Сутерен.мк

Кога не му е гајле?

Не ми се јавил речиси две недели. Многу работи и го разбирам целосно. Ама, со месеци сме заедно, а тој не предлага никаков заеднички план. Можеби е таков зашто пред тоа ме изневери, за што јас дознав, па сега му е непријатно да ме побара. Да му се јавам ли јас или да чекам тој да се јави?

Сабина

Сабина дарлинг, се залажувате самите себе со излитени изговори. Нема маж што е заинтересиран за една жена, кој нема да најде време (во ера на тонско бирање) и место (покрај Џи – Пи – Ес) за да и се посвети и да ја израдува па таман, веќе утре да го назначуваат за наследник на Елон Маск!

Зборот „презафатеност“ е масовно оружје за намерно уништување на секоја ваша помисла дека со него сте во врска! Презафатен е другото име за лажго. Лажго е тој, по кој плачете.

Секој оној што не покажува ни најмал знак на внимание кон вас за да ги среди односите, смири тензиите не заслужува да биде во ваша близина. Зашто, нему не му е гајле. Кога не ви се јавува – не му е гајле. Ветува, не исполнува – не му е гајле. Не се чувствува одговорен за вашите емоции – не му е гајле. Јасно како ден – не му е гајле за вас!

Повремената дружба (секс) не е исто што и да се има врска. Мажите исто како и жените имаат потреба да бидат емотивно заштитени и посакуваат сериозна релација, а еден од начините на кој тоа го покажуваат е што си даваат право на вас. Значи, ве бараат, сакаат да знаат кај сте, со кого сте, како сте…

Големите планови бараат големи луѓе. Ситните влекачи обично се кријат под малите камчиња што личат на нив…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *