Сутерен.мк

Мира Адања Полак: Новинарка на ракетен погон

Упорна до фанатизам, љубопитна, правдољубива, секогаш на страната на вистината и неуморно енергична, се главните карактеристики на жената која со децении важи за синоним на балканското телевизиско новинарство.

Мира Адања Полак е родена во Будимпешта во 1942 година, во еврејско семејство, со татко хирург и полковник во тогашната ЈНА и мајка историчарка на уметноста. Завршила психологија на Универзитетот во Белград, а се усовршувала во Швајцарија, Велика Британија и САД. По студиите, работела како стјуардеса во ЈАТ, шеф на маркетинг во „Експорт-прес“, а во 1971 година, како хонорарен соработник и репортер во тогашната Телевизија Белград, првпат се сретнува со професијата што денес не ѝ е само пасија, страст и предизвик туку и најголемата животна љубов.

Таа е новинарка со железна волја, која секогаш знае што сака, а верувањето дека може да го менува светот не ја напушта ни денес, кога ги подготвува своите авторски емисии „Мира Адања Полак и Ви“, што се емитуваат на РТС секоја сабота. По повеќе од четиридецениска работа во новинарството, таа не престанува да ги бара и пронаоѓа случките, настаните, личностите за своите документарни емисии и репортажи.

Има реализирано и над петстотини интервјуа со светски познати политичари, државници, актери, писатели, спортисти, меѓу коишто и со Хенри Кисинџер, Вили Брант, Џорџ Сорос, Софија Лорен, Карло Понти, Оријана Фалачи, Габриел Гарсија Маркес, Данило Киш, Борис Годунов, Индира Ганди, членовите на династиите Романов и Караѓорѓевиќ… Често некои од своите емисии ги посветува и на хуманитарната работа, за што има и многубројни меѓународни награди и признанија.

Во интервјуто за „Теа модерна“, Адања Полак вели дека не се чувствува поважно од програмата на којашто работи и дека никогаш не создава близок однос со своите соговорници. Себеси се опишува како скромна и здодевна жена. Сопруга е на ракетниот инженер Мартин, со кого го има синот Марко. Познатата новинарка е и баба на три внуки.

  • Кои карактеристики треба да ги поседува еден професионален новинар?

– Карактерот е веќе профилиран кај секој возрасен човек, па и кај личноста која се занимава со новинарство. Сепак, треба да биде објективен и способен да го одвои важното од неважното. Мора секогаш да ја слушне и другата страна, да ја каже вистината и да застане зад неа. Всушност, вистината игра клучна улога во оваа професија.

  • Дали новинарството се сменило од Вашите почетоци до денес? Како го оценувате сега?

– Не може да се зборува воопштено. Постојат професијата и занаетот, а луѓето се тие што ги прават успешни, веродостојни или вредни за почит дејностите во коишто работат. Новинарството е занает што треба да се совлада. Дали и колку е совладан секогаш кажува публиката.

  • Зад себе имате импресивен минат труд. Кога Ви било најтешко?

– На вистинскиот новинар секогаш му е тешко, затоа што за квалитетот одговара пред себе. Го потпишува својот квалитет. Лично, секогаш знам што сум направила. Јасно ми е уште на почетокот што е добро, а што не е. Најтешко ми е да го задоволам својот сопствен критериум.
Често знам за време на подготвувањето на некои емисии или репортажи да му кажам на снимателот: „Исклучи ја камерата за да се исплачам“. Иако внимавам емоциите да не ми замаглат некои факти.

  • Што еден новинар не смее, а што мора да праша?

– Никогаш не откривам тајни кажани во доверба, иако би биле тиражни. Никогаш не го доведувам во прашање интегритетот на соговорникот. Никогаш не зборувам лошо за колегите и за медиумската куќа во којашто работам. Секогаш поставувам прашања со коишто сакам да ја откријам вистината. Понекогаш истото прашање го поставувам повеќепати.

  • Вие сте дипломиран психолог по професија, а во Вашите емисии често имате мошне деликатни соговорници, луѓе со тешки животни трауми, исповеди, животни приказни. Дали психологијата некогаш сте ја искористиле во служба на новинарството?

– Студирав психологија затоа што ме привлекуваше како наука. Ги открива случувањата во личноста кога ќе се најде во одредени ситуации. Како да гледаш нечија душа во огледало. Психологијата ми помага денес подобро да го толкувам човечкото однесување и да ги разберам нештата што се тешко разбирливи. Ако поседувате знаење за човечката душа и за процесите што го дефинираат однесувањето на луѓето, полесно ги анализирате случувањата околу себе.

  • Имавте ексклузивни интервјуа со многу познати личности од јавниот живот. Кој од нив искрено Ви се допаднал, кој Ви оставил позитивен впечаток?

– Впечатоците за мене се значајни само додека го водам разговорот и ми служат само како парче со коешто може да се комплетира целата приказна. Во принцип, впечатокот секогаш сакам да го тргнам настрана, затоа што тоа е само мое доживување на личноста со којашто разговарам. Тоа не треба да ги засега гледачите и читателите.

Мислам дека многу учам од соговорниците, од секое направено интервју, без оглед кој е спроти мене. Од Лоренс Иглбергер, еден од амбасадорите во поранешна Југославија, најголем познавач на Источна Европа, од Јованка Броз, која ми се отвораше во неколку наврати искрено и женски, од Амалија Родригез, големата фадо-пејачка која ми даде интервју непосредно пред смртта… но и од обичниот селанец, работник, ѕидар кои ги кажуваат сопствените маки.

  • Има ли нешто што го сметате за круна на својата кариера?

– Себеси сѐ уште не сум си ставила круна, ниту, пак, го сакам тоа. Не придавам големо значење ниту на она што публиката и колегите го нарекуваат успех ниту на неуспехот. Сето тоа е неодминлив дел од новинарската работа. Тешко е заедно со новинарската професија да ги зачувате личната среќа и неприкосновениот мир. Ако успеете во тоа, тогаш сте успеале во сѐ.

  • Што значи да се биде жена на Балканот?

– Никогаш не сум се одредувала и гледала себеси на тој начин. Мене ме почитуваат како човек, колега, пријател, професионалец и тоа е доволно.

  • Патувате многу. Постои ли земја што Ве одушевила и каде што сте се чувствувале како дома?

– Во Индија обиколив пет држави и осум града. Тоа е земја што дава духовност повеќе од кое било друго место на планетата. Морам да одам повторно за да го видам и она што не сум го видела.

  • Кога последен пат сте биле во Македонија, на што се сеќавате?

– Уф, не сум била долго време. Бев одамна на Шар Планина и во Тетово и бев воодушевена од луѓето и нивната топлина. Мило ми е што луѓето ме препознаваат и ја ценат мојата работа. Би сакала да дојдам и интензивно го планирам тоа. Желба ми е да ги видам Охрид и Преспанското Езеро, да се запознам и да зборувам со мештаните.

  • Кога би можеле повторно да избирате професија, што би избрале?

– Репортер, документарист, автор, водител на програма во живо. Новинар! Јас не знам да работам друго!

  • Дали сте гурман? Сакате ли да готвите?

– Сакам и да јадам, сакам и да готвам. Мислам дека новинар кој не ги почитува и не ги сака овие две работи, тешко може да направи добра репортажа.

  • Често носите шапка и впечатливи модни додатоци. Ги следите ли модните трендови? Дали модата е уметност?

– Шапка носам секогаш кога ми е неуредна косата или кога немам фризура. Ја сакам и ја следам модата што, всушност, е и еден вид уметност. Деновиве се подготвувам да заминам за Лондон, каде што вторпат имам интервју со Роксанда Илинчиќ, која по светскиот успех ќе има своја ревија на Модната недела во Лондон.

  • Имате ли хоби, ги сакате ли спортот, природата, што Ве прави среќна?

– Го сакам пливањето, уживам кога читам стари весници и списанија, не трепнувам кога некој раскажува приказни… Најмногу од сѐ сакам да бидам со своето семејство.

Ноне Абрашева Ноциќ
„Теа модерна“, 2016 година 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *