Сутерен.мк

Конзервативна либералност

Се забавувам со едно момче кое многу го сакам, но практично, не знам ништо за него поточно, не знам во што да верувам од она што ми го зборува. Убав е, внимателен, елоквентен и забавен, а и сексот ни е бомба.

Меѓутоа, од време на време (кога сме малку повеќе „опуштени“ и обично, во друштво) почнува да раскажува неверојатни работи за себе, за другите, за семејството. Глумам дека му верувам, но сето тоа е толку понекогаш глупаво, што не знам што да правам. Не дека не е интересно за слушање, ама…

Сашка, Битола

Сашка дарлинг, па живеете во Битола, а не во Њујорк!? Распрашајте се за манукот и се ќе дознаете многу брзо. Само не знам што ќе ви е тоа!? И што ви значи она „повеќе опуштени“? Џоинт, чашка повеќе…? Не глумите вие само дека му верувате, глумите и некакво кулирање, во вашето „опуштање“. Ај, прашајте се уште еднаш кој е навистина опуштен, а кој ја тупи!

Вам всушност, мозокот ви развил некаква либералност, ама пусто, душата ви останала конзерва. Ако продолжите вака, ќе ви фати и р’ѓа па после внатрешноста можете слободно да ја споделите со мачките од пред зграда.

Мене дечкото ми изгледа сосем о.к., а, ако мислите дека му треба ремонт, омажете се со него, извадете му ја душата низ нос со секојдневни муабети дека за ништо не го бива, зашто е лудак и лузер, па после наклукајте го со иљачи со помош на експерти секако, кои кај нас, фала му на Бога, ги има купишта и ќе добиете совршен сопруг: едно маже кое освен за политика, времето и цените на пазарот друг збор нема да зуцне, ќе игра чат – пат спортска и ќе му биде страв секогаш кога ќе ја затворите вратата малку посилно.

Ах, да. Толку ќе ви биде здодевно, што ќе пукнете од среќа и така жизнерадосни веќе нема да имате потреба да ме читате мене туку гордо ќе се вклучите во работата на вашиот куќен совет.

Луѓето измислуваат стории за да фасцинираат или да поколебаат некого во евентуалната желба тој да им се доближи. Во недостаток на контрола над самите себе (поточно, недостаток на безобразлук), на ваков начин ги селектираат ликовите кои ги сакаат околу себе. Низ ваквото нивно решето, остануваат само најдобрите!

Имав еден таков пријател. Често другите коментираа дека забегува, но паметам само дека беше еден од најзабавните луѓе што сум ги запознала воопшто. Се ожени во странство и пред неколку години го сретнав со сопругата и трите деца. Таа, се уште, после толку години брак е воодушевена од него. Децата го гледаа со занес. Измислува и понатаму се нешто, секој ден, но вели неговата дама, ни една обврска не занемарил, никогаш нив, семејството не го заборавил. Работи изгледа успешно, како стрип цртач, а сака да напише авантуристички роман. Ќе го стори тоа, сигурно.

Драга моја, имате фантаста покрај себе, небрусен дијамант, кој само очајно сака да падне во вистинските раце…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба фа се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us