Сутерен.мк

Доблеста и пингвините

Мојата ќерка носи исклучиво OshKosh. Нема многу фајде од тоа, кога со татко и упорно ја учиме на законот на Ориентот: ти мене, а јас тебе! Девојчето ќе излезе од калдрмата, ама калдрмата нема да излезе од него!

Во последно време, барем во кафеанските безделничења, многу врева се крева, околу јазикот ни наш, насушен. Те бил полн турцизми, грцизми, србизми и уште какви ли се не ,,изми,, и шизми… Не се разбирам многу од јазично – базични прашања, ама знам дека имам јазик, бајаги долг, дека ми е многу мил, дека си го почитувам, и кога тресе зелени, и дека се вика – македонски! Оваа моја фундаментална стационираност поприлично го штити мојот нервен систем: ме заболе уво за тоа кој тоа таму, не ми го признава или пак ме есапи за ,,свој,,, но со говорна маана! Менталната рамнотежа ми ја нарушуваат сограѓаниве.

Сите фирми, та биле домашни, та биле увозни, се напишани на англиски, италијански, португалски. Рекламите, каде и да се, исто така. На телевизија се е нешто ,,екстрас,,, ,,фреш,,, ,,флеш,,, ,,рилекс,,, ,,фешн,,, мешн. Модерни зборчулиња фрчат на сите страни. Нови лица, нови зборови. Стари лица, нови зборови. ,,Ди фолт,,, ,,кохабитација,,, ,,импичмент,,, ,,секундарно,,… Патем, ќе им текне ли некогаш на сите оние силни ТВ лица што очајно ја глумат Опра Винфри, да погледнат понекогаш во речник!? Ќе откријат на пример, дека ,,секундарно,, значи второстепено или придружно. најмногу пак, ме нервира кога ни пет, ни шест, туку ќе го плеснат зборот Доблест. Та требало, та не требало. Бре, луѓе, стварно отворете речник! Остај што на ова тло, доблест има, колку и пингвини.

,,Знаеш,,, велат, ,,тоа е модерно,,! Што е модерно? Па, на половината од нив, да не им беше македонскиот, ќе лаеја!
,,Знаеш,,, велат, ,,тоа е новата елита,,! Елита!?

Госпојци со стегачи за коса наместо здолништа, водат пладневни емисии на ТВ, нашминкани како анимир дами и зборуваат што е ИН, а што АУТ. Луѓе на возраст, кога веќе би требало да го заработуваат својот леб, во 11 часот претпладне, облечени и намирисани како за на свадба или за во ноќен бар, пијат едно те исто кафе со часови по кафулињата на сред Скопје и мафтаат со фразите, што ништо не значат. Лудаци со бесни коли можат да те прегазат на паркинг. Агресивни адолесценти не пуштаат преку ред трудни жени во продавница. Старци шетаат кучиња, а со внуците си играат бебиситерки. Згоени комунистички директори, кои ништо никогаш не работеле, прокламираат патриотизам. Транзициски матни типови, збогатени преку туѓата пот и мака, нарачуваат коктели, едвај изговарајќи им го името. До вчера пиевме само боза и се бањавме само за на лекар, а сега сме саде со Guess на вратот!?


Тоа ли е нашата елита?
Сакав да кажам: од калдрмата уште ни се смешкаат магарињата, од ушите ни излегуваат тулумби и кадаиф, мирисот на амамите ни е по џебовите, а ние нешто спикаме и парламе!?
Зборуваме за некаква си Европа т.е. слобода, почит и култура, а се уште упорно го негуваме, од првиот до последниот, законот на ориентот: ти мене, а јас тебе!

Аристократија е состојба на духот. Аристократијата, елитата, наречете го тоа како сакате, би требало да гледа само напред, да го трасира патот што води до Утрешнината. Убава. Овие, што мене ми го трасираат патот, секојдневно и од секаде, ме водат таму, каде што ми е срам да го напишам зборот. Тоа е така, затоа што ти ќе излезеш од селото, ама селото нема да излезе од тебе!
Не дека сум против тоа да станеме свет. Напротив! Конечно и треба да станеме свет. Нормален. Дотогаш, треба да се бамбори. Колку да се зачува прометејскиот дух.

Бранка Д. Најдовска
zevzekmanija.mk, 2006 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *