Сутерен.мк

Зодијак

Еден умен човек, кој се викал Шекспир, има речено: ,,Не се, драг Бруте, виновни ѕвездите. Виновни сме ние…“

Пред околу 2 100 години, Гркот по име Хипарх, кој живеел на островот Родос, еден ден, сосема ненамерно, го загорчи човечкиот живот со уште една бесмртна глупост. Овој астроном имено, го откри небесниот појас од дванаесет ѕвезди, што се вика Зодијак! Така започна лудирањето наречено астрологија!

Оттогаш па, до денов денешен, маса на паразити, кои си се нарекуваат астролози, живеат на сметка на лековерните луѓе. Нема телевизија, радио, весник, што се обраќа на поширока публика, а да не содржи рубрика посветена на зодијачките знаци. Во последно време се на(раз)множија ,,ѕвездочатци,, кои по нарачка прават хороскопи, дебело наплатувајќи го својот ,,поглед,, во нашата иднина. Овие луѓе без професија, слично на нашите фолирантски политичари, не заведуваат да им веруваме, глумејќи дека зборуваат за многу битни работи притоа, не кажувајќи – ништо!
Така , секое поинакво читање на хороскопските ,,прогнози,,, освен како обична забава, е сериозен знак за тапавост. Еве вака: земете три различни весници и во секој прочитајте што пишува во вашиот знак (или подзнак, сеедно) за тој ден. Во едниот ви велат ,,одете на работа, но држете се понастрана од претпоставените и побарајте подршка од колегата,,. Во другиот – ,,предложете им го на авторитетите својот проект. Ве очекува успех!,, Во третиот пак, ,,најдобро би било денеска да не излегувате од дома. Ѕвездите не ви се наклонети,,. Обидете се да ги следите овие упатства истовремено (оти не може едниот хороскоп да е точен, а другиот погрешен, нели!?) И за цели две минути ќе завршите на психијатрија.

Не е само обичниот народ подложен на ваквите манипулации. Холивудските ѕвезди не одговараат на телефон без да се консултираат со личниот астролог. Спортистите, политичарите, уметниците, бизнисмените, сите ги користат нивните скапи и бескомпромисни услуги. (Што и да ви кажат овие квазисервисери, ќе им платите. Не сум слушнала дека банкротирал некој од нив.) Секој сака да слушне дека го чека убава иднина, дека ќе има добивка, пријатно патување… Меѓутоа, никогаш нема конкретни податоци – кога точно ќе се случи тоа, со кого, колку… Како е можно тие претсказанија да се и приближно точни, кога се однесуваат на милиони луѓе родени во истиот период!? Сте чуле ли дека некој сериозен универзитет има предмет астрологија? Или дека некој астроном се занимава со оваа паранаука односно, дека некој од мноштвото самонабедени ѕвездознанци го набљудува небото? (Прашајте ги кога ќе налетате на нив дали знаат каде се наоѓа Големата мечка, на пример.) Кога сте прочитале или чуле дека некој од нив добил на лото или воопшто, успешно предвидел некоја катастрофа?

Овие и на нив сличните шарлатани, обично се појавуваат во времиња на кризи. Значи, се додека има несреќни на светов, желни за збор утеха, ќе ги има и тие кои ќе заработуваат на туѓата мака.
Нема никаква мистерија ниту во описите на карактеристиките на зодијакот. Знаците се обично, позитивно прикажани (а убавото мислење за себе е заводливо) и, ако внимателно ги прочитате за сите членови на планетарното семејство, ќе видите дека некоја особена разлика во нивните карактери и нема. Горе долу, се е тоа едно те исто, во сите можни комбинации. Накусо: верувањата дека има намќорести и пријателски планети, што раководат со нашите судбини, во најмала рака е паганство! Нема белким да поверувате дека кафекуварката од вашата фирма е шуш – буш со небото и негов истурен агент кој ги соопштува големите одлуки!?
Згора на се, деновиве ја избришаа Плутон од списокот на зодијакот. И сеа, шо праиме!?

Бранка Д. Најдовска
зевзекманија.мк, 2006 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *