Сутерен.мк

Зоица Пуровска Велевска: Ја фрламе во вода сопствената инвестиција!

Примабалерината (1956 година, Скопје) на Македонскиот народен театар на први март о.г. во Драмскиот театар го одржа концертот „Засекогаш Охридска Пенелопа“, со кој по 25 години страст, емоции, особеност и перфекционизам на балетската сцена, замина во пензија.

Радоста за славењето на овој значаен јубилеј сепак, беше поматена со тоа што заминувањето од сцената првенката Пуровска Велевска не го одбележа во својата матична куќа. За причините за ова, но и за состојбите и иднината на македонскиот балет, за 25 – те години игра, за нејзиниот партнер на сцената и во животот Зоран Велевски, за политиката во театарот, во разговорот што следи

  • Па, како поминаа овие 25 години балет?

– Како во еден здив. Сепак, ако се навраќам назад за секоја година има многу да се каже. Овој четврт век значат еден голем опус на улоги зад мене, што значи дека имало репертоарна политика, која за мене била повеќе од релативно добра, затоа што уметникот најмногу напредува преку репертоарната политика. Особено, во периодот на Антон Баталаков, оние први години кога настапував како млада солистка на Балетот. Во времето на Олга Милосавлева.   

  • Постојано во интервјуата ја споменувате г – ѓата Милосавлева…

– Да, затоа што Олга не ми беше само учител со кого имав прекрасна соработка. Таа прво, беше прекрасна како човек. Многу народна, многу природна, топла и отворена личност. Голема балерина и голем кореограф! Онака, како што навистина им доликува на едни работници од уметноста.

Жално е што моравме прерано да ја загубиме. Олга можеше уште многу да ни даде бидејќи беше голем професионалец. Знаеше да работи со луѓе, да ги релаксира односите и да направи компромис. Таа како шеф на Балетот ги штитеше интересите на балерините, ги мотивираше оние кои имаат потенцијали во себе да одат напред. Беше навистина голем педагог и прекрасен пријател. Знаеше да направи големи чекори.

  • Што ќе работите по пензионирањето?

– Ќе се занимавам со репетиторска работа односно, дел од репертоарот, она што сум го играла би го пренела на младите. Тоа е и моја желба. Мислам дека таму најкреативно се чувствувам, како и мојот сопруг бидејќи, праксата го чини своето. Тоа не е сепак, класична педагошка работа оти, за да бидете педагог, треба да поминете некоја школа од типот на ГИТИС. А за тоа е потребно време.

Повторно да оделувам од времето на моето семејство, малку ќе биде нескромно од моја страна. Имам некои претензии да „летнувам“ до Киев, но тоа би било на куси периоди од неколку недели, па би се враќала дома. Меѓутоа, да одам на дошколување, за да се занимавам со педагогија, мислам дека не ми е потребно.

  • Како е да се биде со истиот партнер на сцената и во животот?

– Браковите меѓу уметниците се честа појава особено, ако работите заедно. Партнерствата на сцената, ако се и приватни можат да бидат многу плодни. Постои поголема доверба и сигурност. Меѓутоа, тоа знае и да го искомплицира односот зашто, до толку сме слободни што понекогаш си дозволуваме и да не се однесуваме како „што треба“. Да си ја покажеме нервозата, моментните несогласувања… Како што велеше Баталаков: „Аман излезете и разберете се веќе еднаш! Кој држи проба – вие или јас!?“

  • Колку е важен професионалниот партнер за една балерина?

– Многу! Имало одлични балерини, но биле хендикепирани, ако во моментот немале партнер, кој генерациски им бил близок. Или, ако нејзината конституција не е подобна на неговата. На пример, ако е превисока, а тој не е доволно. Се прават некои компромисни решенија, но визуелниот ефект не е комплетен. Можат да се викнат и гости, но не можете постојано да ги викате, нели!?

Сум имала извонредни партнери во Марјан Црвенов, Тони Баталаков, Александар Хаџиманов, Екрем Хусеин… Меѓутоа, сепак, еден долг период од мојата кариера ја поминав со сопругот Зоран Велевски што за мене беше благодет. Да се оди напред треба да си спокоен сто отсто во работата. Независно колку сме биле заморени и кога имало нешто недоречено во игата секогаш за тоа сме разговарале, заедно сме се надоградувале. Многу е битен партнерот да даде максимум од себе.

Со Јоана
  • Ќе тргне ли некоја од ќерќите по вашите стапки?

– Јоана (родена во бракот со Ристо Шишков з.н.) имаше таков план – нормално, за секоја ќерка идеалот е мама – но нејзината физичка конституција не е најидеална за балет иако, е слабичка и грациозна. Додека пак, Ангела ги има тие физички предиспозиции. Можеби затоа што и двајцата родители и се балетски играчи, но тоа не значи гаранција за успех. Сепак, многу е храбра, а тоа е исто што и надежна.

