Сутерен.мк

Косана Мазнева: Отпорна на просечноста

Во своите два пратенички мандати таа изгради имиџ на жесток противник, но и пример како жената преку своето залагање да се избори за својата економска независност, а воедно да даде придонес за поголема социјална правда и посреќни идни генерации. За неа велат дека е перфекционист, кој дава простор за нови луѓе и идеи. На нејзиниот пат, не ја поколеба ни судбината која ја остави премлада вдовица. Таа едноставно, после се, изгледа подготвена за уште многу предизвици

Една мудра мисла вели: „Работи како да не ти се потребни парите, љуби како никогаш да не си бил повреден и танцувај како никој да не те гледа“. Се чини, токму по неа водејќи се живее Косана Николиќ Мазнева, дипломиран биолог по образование, на која политиката и стана вистинска вокација.

Родена во традиционално семејство (татко и е пензиониран офицер на поранешна ЈНА, а мајка и дипломиран правник, исто така пензионер), воспитувана во конзервативен дух, со нагласок на важноста на самодовербата и придржување кон темелните семејни норми како етичност и духовен развој. Потенцира дека просто имала среќа во животот што растела со родители кои биле и се нејзини најголеми подржувачи, искрени и реални во критиките, но незаменливи во мотивацијата и пренесувањето на позитивна енергија за реализација на сите нејзини замисли и цели.

Косана е старо и ретко старословенско име, а го добила по баба и, мајка на татко и. „Многу се зборуваше за таа љубов низ Лесковац, од каде се моите семејни корени. Таа приказна е тажна. По раѓањето на третиот син баба ми умира од сепса, исто како и мојот сопруг…..И дедо ми ја носеше нејзината слика до последниот свој здив, до пред две години.“ – вели, Николиќ Мазнева, пред да започнеме со официјалниот разговор, не без тага и со молба сепак, да не задираме премногу во за неа преболната тема – прераната смрт на таткото на нејзините две ќерки, Благојче Мазнев.

  • Зошто влеговте во политиката односно, како една офицерска ќерка се најде во ВМРО – ДПМНЕ?

– Искрено, моето политичко ангажирање не беше резултат на лична политичка амбиција туку на еден подолг период на духовно истражување бидејќи, да се измени светот најпрво мораме да се измениме ние самите. Политичкиот ангажман потоа едноставно се наметна како следно ниво во поимањето на општествената одговорност и на тоа колку е секој од нас одговорен за иднината на државата и за подобрувањето на животниот стандард и благосостојбата на сите граѓани.

Како патриот и интелектуалец со конзервативни сфаќања, почувствував обврска кон татковината и кон иднината на нашите деца дека можам и морам да помогнам во изградбата на европска Македонија. Инаку, никогаш не сум имала двоумење, а би рекла ниту избор! ВМРО-ДПМНЕ е единствената македонска модерна европска народна партија која доследно ги следи начелата на конзервативизмот и семејните вредности. Тие не се нови неостварливи илузии и лажни ветувања, туку се вредности преку кои се стремиме да овозможиме предуслови за добар живот во заедницата, што вклучува и грижа за подобар економски стандард, почитување на различностите, грижа за околината и за иднината.

Водејќи се од тие начела јас се вклучив во политиката и во ВМРО-ДПМНЕ со сиот мој интелектуален и морален капацитет и секогаш ќе настојувам да го исполнам ветеното. Истрајно чекорам напред и покрај нечии нечесни обиди да ме повлечат во сивилото на нивната просечност и злоба.

  • Приватно важите за љубезна и пријатна личност додека во парламентот за жена со остар јазик. Која е вистинската Косана?

– Секогаш правам дистинкција помеѓу приватното и професионалното. По природа сум личност која е непоправлив оптимист, алтруист и верник. Умеам во животот да им се радувам на малите нешта. Длабоко го негувам чувството за правичност, припадност и доследност. Никогаш не можам да преминам преку неправди, малициозност, нечесност и злоба.

Искрено сочувствувам со проблемите на луѓето, сакам да помагам, тешко се расплакувам, но тивко тагувам. Признавам дека нетипично за политичар е што имам изразен темперамент и при големи неправди-бурно реагирам и затоа не е тешко да ме налутите, но и лесно може да ме насмеете.

Се згрозувам од лицемерието и неправдата и тука не правам компромис, па можеби и од таму таквиот впечаток. Поседувам силен енергетски потенцијал, и секогаш настојувам да ги канализирам во бескомпромисно и континуирано залагање, работејќи со разум и упорност и со постојана лична и професионална надградба. Така верувам дека сите цели се остварливи.

  • Како се гради денес и овде авторитет?

– Лажен или вистински? (се смее, нов.заб.) Ако зборуваме за лажен, умислен авторитет тогаш за жал, таквите ги имаме и лесно се препознатливи, а вистинскиот… Тој се гради постепено,темелно, долгорочно и систематски. Базиран е на одредени принципи и вистински вредности. Пред се на чесност, етичност, знаење, високи морални стандарди и целосна посветеност карактеристични за една урамнотежена, зрела и продуховена личност.

Патот до креирањето на една таква индивидуа не е ни малку лесен, безмалку е трновит и се разбира дека за тоа се потребни години макотрпна работа и постепено менување, моделирање преку лично, карактерно и професионално усовршување. Верувам дека авторитетот е правопропорционален на вложениот труд и залагање. Дека не трпи импровизации и суштински грешки, а резултатите што ќе произлезат од тоа, лесно се препознаваат и паметат.

  • Се чини како парламентарките повеќе да се расправаат меѓу себе отколку со машките колеги…?

– Според мене, “натпревар” или ривалство како помеѓу жените така и со машките колеги мора да постои и тоа е здраво, дури би рекла и пожелно за секој процес на донесување на одлуки. Мојот став по однос на ова прашање отсекогаш бил ист. Едноставно, компарирањето со другите го сфаќам како конкуренција на визии, идеи и ставови. Тие носат со себе мотивирачка енергија и се неопходни етапи во процесот на усвојување на одлуките. Лично, потпирајќи се на својата духовна сила и во иднина ќе продолжам доследно да ги извршувам зададените задачи во рамки на програмските цели, кои ги вклучуваат сите современи европски одредби од областа на половата рамноправност.

  • Со кого пиете кафе после жестоките дебати?

– Со честити и реализирани луѓе, кои сфаќаат дека достоинството и слободата не се цели на егоистични личности, туку се израз на солидарност, заедништво и грижа за идните генерации.

  • Важите за убава жена. Помага или одмага тоа во политиката, во животот?

– Физичката убавина е субјективно и интимно чувство, работа на вкус, менливо и минливо. За волја на вистината, понекогаш знае да биде и голем бедем, хендикеп. Но, убавината самата за себе без продуховена позитивна енергија е ,,несреќа во движење,,. Време е да се напуштат примитивните материјалистички претстави за тоа дека човекот почнува и завршува со телото.

Човекот е многу сложен информациско-енергетски систем на кој му е неопходен духовен и интелектуален развој и усовршување, за да го отвори својот потенцијал да прима и да дава енергија. Само тогаш ќе бидеме исполнети, реализирани и среќни. Имиџот , стилот, одважноста се прашања на индивидуална перцепција која е повеќе формална и остава простор за маневар и за субјективна интерпретација на суштинските карактерни црти на личноста. За имиџот, а најмногу за себе најважно е да бидете самоуверени и свои.

Уште поважно е секој од нас да сфати дека ништо не е вечно и дека сме живи се додека не паметат луѓето. А, ќе не паметат само и само, ако оставиме зад себе добри дела. Тоа е она што заслужува внимание, тоа е впечатокот што остава трага.

  • А почитуваат ли убавите жени, убави жени?

– Секако. Жената е потполна кога има интегритет и умее да изгради авторитет. Притоа гради семејство, воспитува, знае да пружи љубов, нежност и внимание.Тогаш жената е убава, потполна, реализирана, задоволна, среќна и ја заслужува сета почит од мене и од сите генерации на жени.

  • Ги следат ли вашите навики ќерките? На кого личат?

– Многу се различни. Ана, физичкиот изглед целосно го има наследено од татко и. Карактерно е посебна: интровртна, премногу интуитивна, тивка, срамежлива, грижлива, умее да се жртвува, да помага, да почитува… Михаела физички личи на мојот брат. Таа е екстровертна, забавна, иницијативна, разговорна, се ја интересира, за се се распрашува, критички настроена,но правична, лесно избувнува…

Според мое длабоко убедување секое дете е посебна личност, со посебна единствена енергија. За да може правилно да расте, да се развива и самоспознае потребна му е слобода на изразување на сопствените потреби, желби и интереси. Потребна им е слобода на размислување, делување. Во тој контекст како мајка никогаш не сум вршела ниту притисок, ниту сугестија во смисол на тоа, кон што треба да се насочат. Тие се се уште многу мали и лутаат во универзумот на идеи. Но, како и да ,е секогаш ме забавуваат со нивните фантазии. Еднаш се актерки, па учителки, па адвокати, политичарки, спортисти… Ќе видиме, никогаш не се знае како ќе изненадат!

Најважно ми е пред се нивното ментално и физичко здравје. Најмногу сум насочена кон поттикнувањето на емоционалната интелигенција и духовна благосостојба.Посетуваат курс за странски јазик, спорт, хор. Како и сите деца, така и моите живеат во ера на брз технолошки подем. Колку е тоа од една страна добро, морам да признаам дека понекогаш ми пречи повеќечасовното седење пред компјутер, празните разговори на телефон…

  • Имате ли доволно време за нив?

– До пред една година додека бев и пратеник и претседател на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ и вршев паралелно две исклучително одговорни функции што од мене бараа целосна посветеност, морам да признам дека ми беше многу напорно. Во тој период кој не беше ни најмалку лесен, бидејќи истовремено поминував и низ тешко животно премрежје, целата моја енергија до последен атом ја посветував исполнувајќи ја дневната агенда и буквално немав време за ништо друго.

Работите оттогаш се сменија, така што денес имам барем ден два од викендот кој себично како самохрана мајка го чувам за моите деца. Најчесто пешачиме во природа , одиме во кино, театар, на ручек, вечера, сами или со многу блиски пријатели. Разговараме, се гушкаме, се чуваме, се сакаме…

  • Помина веќе доста време од смртта на вашиот сопруг. Ја дознавте ли вистината за тоа? Има ли виновници?

– Од таа болна случка поминаа три години, а нас сето тоа не боли како и првиот ден. Многу сум свесна за вистината и виновниците, но бидејќи сум човек кој верува и работи се да биде по закон, ред и поредок за жал, се уште трпеливо го чекам отпочнувањето на целата законска постапка.

Хиените меѓу нас

  • Каков вид на луѓе не сакате во своето опкружување?

– Иако се таквите можеби малку на број , сепак за најголема опасност од инфицирање на едно општество ја сметам онаа категорија на луѓе кои се патолошки амбициозни,проклето подмолни, завидливи и злобни. Тоа се во принцип неспособни луѓе кои своите успеси (се разбира, ако ги имаат), најчесто ги градат врз база на закани, заплашувања, кодошења , измислици и лаги.

Тоа се луѓе кои за да успеат мораат да користат ефтини и ниски методи и итроштини за да им наштетат на другите иако, можеби и самите немаат никаква корист од тоа. Сето тоа мислам дека го прават за да си ги лечат сопствените еготрипови. Ваквите луѓе се со длабоки фрустрации и се општествени и социјални штеточини. Тоа се којоти, буба шваби, хиени…

Бранка Д. Најдовска
Фото: Игор Тодоровски

„Теа модерна“, 2012 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *