната историја на македонската жена и мајка, обележана со војни, загуби и страдања, но и со достоинство, отпор и непобедлива животна сила. Трагедијата на Велика така станува слика на страдањето на македонскиот народ, но истовремено и универзална приказна за човекот соочен со незамисливи загуби“, се вели во соопштението од стручното жири.
За исклучителната актерска зрелост, емоционалната длабочина и способноста болката да ја претвори во сценска вистина, жирито едногласно ѝ ја доделува наградата „Најдобра актерка“ на Весна Димитрова Бобевска, за нејзината интерпретација на Велика во монодрамата „Кога земјата молчи“.
„Ова не беше само актерска изведба. Беше сведоштво. Исповед. Катарза. Театар што ранува, потресува и останува во срцето“, велат од жирито на „Isola dei Teatri“ од Сардинија.