Сутерен.мк

Ладислав Палфи: Ова копно е премал брод за мене

Кога на 13-ти февруари беше објавена веста за смртта на Ладислав Палфи, постарите колеги истата ја прокоментираа со зборовите „умре македонскиот Моцарт“. Некои ги изненади информацијата, мислејќи дека веќе оддамна е заминат од овој свет додека пак, помладите, не ни можеа да си приспомнат за кого станува збор. Палфи, кого познавачите на музичката уметност го оценуваат како генијален пијанист, композитор и педагог, последната деценија од својот живот ја помина подзаборавен од јавноста, за сега, по неговата смрт, повторно да ги разбранува сеќавањата на неговото творештво и битисување.

Оние што поблиску го познаваа велат, дека таа „изолација“, таа дистанцираност од светот сепак, била личен избор на големиот музичар зашто велат, тој сам одлучувал кога и со кого ќе комуницира. Неговиот погреб, на кој присуствувале само неколкумина исто така помина незабележано. „Сигурен сум дека така тој сакаше. Тоа беше Палфи.“, вели неговиот ученик и близок пријател, композиторот Илија Пејовски. Меѓутоа, кој беше Палфи!?

Потрагата по одговор носи контроверзни информации и по малку мистерија. Според книгата на Бранко Каракаш, „Музичките творци во Македонија“, Ладислав Палфи е роден на осми ноември во 1924 година, во Суботица, од мајка Благуна (веројатно Македонка) и татко Еуген, по потекло Полјак. Самиот уметник пак, барем, како што наведува психијатарот Владан Велков во интернет изданието на книгата „Евгениј Ладислав Палфи (Не) заборавениот Гениј“, тврдел дека мајка му се викала Јоланта, татко му Еуген, а сестра му Леонтина и дека во семејството зборувале унгарски.

 

Според она што го пишува Велков (кој неколку години од седумгодишниот престој на Палфи во Психијатриската болница во Бардовци, го набљудувал интензивно великиот музичар), најраното детство Ладислав, го поминал во богатата куќа на дедото и баба по мајка, Јанош и Ана. Таму, неговите родители (татко му давал часови по виолина, а мајка му по пијано) го воведуваат во музиката и тој веќе на пет години ги има совршено совладано и двата инструменти, но предност му дава на пијаното.

Вундеркинд

Веќе по првиот јавен настап што го пренесува Радио Белград во 1931 година е прогласен за „чудо од дете“. Увидувајќи го талентот на својот син семејството Палфи се сели во Загреб каде го запишуваат на Музичката академија, а веќе на десет години, тој има солистички концерти.

Официјалните податоци велат дека тринаесетгодишниот Ладислав Палфи со родителите и сестрата заминуваат за Будимпешта за тој да специјализира пијано на „Листовата академија“ (по завршувањето на Загрепската), но самиот Палфи тврдел дека во Унгарија бегаат под налетот на нацистите во Хрватска и заради неизвесната судбина на сите кои не се Хрвати или Германци.

Како и да е, во главниот унгарски град учи да свири и виола, кларинет и оргули, а под силно влијание на мајка му, која јавно ги изнесувала своите антинацистички ставови, во него се развива голем отпор кон национализмот и антисемитизмот. Тој честопати во животот ја раскажувал приказната што ја слушнал како дете од мајка си, за малата птица, која кога слушнала дека „Небото ќе се урне врз Земјата, легнала на тлото со кренати ноџиња угоре сакајќи да ја спречи несреќата. Кога ја прашале птицата, како таа толку мала ќе успее во тоа, птицата одговорила: ’Секој треба да прави најмногу што може!’“ Воден од овие зборови, малиот Палфи, на натпреварот во Вајмар, пред бројните претставници на Третиот Рајх, ќе го изведе Прелудиум во Г – мол од Сергеј Рахмањинов, за што ќе добие и награда – пијано (кое пак, никогаш нема да стигне на неговата адреса), а самиот тој не можел да верува дека никој од присутните не знаел дека Рахмањинов е Евреин. „Тоа беше моја мала подршка за сите измачувани за време на војната!“ велел, уметникот.

Со крајот на Втората светска војна доаѓа голема сиромаштија и семејството Палфи повторно се сели – се враќаат во Суботица, а виртуозниот музичар продолжува да настапува зголемувајќи ја својата слава. Се жени со Марија Балаш (исто така пијанистка), со која заминува за Сараево и се вработува како корепетитор во тамошната Опера. Со сопругата започнуваат турнеја низ тогашна Југославија (тој на виолина, таа на пијано), што ќе го донесе и во Скопје, во 1947 година, каде што на покана на Тодор Скаловски, а со помош на Живко и Данка Фирфови, Ладислав Палфи (кој во чест на татка си, но и професорот Евгениј Ваулин ќе си го додаде и името Евгениј) заедно со Марија остануваат трајно, развивајќи влијателна музичка дејност. Овде ќе ги добијат и двата сина – Ладислав, кој живее во Скопје и Роберт, талентиран пијанист во Шведска.

Во главниот град на Македонија компонира, работи како корепетитор на Операта и Филхармонијата, предава во Основното музичко училиште, Средното музичко училиште и Високата музичка школа, но настапува и како солист и камерен музичар, оставајќи неизбришливи траги во македонската музика. Публиката била фасцинирана од неговите концерти, а се уште се прераскажуваат и неговите настапи со вокалистите Зина Креља, Васка Биџова, Марија Скаловска, Милка Ефтимова, но и со имињата од светски ранг, како певицата Мичико Сунахара, виолинистот Хенрих Шеринг, Пјер Фурние – виолончело, Леонид Коган – виолина… Повозрасните се уште ги паметат радио емисиите „Музичка пошта од чичко Палфи“ (иако, бил премлад за „чичко“) и „Детски минијатури за пијано“.

Анегдоти

Од тоа време останаа до денес да кружат бројните анегдоти врзани за Палфи, како онаа, кога го штимал пијаното за некоја голема музичка ѕвезда и потоа седнал да свири, а гостинот воодушевен искоментирал: „Ако кај вас, вака свират штимерите, како ли тоа го прават пијанистите!?“

Кога пак, умрел Моша Пијаде тогашната директорка на Радио Скопје изненадена од немилиот настан, се пожалила дека немаат подготвено доволно траорна музика, а Палфи дошол со неколку ленти и најсериозно и се обратил: „Другарке Малинска подготвив доволно траорна музика што нашите раководители можат да умираат колку што сакаат.“

Се раскажува и неговиот настап во Анкара, кога по првиот дел го снемало, а диригентот Томислав Шопов, не знаел како да се однесува пред вознемирената публика. Пред нестрпливоста да кулминира, Палфи излегол од под пијаното: тој всушност, за време на кусата пауза го штимал својот инструмент. Публиката била воодушевена, како од неговото музицирање, така и од овој „испад“.

Кога пак, му замериле дека е недолично еден професор дење да предава на Музичката академија, а ноќе да свири по барови (легендарни се неговите вечерни музицирања во „Гранд хотел“ со Драган Ѓаконовски Шпато, Љубомир Бранџолица и Андреј Бељан), во негова одбрана застанал Тома Прошев, кој пред тогашното раководство рекол: „ За разлика од многумина, Палфи го умее и тоа.“

Кога диригирал имал обичај да рече: „Изведбата е релативно подобра од лоша“, а на своите студенти им се обраќал со зборовите: „Таму каде што дисциплината влегува на врата, уметноста излегува низ прозорец“. Често повторувал дека „Површноста во работата е голем дефект на личноста“ и тврдел дека „Педагогија без психологија не е никаква педагогија!“ (Притоа, на часовите знаел да дојде со мотор Јава и да го „паркира“ покрај пијаното.)

Илија Пејовски, кој го поседува индексот број еден на Факултетот за музичка академија во Скопје, каде прв декан (во 1966-та) бил Ладислав Палфи вели, дека имал несекојдневна среќа да има учител како него.

„Инсистираше на тоа дека пред да ја отсвириш музиката, треба да ја чуеш во главата. Што би рекол сликарот Владимир Георгиевски, имаме академици, доктори на науки, професори, интелектуалци, ама немаме учители. Палфи беше Учител. Своето знаење го пренесуваше и со молк, а тоа е особина на растерувачите на Темнината. Сите работи што ги научив ми ги пренесе како енергија“ – вели Пејовски, кој е еден од ретките со кого композиторот, диригентот, педагогот и пијанистот комуницирал во последните седум години и додава: „Тој беше чудак – чудо од дете и чудо од човек.“

Ексцентризам

Ексцентризмот, како честа „појава“ кај големите уметници, бил и дел карактерот на Ладислав Палфи. „Како студент еднаш ме праша дали знам како чекори врапчето? Немав одговор. По 20 години го замолив да ми го објасни прашањето, а тој се насмевна и рече: ’Врапчето не прави ниту еден чекор во својот живот. Тоа скока.’ Што му значеше тоа, никогаш не разбрав“ – раскажува Пејовски и додава дека оние што го познаваа знаат дека тој од секогаш беше поинаков од останатиот „нормален“ свет. Меѓутоа, не секогаш таа различност наидувала на разбирање од околината, особено по смртта на сопругата Марија во 1992 година.

Така, од 1999 година до 2006-та Палфи ќе престојува во болницата во Бардовци, со дијагностицирана параноја односно, ќе ја подели судбината на еден Моцарт, Вагнер, Шуман, Сметана, Бетовен, Берлиоз… Таа ситуација не го обесхрабрила напротив, тој уште поцврсто верувал дека иднината ќе му донесе нови радости и предизвици. За време на своето „боледување“ компонирал и свирел, постојано потврдувајќи го генијалното во себе.

„Не само музиката, него го интересираше и страшно многу знаеше за математиката, физиката, хемијата, психологијата… Беше непоправлив оптимист, духовит и имаше неисцрпна инспирација. Постојано создаваше. Беше иноватор. Гуру!“ – вели Пејовски. За жал, од целокупното творештво на Ладислав Палфи (филмска музика, музика за камерни, оркестарски, сценски дела) многу малку е сочувано. Научните трудови како „Суперпрсторед“ (упатства за свирење на клавир), „Прстна педализација“ и „Музичка стенографија“ не се знае дали ќе бидат некогаш објавени.

Последната награда што ја доби е за животно дело од Сојузот на композиторите на Македонија, а последните години од својот живот ги поминал тивко во својот дом, во населбата Аеродром, посетувајќи го редовно ресторанот за макробиотичка храна “Хармонија“, разговарајќи само со неколкумина луѓе и одбивајќи да се појавува во медиумите.

„Палфи знаеше да рече ’Ова копно е премал брод за мене’ и повторуваше дека не сака да биде ’Амадеус во служба на Форман’. Таа желба се обидувам да му ја испочитувам и навистина, чувствувам грижа на совест што разговарам за него со медиумите, оти знам дека тој не би го одобрил тоа. Зашто, треба да се напише се или ништо!“ – потенцира Пејовски и додава дека во еден новинарски напис не може да се собере тоа музичко совршенство, сета љубов и енергија, мистика и трансцедентност. Се она што беше Ладислав Палфи.

Татјана Неделковска, сопственичка на „Хармонија“

Неговата личност ме фасцинира

  • Палфи беше старец со дух на младич. Го запознав пред три години, веднаш ни стана дел од секојдневието, дел од нас и не престана до денес да ме фасцинира неговата личност. Секогаш беше чист, но со погрешно запетлани копчиња. Крајно прецизен мислата и во движењата, но многу ретко зборуваше за музиката, а имаше познавања од се. Не му се навраќаше на минатото туку, стално зборуваше за иднината. Многу сакаше слатки работи – дури и пивото го пиеше со шеќер. Бев воодушевена од неговите раце, од таа мекост што извираше од нив. Мислам дека нема никогаш да се распаднат во земјата. Имаше прекрасен ракопис – никогаш не сум видела таков краснопис. Беше скромен и фин господин, кој знаеше да возврати на вниманието. Имам чувство дека Палфи беше човек кој многу сакал, а не бил доволно сакан.

Јован Настевски – Јон, фотограф

Необичен во секој поглед

  • Ми го привлече вниманието со својата необична надворешност и сакав да го фотографирам. Кога ми се претстави, сфатив кој е тој човек и последните три години се дружевме, а ми изгледа како да го познавав цел живот. Палфи беше необичен во секој поглед и никогаш не беше здодевен. Со своите 84 години зборуваше за нештата како некој младич во екот на својата физичка и умствена сила. Илија Пејовски сакаше да му направи монографија, а јас сакав да снимам документарен филм за него (набавив и клавир за него), но ете, за жал, не успеавме. Знаеше да го снема некое време, да и се посвети на медитацијата, па пак да се појави… Ги сакаше луѓето и беше благодарен за секое внимание. Неверојатна личност и генијален музичар.

Бранка Д. Најдовска
“Глобус”, 2008 година

One thought on “Ладислав Палфи: Ова копно е премал брод за мене

  1. Blagodaram na site za ubavite zborovi i secavanja. Jas sum pomladiot sin Palfi Robert

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *