Сутерен.мк

Игор Пачемски: Чекај, јас ќе ти кажам како треба!

Нешто што најмногу ми фалеше во Бугарија, беше контактот со југословенската средна класа. Бугарија, иако е во ЕУ, речиси и да нема средна класа. На каква средна класа мислам? Секако, мојата идеја е поблиска до утопијата на Емилија Попадиќ отколку до две деца, феријално, викенди на Треска (многу сте уште потресени, а?), солидни станови, солидни ѕидови, солиден мебел… Како рамка на пред се, солиден интелект, солиден стандард и солидна библиотека. За средната класа мислењата се поделени. Орсон Велс ја перципирал како најголемото зло, додека од Аристотел до Џо Бајден, е сметана за основа на стабилно и успешно општество. Колку хетеронормативно од мене, нели!?

Јас сум, да бидам искрен, еден од првите македонски соросоиди. Тој што доби една од трите “гранд при” стипендии во англиски boarding school. Еден од тројцата, откако првиот круг на конкурсот беше поништен, бидејки грото од родителите кои се сметаа дека се над таа средна класа, напукани со транзициска самодоверба и секако, привилегираност по дифолт или entitlment (се знае како министерски чеда и денес добиваат стипендии за талентирани – фуј!), најмија универзитетски професори да им го напишат есејот на нивните дечишта, за потребниот им академски предизвик да ја напуштат државата и можноста да учат во некое блескаво училиште во странство.

Ние чесните, ги напишавме есеите на рака, со чисти срца, полни со трапав FCE англиски, предолги реченици и посебно внимание на passive voice и други граматички пречки за school boy/school girl англиски. Професорските есеи беа сепак, токму тоа што се бараше. Нашите писменца беа прегазени. Но Сорос не е глуп! Кога привилегираните се појавија на испит по англиски испопаѓаа како круши! (Како што е легендарен веќе случајот од времето пред интернет, кога државна стипендистка во Pearson College на Vancouver Island падна на матура. Ало, не помина лошо – Падна! Во таа славна 1991/1992 година.)

И тој канцер на лош непотизам го покажа своето грдо лице и секако, беше „брже – боље“, што би рекле браќата Срби, препознаено од тие што ги даваат стипендиите. И одбиените бевме повикани пак, на конкурс. Сите стипендии ни беа доделени токму нам. Сега немојте да мислите дека ние бевме некои селанчиња кои со гумарици отидоа да се борат со граѓаните!? Не. Ние бевме деца на децентни родители, кои иако беа на доста солидни позиции, на крај памет не им паѓаше децата да им се китат со туѓи перја.

Животот после тоа, иако беше како една луда синусоида на падови и подеми, ме донесе во центарот на англиската висока средна класа. После тоа релативно лесно направив транзиција кон американската и со враќање на Балканот почнав да ја барам и пекам по истата кај нас.

Што за мене значи средна класа? Значи едукација. Значи комфор. Значи стабилност. Значи независност на мисла. Значи интелигенција. Значи децентност. Значи барометар на вкус. Значи државен просперитет. Значи лакмус за гомнари!

После поминати шест месеци во Македонија, од позиција на “локален авторитет” можам да кажам дека еден од најголемите проблеми со кои државата се соочува е токму недостатокот на средна класа и замената на истата со партиски војници, екстремно вокални НВО – а, но практично, без никаква корист од нив! Освен галама, која на овие простори е толку бесмислена што фактички дефокусира и прави поголем проблем поради пристапот и несврзаноста со реалноста, бидејки обично се одбираат или луѓе од недецентната средна класа, глупа entitled дечурлана без ден поминат на пазар на труд или благодарни провинцијалци, но никогаш, ама никогаш од кругот првично одбиен од Сорос – аналогија на луѓето со кредибилитет.

Луѓе со позиции добиени после Шарената револуција исто така се доста клучен дел од ова дисфункционално милје, како и државни службеници од двете доминантни партии. Бојното поле обично е интернетот, а јазикот и од двете страни е однапред програмиран. И едните и другите – чипирани!

Кога целата феминистичка гарда во Скопје се вдаде во ревносно бранење на српските актерки, кои биле сексуално злоупотребени, секој кој се дрзна да постави прашање кое се разликуваше од доста прецизно зацртаната диоптрија, беше распнат од грл ганг-от на една наша писателка. Инаку една од оние кои прашаа е моја најблиска другарка, жртва на сексуално насилство на свои шест години, која веднаш кажала дома што се случило по што насилникот бил фатен. Но не! Монопол над сексуалното насилство го имаат само тие, кои како селски учителки дојдени по казна во Македонија од Белград, ги учат маларичните деца како да си го бришат газот.

Од друга страна, хоророт на оној „папочен“ писател искажан во неговата последна колумна и неверојатната хомофобија и омраза кон се различно е исто така аплаудирана од доста градски ликови. Со прецизна реторика од другата страна. Дали гледам разлика? Да. Едните сепак, се борат за човекови слободи, а другите се еклакантни примери на ксенофобични токмаци. Но, што е проблемот и на двете страни? Тоа што и двете страни се против аргументирана критичка мисла. Против тоа некој да не се впише точно во нивната матрица. The bullied become the bullies.

Група дебармаалки (или wanabee дебармаалки) со глинени обетки со папагали кои си плескаат меѓусебно колку им се супериорни дундите, нема да го решат проблемот зошто во Шутка нема гинеколог, дека огромен дел од Македонија живее во менструална сиромаштија и можеби најголемиот – самите тие се толку привилегирани, што е супер смешно да си играат активистки!

Треска и очигледната алабнофобија. Оној соц – комарник кој беше затворен поради 4-ти степен загадување на реката? Небаре Плитвице го узурпирале клетите Шиптари!? (Тоа им е проблемот!) Еден комитет крстен по главниот град на Финска, постои независно, иако централната организација е затворена поради проневера пред 12 години. Знаеше некој тука за ова? Не мрзи да прочепкаме.

Трева се легализира. Кој ѓлавол бараат НВО – а во таа констелација, а нема полицајци, доктори или психијатри? Во овие медиски пењавења и крици, измешани се гласовите на политизирани НВО – а, на партизирана средна класа и на привилегирани чеда на македонски династии, кои просечните ќофтиња си ги ставаат на асистентски позиции, си ги вработуваат, си ги праќаат со полни стипендии да учат клик клак…

(Еднаш прашав еден ревносен вработен во Град Скопје да ми даде телефон од иницијатива што срчано ја промовираше: пет пати ми беше даден погрешен број. Пет!?)

И ќе се прашате, чуму овој револт?

Па тој е логична реакција по шест месеци гледање како структурите се поврзани како лигави црева, како „врана врани очи не копа“, како се држат меѓу себе, иако се од различни табори, со заеднички делители на добиени ангажмани со протекции, со бескорисност, со чипирање и работење во рамка на дозволеното и стимулацијата од шефот на кој му поднесуваат сметки. До што води ова? До немање на средна класа. Немање на стандард, не финансиски, туку како репер. Репер на децентност. Репер за чесност. Да не се чека државата, некоја нова невладина, партијата да ти најде работа. Да нема deus ex machina составен од партиски функционер, родител, политизирани активисти кои ги решаваат проблемите само на одбрана демографија. А сево ова води само до едно место – до Пропаст.

Живееме во оној Белград на Нушиќ во 2021 – ва. Сто години сме назад од аспект на градска еволуција!

Сакам да имам право на свое мислење без распнување. Сакам пазар на труд. Сакам да не морам да молчам. (Не дека молчам де, ама остајте ме да се дофурам!) Сакам вино во Веро кое за тие цени ќе биде Grand Cru (не мора да е Premier). Сакам ресторани што знаат да направат јајца бенедикт. Сакам интелигентни луѓе на кои не треба да им кажуваат како треба простаците кои се ѕвезди само во нивниот микро космос. Сакам работливост. Сакам repartee.

Кога веќе сте платени да верглате нешто за нечиј политички или друг личен интерес, имајте зрнце доблест и изменете ја малку, ако ништо друго, реториката. До толку барем не бидете мрзи, драги мои аппаратчики!

( Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us