Сутерен.мк

Владимир Ендровски: Ме нервираат црвени бикини!

Десет прашања за Љац, актерот при драмата на Македонскиот народен театар и десет одговори за тоа со кого би сакал да заглави во лифт, кому би му дал „Оскар“, кого би нокаутирал…

  • Од што не се делите?

– Од Скопје. Затоа што во Скопје доаѓаат убави битолчанки и потоа јас се дружам со нив, а понекогаш и се женам со нив. Потоа, не само што не се делам, туку по малку и се множам со нив. Деновиве дури и се собирам, со колегите во Mirco and Slavco first partizan’s production кај Ацо и Дарко, со кои се подготвуваме за нивниот нов проект.

  • Што ве нервира кај жените?

– Долги нозе. Многу се нервирам и кога ќе видам црвени бикини. Тоа е толку, некако… непристојно за гледање, што просто се ужаснувам. Не можете ни да претпоставите како се чувствувам кога на едно место ќе здогледам три долгоноги девојки, во црвени бикини, а до нив уште три во топлес!? Уништен сум тотално! Поради моето, а претпоставувам и на многу други мои истомисленици, непречено битисување, ваквите девијантни појави треба под итно да се забранат.

  • Кого би го нокаутирале?

– Мајк Тајсон! Многу гризе уши.

  • Омилена песна…?

– Тешко прашање. Види вака… Јас ги сакам сите видови музика. Слушам забавна и народна музика, а најмногу сакам диско.

  • Со кого би сакале да заглавите во лифт?

– Дали со Благоја Ханџиски или пак, со Бранко Црвенковски!? Тешка дилема… Море и со двајцата! Така би имал можност да го прашам Благоја дали е под директно влијание на Кастанеда или пак, имал некој ндруг духовен учител што толку многу му успеало длабоко да навлезе во тајните на индијанскиот ритуален танц. Голема желба ми е да научам да играм како него.

Што се однесува до заглавувањето со Бранко… Бранко пред две години изјави дека „реформите имаат и поубава страна“. Би го прашал дали за две години реформите ќе имаат и најубава страна. Ако продолжи да ги разубавува може да се случи и да се вљубам во некоја толку расна реформа.

Освен тоа, би можеле да разговараме и за Кундера. Околу тоа дали „животот е некаде на друго место“, а ова овде кај нас е само обична „шега“, дали само ние или цел народ ни е заглавен в лифт и што е тоа што нашата „неподнослива леснотија на постоењето“ ја чини толку поднослива. Па, можеме да разговараме дали ако посадиш кактус, можно е да никне грозје или дали принцот и Пепелашка се уште живеат среќно? Ееее, уште колку би разговарале!

  • Кого или што би понеле на пуст остров?

– Ако ни тргне муабетот во лифтот, ни пет – ни шест, ги носам со себе и таму. Ич не му ја мислам!

  • Што сте биле во минатиот живот?

– Ученик вљубен во ликот и делото на Јосип Броз Тито, па реинкарнирав во глумец.

  • Најголем порок ви е…?

– Јас немам ни најмал порок, а не најголем! Лажам: само се вљубив.

  • Кому би му дале „Оскар“?

– На Нино Леви за улогата во претставата „М.М.Е. Кој прв почна“. Просто е – одличен!

  • Да ја имате Аладиновата ламба, што би си посакале?

– Уште еднаш да работам на филм со Милчо Манчевски.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *