Сутерен.мк

Во чест на Конески!

Во петок, на десетти декември, со почеток во 11 часот, во холот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи поетско читање посветено на великанот на нашата книжевност Блаже Конески под наслов „Златоврв“. На средбата ќе настапат: Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Кристина Николовска, Иван Џепароски, Билјана Станковска, Љубинка Донева, Виолета Танчева-Златева, Славчо Ковилоски, Марина Мијаковска и Соња Стојменска-Елзесер.

Читањето е дел од заеднички настан во организација на НУБ „Климент Охридски“, Друштво на писатели на Македонија и Фондација Небрегово и претставува сегмент од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески по повод 100-годишнината од раѓањето“ што се реализира под покровителство на Претседателот и со поддршка на Владата на Македонија.


Годинава со повеќе настани беше одбележана 100-годишнината од неговото раѓање. Денот кога е роден Конески, 19 декември, е ставен и на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО што се одбележуваат во 2021 година.
Во рамки на Националната програма  Министерството за култура реализираше видео-материјал со поезијата на Блаже Конески на седум јазици: македонски, албански, босански, влашки, ромски, српски и турски јазик.
Видеозаписите се достапни на веб-страната на Министерството за култура, на сите седум јазици.
На 21 март, по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз се читаа песни од Конески. Песните ги читаа повеќе високи дипломатски претставници на УНЕСКО, на своите јазици. Беа распишани и конкурси за учениците од основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески.

Преку јавен конкурс на Факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, студентите преку илустрации оддале почит кон поетското наследство на Конески. Народната банка на Македонија издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата издаде поштенска марка со неговиот лик. Во јубилејната година, неколкупати се одржаа и настани во родното Небрегово на Конески, во спомен куќата каде што е роден.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *