Сутерен.мк

Нада Поп Јорданова: На лекарот најлесно му е да напише рецепт

Проф. д-р Нада Поп-Јорданова веќе четири децении работи како педијатар и триесет години како клинички психолог. Предава на Медицинскиот факултет во Скопје, основач е на Одделот за психофизиологија, член е на Њујоршката академија на науките и на Меѓународниот колеџ за психосоматска медицина во Лондон, на Европската академија на науките во Салцбург, како и на повеќе здруженија за психофизиологија, биофдбек, адолесценција и детска психијатрија во Европа и Америка.

Автор е на десеттина книги меѓу кои и “Депресија кај педијатриската популација”, “Педијатриска психофизиологија”, “Биофидбек”, “Анорексија и булимија”… Нејзиниот најнов труд, неодамна објавен, “Соматоформни растројства: бегство во болест” посветена е на болестите што се резултат од стрес или емоционални проблеми за кои нема органска подлога.

Овој проблем е топ тема на светско ниво и се смета дека е особено значајна патологија кај возрасната популација, што го оптоварува буџетот на секој здравствен систем за повеке од осумдесет отсто од бруто доходот.

  • Кому му е наменета оваа книга?

– Таа е резултат на моето големо искуство во работата со деца од најразлични возрасти кои доаѓаат на консултација или директно на мојот Оддел за психофизиологија, или пак се упатени на Клиниката за детски болести, а манифестираат какви било соматски проблеми за кои се претпоставува психолошка основа. Морам да нагласам дека педесет отсто од сите пациенти спаѓаат во оваа категорија! Тоа е многу голема бројка!

Оваа книга пред се, наменета е на докторската публика, значи за оние кои се едуцираат додипломски, последипломски, на специјализанти и специјалисти по педијатрија, клиничка психологија или детска психијатрија. Меѓутоа, внимавав на стилот да биде прифатлив и за другите читатели – родители, воспитувачи или педагози.

  • Општиот “впечаток” е дека лекарите лесно посегнуваат по рецептите, а ретко кој споменува соматоформи растројства?

– Најлесниот пристап во кој било третман е препишување на некаков лек. Тоа на лекарот му дава сигурност дека ете, нешто направил, а истовремено го смирува родителот или самиот пациент. По мое мислење, тоа е и најнегативниот приод, а се прави пред се, од незнаењето или несигурност на лекарите. Токму ваквиот приод води во она што се нарекува јатрогенија (болест индуцирана од самиот лекар).

  • Како родителите да се справат со овие “неоргански” болести?

– Откако лекарот ќе се насочи дека се работи за соматско растројство предизвикано од психолошки фактор, најпрвин треба да работи на разрешување на проблемот. Истото се однесува и на родителите. Секој симптом не треба да наведе на водење постојано на лекар и бескрајни нови и нови испитувања, туку превземање на смирен, одговорен и подржувачки став дека проблемот ќе се разреши во семејството.

Никако не се препорачува не одење во школо (школски абсентизам) зашто таквата постапка е навистина вовед во вистинско однесување на болен. Во книгата се дадени сите најбитни стапки за потребните постапки на родителите.

  • Во книгата споменувате дека ова време е и подобро, но и полошо за одгледување на децата. Зошто?

– Времето во кое живееме е доста поразлично заради многу фактори: најпрвин, семејството не функционира како порано поради вработеноста на родителите. Тие се по цел ден надвор од дома. Бркаат бизнис, работното време е долго, децата се препуштени сами на себе и на влијанијата на околината. Е, тука е и најголемото негативно влијание врз нив: гледање на несоодветни филмови, клипови или игри на ТВ, играње на агресивни игри на комјутер, дружење со непроверени другари, влијание на алкохол, дрога, пушење… Од друга страна, децата се сведоци на сурово презентирани агресивни настани кои им се сервираат или директно, или преку медиумите.

  • Постои ли “рецепт” како да се поправат состојбите?

– Она што нашите родители не го знаат е дека улогата на родител се учи! Нема генетска предиспозиција за родителство, иако многу од постапките се нагонски. Многу е важно како детето се држи, како се нишка, како се гушка, како се кара за негативното однесување, како се дисциплинира. Ова е битно не само за воспитувањето туку и за обезбедување добро развиена невробиолошка база за понатамошниот развој. Имено, од врската родител-дете зависи развитокот на неврална мрежа во предниот дел на мозокот која е основа за сиот натамошен развој како невролошки така и психолошки.

Рецепт за родителство нема, но затоа тука се медиумите, семинарите со лекарите или психолозите, печатените книги, списанија. За жал, кај нас многу малку луѓето читаат, повеќе сакаат да прелистаат илустрирани списанија и да гледаат сервирани и нформации на ТВ екраните.

  • Какви родители сме ние, овде?

– Според темпераментот Македонците спаѓаат во сангвиници, значи знаат да ги искажуваат чувствата, да бидат топли, одмерени. По традиција сме гостопримливи, дружељубиви, особини што се важни за детето. Но, современиот начин на живот и тука има влијанија. Мое лично мислење е дека процесот на дисциплинирање е проблематичен. Се оди во две крајности: или на детето му се допушта се, или пак се држи престрого. И двете крајности даваат негативни последици. Веќе истакнав дека рецепт нема, учење, следење на советите од стручните лица, образување во тек на целиот живот, сето тоа би имало позитивно влијание на улогата на родителот.

  • Што мислите за сите тие силни владини упатства за тоа колку и какви деца треба да имаме?

– Јас не сум за пропаганда при создавањето на семејство. Семејството треба да се создава зависно од емоционалната врска на парот, од економската стабилност, од професијата и имањето на време за воспитување. Не може да се потпреме нашите деца да ги воспитуваат установите или старите родители (баби и дедовци). Од друга страна, на секое дете треба да му се обезбеди не само храна и облека, туку што подобар образовен процес, спортување и слично. Сето тоа бара добра економска база.

  • На која “школа” и припаѓате во педијатријата?

– Кога мојата генерација специјализираше, ние бевме ориентирани на француската педијатрија, зашто нашите професори беа така подготвени. Со текот на времето, англиската школа стана доминантна, почнавме да учиме од американско-англиски учебници и списанија, па насоката се измени. Но, главно е да се следат новините, не е важно од која школа, зашто и педијатријата сега е глобализирана.

  • Кај Англичаните се уште е присутна практиката од тринаесеттиот век – децата во интернат, секое само во соба и среде зима на куси панталони…

– Јас лично сум пофлексибилен родител и педијатар. Сметам дека додека детето не стане адулт (20 години) траба да си е дома, ако за тоа има услови.

  • Дали педијатарот е адвокатот на детето?

– Педијатарот не е адвокат, тој е вториот родител. Тој лекува, советува, учествува во разрешување конфликти.

Градинката треба да згрижува во секакви услови!

  • Постојано во образовните институции за децата се бараат потврди дека се здрави!? Нели е тоа небулозно, зашто, можеби во моментот додека се пишува “доказот за здравје” детето “закачува” некој вирус!?

 

– Мислам дека во градинките непотребно се бараат вакви потврди, негативни брисеви и слично. Работејќи подолго во една европска земја видов дека таму тоа воопшто, не е потребно. Напротив, детето оди во градинка и кога е болно и таму се згрижува. Впрочем, градинката е и за тоа, да пружи згрижување во секакви услови, за мајката да не зема боледување. Децата си ги пренесуваат вирусите, бактериите, можеби ќе бидат почесто болни, но тоа е еден вид и стекнување на имунитет!

Педијатрите ги исфрлија!

  • Се чини, се помалку млади педијатри има во државава. Станува ли педијатријата неатрактивна?

– Педијатријата ја погодија промените во легислативата. Имено, законски педијатрите се исфрлија од примарната здравствена заштита и се заменија со лекари од општа практика или семејни доктори. Ова е нонсенс!!! Заради ова, последиците дури допрва ќе се почувствуваат. Децата припаѓаат на педијатрите, никој друг нема компетенција за нивно згрижување!

Детето учи според она што го гледа!

  • Родителите се почесто имаат проблем со манифестирање на неконтролирани излливи на бес од страна на децата. Што ги советувате?

– Агресивноста кај децата е реакција на нешто, а тоа нешто треба да се открие. Вообичаено е дека детето е агресивно ако и околината му е таква. За да не биде такво, воспитниот процес треба да се насочи онака како што зборувавме погоре. Дисциплинирањето исто така е неопходно, не може на едно дете се да му е дозволено! Јас лично не сум тепала дете, но моето дете секогаш знаело кога претерало во нешто и дека заслужило ќотек. Семејството е основата каде се моделира однесувањето. Тука детето учи според она што гледа, а не според советите. Тоа треба да е јасно!

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *