Доколку сте сведок на итен случај што се одвива пред вашите очи, сигурно ќе прземете некаква акција за да и помогнете на личноста во неволја, нели?! Иако, сите би сакале да веруваме дека ова е вистина, психолозите велат дека не е баш така едноставно…
Ефектот на набљудувач
Изразот се однесува на појавата по која колку има поголем број на присутни, тлку е помала веројатноста дека луѓето ќе и помогнат на личноста која е во неволја. Во вонредни ситуации, шансата да добие помош несреќникот е подобра, ако има што помалку присутни. Да се биде дел од голема група доведува до ничие преземање на одговорност за акција односно, до пасивност.
Најчестиот пример за ефектот на набљудувач во уводните учебници по психологија е бруталното убиство на младата жена, Кетрин Кити Џеновезе (28), во 1964 година. Девојката, враќајќи се од работа, пред нејзиниот влез ја нападнал и избодел до смрт извесен Винстон Мозли.
Половина час Кетрин повикувала помош врескајќи, но ниту еден од соседите (имало 38 сведоци) од нејзината и околните згради, кои ги чуле криците, не само што не и помогнал, туку не ни повикал полиција. Дури откако било предоцна, некој го пријавил инцидентот.
Зошто никој не помогнал?
Присутноста на другите создава дифузија на одговорноста. Бидејќи постојат и други набљудувачи, поединците не чувствуваат толку притисок за нешто да преземат. Се смета дека одговорноста е поделена меѓу присутните. Другата причина за ваквото однесување е потребата да се однесуваме коректно и општествено прифатливо. Кога другите не реагираат, поединците тоа често го сфаќаат како сигнал дека делувањето не е потребно или не е прикладно.
Освен тоа, ваквите ситуации се често двосмислени и не е баш секогаш кристално јасна природата на конфликтот.
Како да се спречи ова?
Истражувачите – психолози велат дека да се биде свесен за оваа навика е најдобриот начин да се прекине кругот.
Доколку пак, вам ви се случи да се најдете во неприлика, препорачана тактика е да одберете/издвоите една личност од групата набљудувачи, да воспоставите контакт со очи и да ја замолите за помош. Со персонализирање и индивидуализација на вашето барање, на луѓето им е многу потешко да ве одбијат.