Сутерен.мк

Како мачо-менот се претвори во Нарцис?

Традиционалниот маж од силен и гламурозен тип ала Хемфри Богарт се чини, преку ноќ се претвори во чувствителен дечко, кој користи производи и услуги што како до вчера да беа наменети исклучиво за жените. И додека трендот создава жени кои се докажуваат на работа и се борат за моќ, мажите се повеќе време минуваат пред огледалото. Обрнувањето внимание за надворешниот изглед кај мажите е станато толку вообичаено, без разлика на возраста и општествениот статус, што тие оддамна веќе не се трауматизираат ни кога ќе влезат во козметички или фризерски салон (пред се, за бојадисување на косата) од присуството на дамите и воопшто не ги вознемирува фактот кој, како ќе ги види и што ќе рече за нив…

Што им се случи на мажите?

Класичниот маж кој се потпира на својата сила и интуиција полека исчезнува. Всушност, поимот машко повеќе нема јасна дефиниција. Жените сега не се жалат на нивните партнери за бесчуствителност туку дека тие се пречуствителни, а им влегоа и онаму, што до вчера се чинеше како исклучиво женска привилегија – козметичките салони…

Работата е толку „сериозна” што светските аналитичари припадниците на новото доба – корисници на разните методи за разубавување ги поделија во три категории: во првата канцелариските работници и деловните луѓе до 40 години, кои сметаат дека негата на лицето и телото е дел од дрес кодот без што нема успешна кариера. Втори се оние од 40 до 45 години, на кои првенствено им е битно да ги прикријат знаците на стареење. Најзабележителни овде се актерите, политичарите и другите кои заради природата на својата работа, „мораат” да останат што подолго млади. Последната категорија се оние мажи кои не можат да се замислат без редовни козметички процедури. Тие се најмалубројни, но токму тие ги диктираат трендовите во модата и козметиката. Британскиот новинар Марк Симпсон во 1994 година нив ги нарече метросексуалци, термин што оттогаш се користи за современиот маж, од било која сексуална ориентација, кој поседува извонредно чувство за естетика и троши многу време и пари на усовршување на надворешниот изглед. Секако, ниту ние не останавме имуни на оваа појава па така, ако порано домашните мачо типови избегнуваа дури и парфеми денешната ситуација е сосема спротивна…

Голем интерес за ботоксот

Проф. д-р Александар Анчевски забележува дека овој имиџ не се смени преку ноќ туку во текот на последните 15 – тина години.
-Секој денес сака да изгледа убаво и интересот за нега е присутен кај сите профили, но за жал, кај нас стандардот е таков што секој не може да си дозволи некои третмани, заради високите цени на истите – вели тој, а како најбарани услуги ги издвојува трајната ласерска депилација, со што мажите се ослободуваат од несаканите влакна под мишките, на јаболкниците од лицето, грбот, градите, но и употребата на филери и ботокс, што ефикасно ги решаваат брчките, а ретко кој се одлучува на хируршки лифтинзи.

Она пак, што е најактуелно во ординацијата „Д-р Анчевски” во моментов е пресадувањето на коса.
-Губењето на косата иако, не го загрозува животот ама делува на психата на човекот особено, кај младите луѓе, што може да доведе до депресија. Опаѓањето на косата може да се спречи, но тоа е со кус рок зашто гените на крајот победуваат. Затоа, единственото ефикасно решение е трансплатацијата. Меѓу клиентите има и мажи и жени кои доаѓаат на третмани од различни причини, но сепак, помногубројни се мажите, кои тешко се помируваат со фактот дека ќелават – вели, проф. д-р Анчевски, кој и самиот е редовен клиент на Ординацијата, користејќи разни третмани за подобрување на надворешниот изглед, потенцирајќи дека оддамна негата кај мажите не подразбира само капење и потстрижување, туку таа е многу повеќе од тоа.

Измазнување на лицето

Според м-р Мелина Милеска, менаџер на салоните са убавина „Силуете”, мажите како корисници на нивните услуги денес зафаќаат дури и до четириесет отсто од нивната клиентела. Ги бараат речиси истите третмани како и жените со малку поголем интерес за пакетите за слабеење, лпг третманите, нехируршкиот лифтинг (особено, на стомак), чистење и измазнување на лицето, „топење” на подбрадокот, солариумот, педикир и маникир и масажа…

– Има интерес и за негата на косата, но ретки се се уште тие што ја бојадисуваат. Најчесто мажите се шминкаат пред некоја значајна фотосесија, телевизиски настап и тоа главно за да се скријат некои недостатоци, но тоа е далеку од декоративната козметика што ја применуваат жените. За депилација пак, повеќе се заинтересирани помладите, но воопшто, клиентите ни се од различни возрасти и општествени слоеви, зашто оддамна веќе е аут да се има т.н. натурален изглед туку напротив!– вели Милеска.

Тони Зен, музичар

Депилацијата е задолжителна!

За популарниот Тони Зен (28), кој импресионира со одлично обликуваното тело, сите што одвојуваат време за да си посветат внимание на себе се негувани мажи без разлика на формата на третманот. Тој потсетува дека низ историјата на човештвото негата кај мажите еволуирала од потреба до навика па се до престиж, па затоа сите козметички третмани и средства имаат цена.

  • Не сум правел анкета за да го знам одговорот на тоа колкав е бројот на мажите во земјава што си посветуваат внимание на својот надворешен изглед, но претпоставувам дека има многу негувани мажи и тоа е сосема нормална појава.
    На прашањето пак, која е разликата меѓу водењето грижа за физичкиот изглед и метросексуалците, Тони, кусо и јасно, одговара:
  • Разликата е Џерард Батлер и Дејвид Бекам!

Нашиот најпознат хип хоп музичар вели дека користи креми за лице, но не постојано.

  • Само во случај на сушење на кожата од студот пред зграда – вели, смеејќи се. Меѓутоа, затоа пак, лосионите за тело ги користи обилно и секогаш е расположен да проба некој нов. Раскажува дека косата ја бојосувал како дете, во основното училиште.
  • Шема беше да имаш експеримент на коса односно боја која се добива од комбинација помеѓу паста за бричење и темперни бои! – полушеговито објаснува, но што се однесува до темата депилација, многу е посериозен:
  • Е, тука се средувам како да сум пливач иако, знам да се запуштам како мајмун, а и тоа ми е многу нормално. Отстранувањето на влакната ми е навика уште од моите кошаркарски денови.

За педикир вели, нема потреба, за маникир дека навистина нема потреба, а ботокс и слично – не „поштуе“! Масажите му се добредојдени иако, воопшто не копнее по нив, а за одржување на фигурата применува фартлег и футинг, аеробен и анаеробен тренинг. Тони Зен е задоволен од својот изглед, а единствено им завидува на оние кои не мора да си ги средуваат веѓите.

Божидар Јанковски, менаџер

Шармот ми е во побелената коса

Првиот човек на „Дајнерс” во Македонија, Божидар Јанковски (48), кој со секоја година плус изгледа се поатрактивно, најмногу време и пари троши на секојдневната хигиена зашто смета дека без таквиот секојдневен „темел” сето „китење” е за бадијала. За него, негуван маж ја подразбира токму таа дневна, задолжителна утринска тоалета во комбинација со повремено чукнување и на вратата на експертите.

  • Мислам дека треба да се има “свој” козметички салон и “свој” фризер и да им верувате. Јас ги имам! – Тој вели дека не може да зборува процентуално колку македонските мажи се грижат за надворешниот изглед, но според луѓето што тој ги среќава и познава има впечаток дека ги има во поприличен број. И тоа се од различни професии, социјални групи и генерации. „Негуваните како што велите вие, а јас би рекол спастрени мажи има доста во Македонија.“ На прашањето пак, која е разликата меѓу метросексуалец и негуван маж, Јанковски искрено признава:
  • Никогаш не разбрав добро што навистина значи метросексуалец, но мислам дека тој израз се употребува онака од ракав, па не можам да ви кажам во што е разликата. Знам дека негрижата за сопствениот изглед е непочитување на луѓето околу нас, во работната и домашната средина, а богами и на себе лично -Тој признава уште нешто – дека едвај дочекал косата да му побели „заради додатниот шарм, нели!?” (се смее, нов. заб.) така што не му паѓа на ум да ја бојадисува некогаш! На исто мислење е и за ботоксот и сличните „помагала” за измазнување на брчките.
  • До сега не. Велат дека со годините го добиваш лицето кое го заслужуваш. И нема инекција што тоа успешно ќе го ретушира. Сакам масажа, по или пред спорт, ама не толку редовно колку што би требало по двата часа тенис со Дуле. Не практикувам ни третмани за слабеење. Само се обидувам нешто поквалитетно да се хранам. Успева како кога… Сепак сум љубител на одлично вино и прекрасни ресторани – вели, Јанковски откривајќи уште еден детал, дека користи креми за лице и тоа на „Бабор”.

Илија Пенов, банкар

Редовно на козметички третмани

Еден од мажите, кој додека се појавуваше во рекламите редовно извлекуваше воздишки кај понежниот пол заради спортското тело и негуваното лице, Илија Пенов (29), сега банкар во „Капитал банк” вели дека не посетува фитнес центри, туку практикува вежби кои се во склад со неговата физчка конституција и еднаш неделно се искачува на Водно и токму овие активности му одземаат најмногу време, но, истовремено и најмногу го релаксираат. Најскапо пак, го чинат кремите и лосионите за лице што ги користи редовно, повеќе од десет години. Тој лично не користи лосиони за тело, бои за коса, не се депилира и нема никакви корективни зафати на лицето, но не е противник на користење на стручна помош, не ограничувајќи ја само на класичните козметички третмани, кои и самиот редовно ги практикува, туку и на корективната козметика и пластичната хирургија.

  • Во услови кога имаме огромна и достапна понуда на козметика и мода, луѓето веќе не се делат на убави и неубави, туку на негувани и ненегувани – вели Пенов и додава дека современата медиумска кампања е во насока на редефинирање на улогата на мажот во општеството и семејството, поистоветувајќи ја со онаа ма жените, а со тоа ја доведува во конфузија, бидејќи за мажот одсекогаш имало “да” или “не”, а никогаш “или”.
  • Фундаментот на машкоста, манифестиран и преку неговиот карактер, никогаш нема да биде дискутабилен и доведен во криза, бидејќи тој е во природата на мажот, што е различна од онаа на жените и токму тоа го прави привлечен за жените и истовремено респектиран од мажите – тврди тој, а за разликата на негуваниот од метросексуалецот коментира дека таа е во тоа што вториот не е само негуван, туку и сензитивен, шопингхоличар, користи цели палети козметика, преферира стилисти т.е. поседува карактеристики кои, за некој кој е роден и пораснат на овој дел од светот, побудуваат асоцијации пред се за женственост, па оттаму, според него е и разликата со мажот кој едноставно води грижа за надворешниот изглед.
  • Сметам дека категоријата метросексуалец, нема да го одржи својот континиуитет, иако, во медиумите има масовна подршка и широка примена. По својата природа мажот е маж и нему му е својствена машкоста, а не женственоста. Атрибути на машкоста биле и ќе бидат силата, способноста, ефикасноста и успехот, а независноста, автономијата и рационалноста во решавањето на проблемите се негов симбол – потенцира Пенов.

Златко Муцунски, менаџер

Обожувам јога и масажи

Првиот човек на „Порше Македонија”, Златко Муцунски (40), кому тешко можете да му ги одредите годините токму поради секогаш свежиот и „под конец” изглед, коментарот на оваа тема го започна со цитат од Фридрих Шилер, дека “изгледот владее со светот” особено во урбаното општество во кое живееме, зошто многу зборува за личноста.

  • Добриот физички изглед не се стекнува само со ставање шминка и посета на фризерници и салони за убавина, туку мора да излегува на површина како резултат на убавото чувство кое една личност го има во себе. Јас се трудам токму тоа и да го правам, преку постигнување на внатрешен мир. Практикувам спортски активности- планинарење, возење велосипеди и џогирање, а за духовна рамнотежа јога. Не трошам многу финансиски средства освен на скапи афтершејвови. Накусо, ние во Порше велиме “скромноста е нашата доблест” и тоа неминовно стана дел и од мојот приватен живот – коментира Муцунски, додавајќи дека митот за мачо мажите кои презираат грижа за изгледот е дефинитивно урнат.
  • Во една утопија сите би биле негувани, би изгледале совршено и луѓето би се ценеле само според она што го носат во себе. Но утопија не постои, па би ја цитирал Џин Кер која вели: „во реалниот свет никому не му е грижа дали имате прекрасен панкреас! Ние сме почетници во водење грижа за изгледот, но јас веќе и не можам да се сетам на некој од моите пријатели кој не води сметка за тоа…“ – Според него метросексуалците одат во екстреми посветувајќи повеќе време на негата од своите партнерки, а разликата меѓу негуван маж и метросексуалец ја опишува како меѓу човек кој знае како да ја среди својата коса и човек кој знае која козметичка линија е водечка во препаратите за коса, разлика меѓу човек кој има стил и човек кој е експерт за мода.
  • „Гревот” на метросексуалците е можеби нивната претерана грижа за изгледот, но се додека тоа не се претвори во нарцисоизам и опсесија, сметам дека и тоа е во ред –вели тој, потенцирајќи дека не смета дека машкоста е загрозена зашто верува во тоа дека современите жени ги претпочитаат современите мажи: средени, намирисани и подготвени да ја надополнуваат нивната убавина и привлечност. Муцунски обожува масажа, а педикир и маникир користи понекогаш.

До каде ќе се оди!?

За мислење го побаравме и Васко Тодоров, како социолог и продуцент, но и популарно ТВ лице, кој веднаш нагласи дека гласа за чисти и негувани луѓе.

  • Добро е што и ние влеговме во козметичките салони. Козметиката кај мажите не е работа од вчера. Векови пред нас на тоа се обрнувало значајно внимание би рекол, можеби многу повеќе и од денес. Всушност, се додека има жени, кои ги прифаќаат, одобруваат и се восхитуваат на негуваните мажи (па, нека некому тоа изгледа и претерано) се дотогаш, тоа е о.к. Единствено можеби, се двоумам околу „одобрувањето” на бојадисувањето на косата или нејзиното „заменување” со вештачки додатоци на местата каде што ја нема, но бидејќи јас немам проблем со косата, не сум ниту компетентен да зборувам за тој проблем. Накусо, козметиката за мажи е во експанзија, а понудата е водена од побарувачката. Сликата за денешниот современ маж е изменета, восприемачот на тој имиџ исто така, а и нашата сопствена претстава за себе, исто. Секако, тоа е последица и на светските трендови во маркетингот, филмот, модата… – вели Тодоров, нагласувајќи дека тоа е подобро отколку валкани луѓе да шетаат покрај нас. На крајот само го остави отворено прашањето: „Е, сега, до каде ќе се оди со тоа…!?”

Бранка Д. Најдовска
„Теа модерна“, 2011 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *