Фејсбук с(р)еќавања…
Генерализации: сите мажи се исти – напалени површни љубители на спортот. Сите жени се исти – пречуствителни и дрдорливи засопнувачи во животот на мажите, темпирани бомби кои си заминуваат кога најмалку очекуваш.
***
Имам чичко од 80 години , чијашто сопруга и денес по дома е на штикли и тип – топ дотерана и нашминкана. Така своевремено се договориле. Тој чисти, готви, пегла и (сега) гледа внуци, а таа се чува себе си. И, и двајцата се среќни.
***
Марија, до пред некоја година беше жена од кариера. Мислеше дека го сака својот живот и работата. Кога ќе си дојдеше дома, ја чекаа три деца и саканиот сопруг. Еден ден, маж и и вели дека тој веќе заработува доволно, така што, ако сака, таа слободно може да си даде отказ. Се замисли длабоко и долго Марија…
На работа имаше шефица, едно отровно и дебело џуџе, кое освен за озборување не беше способно за ништо друго. Цело попладне децата и ѕвонеа на мобилниот за таа да пресече кој и кога е во право во нивните бескрајни меѓусебни расправии. Навечер, кога ќе се прибереше дома, немаше време ни волја за ништо, па дури ни за себе, а камоли да се посвети на сопругот или децата. Така, Марија даде отказ.
Почна да прави појадок, да ги испраќа на училиште, на работа, да ја средува куќата, да отспие, па да се среди и себе си, да отиде во маркет, да направи вечера дури, имаше време и да отиде и во теретана. Наеднаш забележа дека децата престанаа да се караат меѓу себе, и прашањето „Кога ќе си дојдеш денеска?“ се замени со: „Се гледаме подоцна.“ Сите беа посреќни, повесели, поздрави, понапредни… Со важна забелешка: нејзиниот сопруг никогаш не и бараше отчет каде и на што ја троши неговата – голема – плата!
****
Јована го остави бебето уште на неполни три месеца во јасли. Мораше да работи. Едно време, кога финансиската состојба им се подобри, им се роди и второто дете. Сега можеше да поседи со бебето подолго т.е. колку што сакаше. Остана цели пет месеца и се врати на работа. Не дека мораше, туку дека не се чувствуваше исполнето по цел ден да менува пелени, готви, чисти, а никој за тоа не покажуваше благодарност. Денес е успешна деловна жена (со исфрустриран маж заради нејзиниот подем), која понекогаш има грижа на совест што толку рано ги оставила децата во градинки, но најчесто е горда што не останала затворена во светот на детергентите, нечистите чинии, пеглањето и собирањето играчки… Децата и се самостојни млади луѓе. Не знае дали маж и има помлада љубовница, но не и е ни гајле за тоа.
***
Наводно, една познаничка еден ден се качувала на петти кат со 14 пива во двете раце, без лифт. Влегувајќи дома, го слушнала маж и, кој гледал некаков си фудбалски натпревар со другар му, како зборува: „Абе, се научиле кучки, во теретани, аеробик!? Пушти ја два пати до продавница по пиво и тенка е ко јагула!“ Овој другиот му одговарил: „Да ти кажам, не сум јас сељак. Кога ќе ми промрчи, напуштам терен и право во кафана. На игнор е се додека не си ги среди мушичките во главата.“ Влегува сестрава, оди на тераса и ги фрла пивата преку неа. Денес има сопствен мал, но поприлично, успешен бизнис. И да, сама е и среќна.