Со Ангела
  • Што значи за вас балетот?

– Имав неполни 17 години кога ја загубив мајка ми во сообраќајна несреќа… Се скрши тоагаш нешто во мене, а јас се фатив за балетот како за нишка која ќе ме одржи во животот. И ме одржа. Тогаш и сиве овие години. Секогаш кога ми е тешко јас ги полнам батериите со балетот, низ играта. Што велеше Анатолиј Шикера: „Балетот е – искра Божја!“

Многу му давам од себе, но и многу примам од него. Ми се насмевна среќата што на сцената ќе бидам до крајот на сезонава. Искрено се надевам дека ќе се најдам себе си во таа репетиторска работа. Дека ќе ме исполни и дека ќе ги исполни оние со кои ќе работам. Постои трема, како пред премиера: дали ќе успеете, како ќе ве примат…

  • Како се чувствувавте на прошталниот концерт?

– Беше многу интересно, но искрено, не сакам да го нарекувам „проштален“. Имав трема и – немав трема. Оти знаев дека луѓето кои дојдоа, беа дојдени заради мене. Беа дојдени од љубов, таму немаше глума. Нешто зрачеше, сите сакаа да ја видат старата Зоја, Зоја од младоста. Сепак, морам да признаам, бидејќи пробата со светло се случи во последен момент, малку се борев со светлото и мислам дека поради светлата не го дадов од себе она што требаше. Сите велат прекрасно беше, но јас знам што е прекрасно.

  • Зошто славењето не се случи на вашата матична сцена, во МНТ?

– Не знам… Уметникот е многу голем емотивец, не постојат граници на однесување, тука нема место за политики… Се чувствував убаво што прославувам еден ваков јубилеј, но ми беше и тажно во душата, зашто сепак, тоа не се случи на матичната сцена. Мислам дека малку беа отсутни. Не знам дали намерно или не, но искрено речено, мислам дека во прашање беше суета на директорката на Балетот, некое одмаздување за сиве овие години што ми била алтернација, за што јас не сум виновна.

Одговорност за тоа сноси и генералниот директор на МНТ, Владо Цветановски, зашто мислам дека се работеше и за негова неинформираност и непознавање на состојбите во Балетот. За жал, пак беа и тука политики, припаѓање на една или друга политичка опција. Велам за жал, зашто во театар, во една уметничка куќа не би требало да има место за такви нешта. На еден вистински уметник не му се потребни полтронства и газење на сопственото достоинство. Не знам каде наоѓаат време да се занимаваат со политики!?

  • Има ли потенцијал македонскиот балет, квалитет и воопшто, иднина?

– Да, но мора да се има поголема поддршка од самата држава. Балетот е одамна без никакви награди, бенифиции, гостувања преку кои се ги меревме своите сили. Можеби сме се уште млада држава, па треба да се пробиваме… Толку многу се занимаваме со тоа дали сме Бугари, Грци, Срби што си го забораваме своето! Не се негува балетот!Не значи бенифиција со тоа што на четириесет и неколку ќе заминете во пензија! Балетот е специфична уметност.

Значи има кадар, талент и потенцијал, имаме врвни педагози кои го обликуваат сето тоа, но нема кој да се грижи за нив. Треба на младите да им се даде посебен акцент! Тоа знаење треба да се зачува, да не исчезне! Ќе создадете кадар, а потоа не ви е грижа за него? Всушност, си ја фрлате во вода сопствената инвестиција!

  • Постои ли нешто што сакавте, а не го одигравте?

– Секојпат постои нешто што сте сакале, а не ви успеало. Лично сум прилично задоволна од своите улоги. Отсекогаш сум сакала да изиграм нешто во родниот крај на моите родители, во Егејска Македонија, за љубов нивна, но еве со Вања Лазарова на концертот дел од тоа ми се исполни. Со Олга честопати размислувавме за тоа, но можеби немав време… Мислам дека со „Охридска Пенелопа“ направив една компензација за тоа.

  • А што е она, на што најмногу ќе се сеќавате од изминативе години?

– Дружењата. Тоа беа такви дружби! Гостувањата. Толку внимание, ние знаевме каде ни е местото. Затоа сакам да дадам еден апел: ако Македонија ни е мала, дајте да ја направиме поголема! Дајте да гостуваме низ внатрешноста! Ние не живееме само за Скопје. Не не финансира само Скопје туку, Републиката! Како ќе не разберат луѓето од останатите градови што правиме, ако не го видат тоа!? Дајте да отидеме, да покажеме и да видиме! Да не почувствуваат и почитуваат! Да се почувствуваме и почитуваме!

Бранка Н. Доневска

„Старт“, 2000 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us