Кога една приказна ќе тргне по социјалните мрежи се движи со брзина на светлината. Особено ако истата е со “грешка“, комплетно ја буди инспирацијата кај дежурните “вработени“ на социјалните мрежи, кои од неа прават вистински холивудски расплет. Така некако се движи “грешката“ на Министерството за економија и нивната кампања “Дома си е дома“, каде наместо фотографија од кањонот Матка, видовме фотографија од езеро во Германија. И токму од оваа “грешка“ се изнагледавме на фејсбук преубави фотографии од целиот свет потпишани со “дома си е дома“.
Инспирацијата нема крај. Очигледно и грешките на нашата кампања за летување дома. Убаво е да се шегуваме на сметка на маркетинг тимот кој ја обликувал оваа кампања, и да присвојуваме преубави пејсажи како наши. Македонија до месечината! А зошто да не? Ама мене нешто друго ме јаде цело време. Зошто толку реакација за едно езеро во Германија? За нашата пријателски настроена Германија? Не е фер! Не е фер, затоа што четвртина од градежните работници, медицински сестри, доктори, ИТ инженери и ред други професионалци во Германија, се Македонци. Тие се дома. Тоа е нивно езеро и можеби навистина ќе летуваат токму таму оваа година. Поради корона вирусот не можат да си дојдат во “домата“ што ја напуштиле, ама доследно ќе ја практикуваат македонската кампања “Дома си е дома“ и ќе летуваат во Германија. Можеби и шатор ќе постават пред езерото. Ќе видиме на фејсбук.
Туку што правиме ние што не можеме да одиме на езерото во Германија? Знам, ќе кажете дека треба да избереме нешто од понудата на Министерството за економија што не го погрешиле. За волја на вистината има и такви примери. Туку нели Владо Јаневски имаше една песна “Само дома си е дома“? Време е да ја преслушаме повторно и да ја прогласиме за хит на лето 2020-то. Оваа кампања не е македонска уникатна идеја. Повеќе земји во светот можеби со различни слогани, но истото им го предлагаат на своите граѓани. Да летуваат дома. Но,што е тоа дома? Дали е тоа местото каде што живееме? Државата во која живееме. Секако да. Но, лично мислам дека дом е повеќе од тоа, барем во овие околности на корона вирус. Од таму зошто е чудно, ако на фејсбук ставам фотографија од на пример Канарските острови и напишам дома си е дома?
Половина и повеќе од нас што живееме во државата сме заморени од рестрикциите што ни ги донесе корона вирусот. Верувам дека истата таа половина и не размислува за годишен одмор во овие услови, ниту дома ниту во соседството.Од таму ми се чини “грешката“ на Министерството за економија и не е грешка, всушност е поттик. Не поттикнува да сонуваме дека ова лето сме на одмор на дестинацијата од нашите соништа. Можеме да пребаруваме и секој ден да бидеме на различно место. Да ставаме фотографии од сите најпознати дестинации. Да го пропатуваме светот. Тоа не чини ништо. Тоа ни останува.
(Авторката е долгогодишна новинарка.)