Дали кучињата тагуваат кога остануваат сами дома?

Експертите откриваат што се случува со нив кога сопствениците ќе ги остават сами, а вистината може да ги натера двапати да размислат пред повторно да го направат тоа

 

Иако би било прекрасно цел ден да го поминуваме дома, галејќи се со нашите кучиња, сепак мораме да одиме на работа за да заработиме за живот. За жал, нашите миленици не го разбираат тоа најдобро, па остануваат дома додека ние одиме да заработиме доволно пари за нивните чинии секогаш да бидат полни со храна, а кутиите со играчки.

Некои љубопитни сопственици се запрашале за што размислуваат нивните миленици кога остануваат сами дома. Но, откако го дознале одговорот, посакале никогаш да не го поставиле тоа прашање, пренесува Mirror.co.uk.

Адриен Карсон, потпретседателка на одделот за однесување и обука во организацијата за заштита на животните „St. Hubert’s Animal Welfare“, за „The Dog People“ изјавила дека на кучињата им недостасуваат нивните сопственици додека се отсутни, бидејќи ги поврзуваат со чувството на радост и сигурност.

„Ако сте биле отсутни подолго време, вашето куче може да биде исклучително возбудено кога ќе се вратите дома. Истражувањата покажуваат дека колку подолго сте отсутни, толку посреќно е вашето куче кога ќе се вратите.

Кучињата се социјални животни, па затоа можат да бидат тажни кога нивната омилена личност не е покрај нив. Ова може да им се случи на сите кучиња, а не само на оние што страдаат од анксиозност поради разделување“, наведуваат од „The Dog People“.

За среќа, како што објаснува Карсон, кучињата добро се справуваат со самотијата кога имаат воспоставена рутина и се наоѓаат во позната средина.

Кога ќе заминете на работа, на почетокот можеби ќе бидат тажни, но потоа продолжуваат со своите вообичаени активности, како што се спиење, грицкање играчки или ослушнување на звуците додека ве нема.

Кучињата сонуваат за работи од секојдневниот живот

Добрата вест е дека кучињата голем дел од времето што го поминуваат сами го преспиваат, што им помага побрзо да им поминат часовите додека нивните сопственици се отсутни.

Стенли Корен, почесен професор по психологија на Универзитетот во Британска Колумбија, смета дека кучињата ги сонуваат своите „омилени работи“, а нивните сопственици веројатно се меѓу нив.

Значи, иако физички не сте присутни, можно е вашето куче во соништата всушност да „поминува време со вас“.

„Она што во суштина го откривме е дека кучињата сонуваат за работи поврзани со нивниот кучешки живот. Така, кучињата што се обучени за лов на птици во соништата ќе покажуваат кон птици, додека доберманите ќе бркаат провалници. Се чини дека начинот на кој сонуваат кучињата е многу сличен на оној кај луѓето“, објаснил Корен.

Неговите заклучоци ги поддржува и докторката Дирдре Барет, клинички и еволутивен психолог од Медицинскиот факултет на Универзитетот Харвард. Таа смета дека кучињата, исто како и луѓето, ги сонуваат своите секојдневни искуства. Тоа значи дека постои голема можност во нивните соништа да се појавуваат и нивните сопственици.

Кучињата ги сметаат своите сопственици за семејство

На TikTok неодамна беше објавено видео на оваа тема на профилот „Animals Studio“, во кое се наведува:

„Тие размислуваат за своите сопственици. Кучињата не само што им возвраќаат љубов на своите сопственици, туку навистина ги сметаат за дел од своето семејство. Како што се покажало, најдобрите пријатели на човекот добиваат поголема заштита и нежност од луѓето отколку од припадниците на сопствениот вид.“

Бидејќи за повеќето кучиња не е природно да остануваат сами, многу од нив ја изразуваат својата вознемиреност со лаење и лелекање.

Сепак, некои кучиња можат да покажат непријатност и на други начини, како што се повраќање, мокрење во домот или уништување на предметите што им се достапни.

Во видеото понатаму се наведува:

„Тие размислуваат за својот ден или го сонуваат. Кога ќе заминете, откако сте поминале голем дел од денот со вашето куче, тоа продолжува да се присетува на сè што сте доживеале заедно.“

Видеото предизвика бројни реакции кај корисниците на TikTok.

„Токму така“, напишал еден корисник, додека друг додал: „Мојот јазовичар памети сè“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *