Сутерен.мк

Билјана Беличанец: Казна за секој изневерен збор!

Дваесетидвегодишната актерка Билјана Беличанец при Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп е една од најмладите (ако не и најмлада) актерка на македонската театарска сцена. По предвременото завршување на основното и средно музичко образование (свири на пијано), со шеснаесет години станува студент на ФДУ во класата на професор Кирил Ристески. Веднаш по дипломата, станува членка на ансамблот на НТ од Прилеп. Патем, родена е и живее во Скопје.

Ја гледавме во „Пасквелија“, „Во сино“, „Кумови“, „Пинокио“…
Билјана Беличанец е млада жена. Со онаа младост која подразбира високи цели и отсуство на стравови и колебања. Отворената супериорност и нејзината драматичност не ве нервира. Напротив: и ја почитувате, како и огромната енергија и вроденото достоинство.

На неодамна одржаниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е наградена со наградата „Најдобар млад актер“ за ликот на Медеја во „Медеја“ на Еврипид, во режија на Стојан Стојановски. Наградата госпоѓицата Беличанец – ја одби. За тоа, малку подоцна. Најпрвин…

– Која беше причината да ја напуштите музиката и да станете актерка?

• Најголемиот „виновник“ е мојата професорка по клавир. Кога свирев, толку многу се внесував во музиката што на пола изведба се случуваше да заплачам и да не можам да продолжам понатаму. Бидејќи тоа ми се случуваше често, професорката ми предложи: „Премногу си емотивна – што е убаво – но твојата емотивност бара дружење со луѓе, со живи суштества, а клавирот е малку ’мртов’ и не трпи пресилно истурање на емоциите.“

Така, барајќи поле за тоа „истурање“ на емоциите се најдов на ФДУ. Отпрвин беше тешко, со сомневања кон мене, гледајќи ме ем млада по години, ем ситна и физички, но не се откажав и мило ми е поради тоа. Не знаев апсолутно ништо за театарот, но научив и се најдов себеси во оваа професија.

– Сите патишта водат од внатрешноста кон Скопје. Многу ретко се случува обратното…?

• Пред дипломата гостувавме во Прилеп на Фестивалот со испитната претстава „Опера за три гроша“. Сите бевме во една напната атмосфера, со оние прашања – „што по дипломирањето? Каде? Со кого?“ Уште кога влегов во театарот во Прилеп јас веќе решив. Многу ми се допадна неговиот мирис. Таа миризба ме „врза“. По разговорите со професорот Ристевски и со директорот на Народниот театар, останав. Ја кандисав и мојата колешка Кети Дончева и така бевме две.

Другата причина беше што имав голема потреба да работам. Џабе ми е дипломата, ако треба да седам дома и да им бидам глумица на мајка ми и татко ми. Прилеп ми овозможи да го работам она што го сакам. Не прифатија со раширени раце и публиката и колегите. Наидовме (Кети и јас) на еден човечки однос. Мислам дека на топлината, довербата, одговорноста… возвратив со вистинска мерка.

– На секого му се важни признанијата, а вие одбивте награда. Зошто?

• Не сум човек кој се задоволува со она, „дај што ќе дадеш!“ Во Прилеп ми се даде шанса и ја искористив. Работев, докажував… Јас сум млада, но мене ми се доверуваат главни улоги, важни задачи. Режисерот кога разбра дека „неговата“ Медеја има само 22 години беше запрепастен, но ја направивме претставата – целиот ансамбл.

Сите дојдоа да ја видат со огромна резерва, сомневања, предрасуди… Кога ја видоа и колегите, и новинарите, и пред се, публиката, сите беа воодушевени. Критиката се изјасни најпофално, а што се случи? Добивам награда за млад актер!? Никого не потчукнувам по рамо и не ми е потребно тоа мене некој да ми го прави. Наградата за „Медеја“ е потчукнување по рамо и ништо друго.

– Многумина го протолкуваа одбивањето како „обична дрскост“.

• Кој како сака нека го сфати. Ја одбив наградата од лични причини, без никаква врска со она што се случуваше на соопштувањето, односно од другите одбивања. Можеби некој ќе го сфати тоа како комплекс на повисока вредност, но жирито и јас се разидовме. Јас кажав дека ми е многу мило што сум во наградените, во издвоените. Што тоа жири ме „забележало“.

Им благодарам поради тоа, но таа награда, така како што звучи, не можам да ја примам. Моето лично вреднување, мојот вложен труд, моето сопствено мислење за улогата не се совпаднаа – не со жирито, туку со името на наградата. На крајот на краиштата, одбивајќи ја, јас губам. Но, ако можам за Медеја да жртвувам илјада други работи, тогаш можам и една награда!

Никој не може да ме разубеди во моето чувство кога сум на сцената, во чувството на моите колеги, во чувството на прилепската пиблика. И јас, како и целиот ансамбл верувавме во „Медеја“. Три месеца живеевме со таа жена. Сите. По 24 часа на ден филигранско работење, по сиот тој жар, по реакциите на оние кои ја видоа, јас не можам да примам таква награда за Медеја! Впрочем, јас ја добив вистинската награда: аплаузот на Прилеп! И, фала му за тоа.

– Ја оправдувате ли постапката на Медеја?

• Да. Затоа и ја направив. Од почетокот бев на нејзината страна. Таа е жена која годи! Нејзе и се дал збор, што ја потврдил нејзината љубов, нејзиниот оган. Секој кој ќе го изневери таквиот збор треба да биде казнет. Па, макар и така.

– Ме замоливте да не ве прашувам за „идните планови“. Како се чувствувате?

• Изневерено. На некој начин, својата работа во Прилеп ја завршив. Би сакала да одам понатаму. Мислев дека по сево ова, во овие две години поминати некој ќе ми излезе во пресрет. Не би сакала да ме сфатите погрешно, но веќе во Прилеп ја немам соодветната повратна енергија. Не дека не сакам таму да работам, но потребна ми е провокација плус. Никој не мрднува со прстот тоа да ми го овозможи. Веројатно истиот проблем го имаат и останатите млади колеги. Сепак, јас можам да зборувам само за себе.

Ние кои работиме во внатрешноста сме заборавени од светот. Искрено, мене тоа тешко ми паѓа. Сега, по две години поминати на „периферијата“, јас покажав дека можам и така, но се чувствувам осамена на тој пат. Пак ќе речам не дека не го сакам градот, публиката, колегите, целиот ансамбл, само не ми е лесно. Никому не му е грижа што јас немам правосмукалка во станот, што немам топла вода, под кои услови работам. Вушност, никому не му е грижа како ние воопшто се занимаваме со театар под тие услови. Ова не се однесува само за мене.

Веројатно звучам депресивно иако, во суштина не сум таков човек. Само за поинакво реагирање нема услови и – крај!

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1996 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *