Сутерен.мк

ЕК: Нема напредок во борбата со корупцијата

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ги претставија извештаите за земјите аспиранти за членство во ЕУ

Распространета корупција, без напредок во судството, прекумерна употреба на европското знаме и политичката поларизација, оценува Европската Комисија во извештајот за Северна Македонија. Министерот Османи за сè ја обвини опозицијата која го блокирала парламентот, а за ВМРО-ДПМНЕ извештајот е одраз на реалноста.

Политичката ситуацијата во Северна Македонија остана поларизирана што влијаеше врз правилно функционирање на демократските институции. Нема напредок во судството и борбата против корупцијата. Во голем мера влијание имале и измените на Кривичниот законик, што беа изгласани во брза собраниска процедура.

Ова се само дел од прашањата за кои Европската комисијата (ЕК) изразува сериозна загриженост во извештајот за напредокот на земјава во 2023 година.

Директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ) Симонида Кацарска, смета дека треба да се загрижуваат оценките за областите од кои зависат преговорите на земјава со Европската Унија (ЕУ).

„Во нашиот случај добар напредок Комисијата утврдува само во поглавјата статистика, слободно движење на капитал и заедничката надворешна политика на ЕУ. Тоа што треба особено да нè загрижи се оценките во правосудството и борбата против корупцијата како клучните области од кои зависи целокупниот тек на преговорите“, вели Кацарска за Радио Слободна Европа.

Застој во правосудството

Во однос на судскиот систем, во извештајот на Комисијата се наведува тој се наоѓа помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка и оти нема напредок во однос на извештајниот период од една година.

За Судскиот советот е посочено оти треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание.
Загриженост, според ЕК, за несоодветно политички влијание предизвика и контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет.

Тим на Европската Унија (ЕУ) на крајот на септември ја заврши оценската мисија во Судскиот совет, но сè уште не се објавени препораките. Мисијата дојде по низата скандали и превирања во Судските совет, откако за пет месеци беа сменет две претседателки на Советот. И двете обвинија дека причина за нивната смена е политички интерес.

Се нотира и дека има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите. Ограничено е и спроведувањето на стратегијата за човечки ресурси во судството и обвинителството.

Корупцијата е распространета во многу области

За корупцијата, пак, се забележува дека останува распространета во многу области и ова прашање е загрижувачко.

„Се зголеми одложувањето и пресвртите на судењата за случаи на корупција на високо ниво, што во некои предмети резултираше со застареност“, стои во извештајот.

Во дел од извештајот е нотирана и потребата од брза имплементација на препораките од групата држави против корупција за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии.

Измените на Кривичниот законик исто така се нотираат во извештајот. Тие беа донесени под превезот на европското знаменце и меѓу другото опфатија намалување на казните за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, што доведе до застарување на повеќе судски случаи во кои се гонеше висока корупција и организиран криминал, меѓу кои и предмети од Специјалното јавно обвинителство.

„Измените, исто така, ја попречуваат способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела. Ова е прашање на сериозна загриженост“, забележува ЕК.
За Државната комисија за спречување на корупцијата се вели дека била проактивна, отворила неколку случаи, но се нотира дека нејзините препораки треба да се почитуваат.

„Треба да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК, да им се дадат дополнително пари и да се вработат експерти. Повеќе пари и луѓе им се потребни и на Јавното обвинителство, истражните центри и единиците за спроведување на законот кои се задолжени за истраги за корупција“, пишува во извештајот.

Одреден напредок во борбата против организираниот криминал

Одреден напредок земјава забележала во борбата со организиран криминал, а се нотира и добрата соработка на ова поле со земјите-членки на ЕУ, соседите кои не се дел од ЕУ, Европол и Европравда.

За органите што се борат против одредени форми на организиран криминал се посочува дека треба да станат поефикасни, а како клучна се наведува координацијата меѓу институциите.
Исто така, ЕК нотира постигнат одреден напредок и во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Се споменува и справувањето со мигрантите, оти Северна Македонија е на една од главните транзитни рути.

ЕК препорачува да продолжат напорите за да се обезбедат основни услови за живот и услуги за сите мигранти во земјата и да се направат напори за зајакнување на институционалните и административните капацитети за управување со миграцијата. И тука се потребни повеќе луѓе и повеќе материјално-технички ресурси.

Во извештајот се наведува дека треба да се финализира и усвои и неопходниот план за вонредни ситуации за управување со големи миграциски текови.

Партии да бидат конструктивни

Во однос на политичките критериуми, пак, Европската комисија забележува дека Северна Македонија продолжила со напорите за зајакнување на демократијата, но се соочила со значителни предизвици во областа на владеење на правото. За изборното законодавство се нотира дека е погодно за одржување демократски избори, но се забележува дека не бил постигнат напредок за решавање и имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.

„Како што постојано беше споменувано и во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира и на еден навремен, инклузивен и транспарентен начин да се решат недоследностите“, пишува во извештајот.
Кога се во прашање по политичките критериуми, ЕК нагласува и дека работата на Собранието била нарушена со политичка поларизација која изминатата година се продлабочила, а со тоа се „одложило усвојувањето на многу реформски закони и важни назначувања“. Оттука, од Комисијата, нагласуваат дека пристапниот процес бара широк консензус од главните политички партии.

„Сите партии треба да почнат да се вклучат во конструктивна и инклузивни политичка дебата за да се зајакне улогата на парламентот“, забележува ЕК, а во однос на Собранието потсетува дека тоа заедно со Владата се обврзало да ги направат уставните реформи со цел вклучување на други народи во Уставот, како што се Бугарите.

За потсетување, вметнувањето на Бугарите во Преамбулата е услов кој државата мора да го исполни за да ги отвори првите поглавја од пристапниот процес кон ЕУ.

Прекумерна и несоодветна употреба на европското знаменце

Отворени критики од Брисел упатуваат и за употребата на европското знаменце при носењето закони.

Станува збор за инструмент со кој во Собранието законите се носат по брза постапка, а дебата се ограничува на три дена. Меѓу последните законски измени што беа донесени под превезот на европското знаменце беа и тие на Кривичниот законик.

„Има прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на скратените постапки и на процедурата со европско знаменце, во некои случаи поради недоволно комуникација и лошо планирање на законодавниот календар. Европското знаме треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања“, забележува ЕК.
Парламентот, се нотира, треба да обезбеди и навремено разгледување на извештаите што му ги доставуваат државните агенции и други органи.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *