Сутерен.мк

Илузорна опсесија

Малку ми е срам за ова што ќе ве прашам, ама немам кому да му се доверам. Вљубена сум во телевизиски лик. Тој е од тука, од Скопје, но е личност од рекламите, а јас полудев по него! Знам кај живее, со кого, како… Се обидов повеќепати да му пријдам, ама ме игнорираше. Како да се справам со оваа катастрофа што ме снајде?!

Малена (27), Скопје

Малена дарлинг, ама ич не сте малена иако, очигледно тоа „алтер его“ ви е некакво оправдување за ваквото однесување карактеристично – за малени! Да се вљубиш во ТВ лик е исто како да се вљубиш и во постер па, сеедно дали на него е Џејк Гиленхал или маалскиот шизик, со кој гарант ќе се сретнете на некоја свадба како сватови.

Во најмала рака, како што сме вака изолирани, не би ме чудело да ви испадне и некој братучед од трето колено за чие детско мрсулавење денес се плетат легенди во вашето семејство. Само што вие не се дружите доволно со роднините. А дека е катастрофа, катастрофа е. Сте почнале да го следите, што е најмизерната форма на однесување на било кое човечко суштество освен, ако не е за тоа платен.

Такви работи обично, не завршуваат на арно. Голема е веројатноста да налетате на некоја поблесава од вас па, да завршите на хирургии со изгореници на лице од солна киселина! Какви занесувања со славни фаци, какви бакрачи!? Овде!? Сега!? Со некој, кој е на нашите ТВ-а!? Кој не е таму некаде, во розевиот, прекрасен свет туку тука, се на се најдалеку, на двестотини километри!?

Кој сигурно, секој ден е на единствената важна улица, во единствениот важен град, преполн неважни локации и нормално, со темни очила и брада од ден – два, со распенавена вазна на масата што би требало да го конципираме како кафе и глуматара дека е алфа мажјак!?

И е невоспитан. Ги игнорира оние што сакаат да го поздрават, а сигурно врти глава и од оние што ги познава, ако не му се во нијансите на гардеробата. Не работи ништо, туку само се слика. Вообразено нешто, што некој го измислил за да стане големо ништо. Доколку не помогнат овие зборови отидете доброволно да ви направат лоботомија. Друг спас за вакви будалаштини, нема.

Всушност, можете да започнете и ригорозна диета со термички необработена храна. Велат дека толку ќе ве „исчисти“ што на ништо друго нема да мислите освен, на бурек, ребра, пинџур, овчо сирење и леб…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *