Сутерен.мк

Замка за нозете, дар за мозокот

Во 1927 година Англичанецот Г. Елис проучувал 1 300 свои генијални сонародници и притоа забележал интересна поединост: многумина од личностите кои ги набљудувал страдале од хронично заболување на зголобовите наречено подагра или гихт!

Луѓето кои боледуваат од подагра по правило се големи работници, имаат јасна цел и умеат да се борат за нејзино реализирање. Нивната величина најчесто е плод на многу работа.

Гихтот оддамна се сметал за болест на привилегираните. Од него страдале и римските патриции, а особено бил раширен кај Англосаксонците – многу стари англиски семејства си го носат неговиот „печат“. Утврдено е исто така, дека склоноста кон пoдаграта се пренесува од колено на колено.

Појавата на гихтот е поврзана со дрчноста, зголемената употреба на месо и месни производи и често конзумирање на алкохол. Особено штетни се старите, слатки вина. Интересно е што Словените со него ретко имаат мака, а Индусите, кои се познати како вегетаријанци речиси, никогаш! Освен ова, тоa е болест на мажите – на сто заболени мажи доаѓа дури една жена.

Основната причина за болеста е таложењето на острите кристалчиња од натриумовата сол на мочната киселина во зглобовите и другите ткива. Поради тоа, при движење доаѓа до силни болки и воспаление на зглобовите. Во тешки случаи болните може да станат и сосема неподвижни. (Грчкиот збор подагра во превод значи замка за нозете.)

Каква е пак, врската помеѓу гихтот и генијалноста? Главниот причинител на болеста е значителното зголемување на количината на мочната киселина во крвта. А таа е во суштина, материјата на генијалноста!

Мочната киселина е производ на пуринот кој е од огромно значење за живите организми. Пуринот влегува во составот на нуклеинската киселина – супстанцата на наследството и аденозинтрифосфатот – преносителите на енергијата. Во пурини се вбројуваат и ексцитаторите (возбудувачите) на нервниот систем и срцето: кофеин, теобромин, теофилин што се наоѓаат во кафето, чајот и какаото. Градбата на нивните молекули се многу слични на градбата на мочната киселина.

Зголемувањето на нејзината количина обезбедува постојан поттик на мозокот и подобрување на неговите работни способности. Изгледа дека никогаш не се знае каде и колку си на добивка, а што губиш!?

Многу е веројатно дека мочната киселина одиграла одлучувачка улога во настанокот на човекот. Таа е отровна. Затоа кај сите цицачи постои посебен фермент, уриказа, кој ја разложува мочната киселина. Само човеколиките мајмуни и луѓето се лишени од овој фермент. Затоа ние во крвта имаме десетпати повеќе мочна киселина отколку другите живи суштества. Таа им помага на нашите нервни ќелии да работат побрзо и подобро отколку што тоа го прави мозокот на другите суштества. Очигледно дека нашите далеки предци – мајмуните ја изгубиле оваа „одлика“. Па така, нивниот мозок, постојано „подбуцнуван“ од вишокот на мочна киселина, почнал да работи многу посилно и со тоа се здобил со можност за забрзан развој.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *