Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Образование по ДПФ

Кога мозокот подолго време е изложен на подолга изолација атрофира. Атрофијата раѓа очајание и насилство. Ова е една од белешките на лекарите, кои имаме можност да ги слушаме и гледаме по странските канали, а кои говорат за короната. За вирусот од еден поинаков поглед. Дебати и стручни анализи од аспект на тоа што овој вирус прави попатно, додека се мачиме да го победиме по пат на вакцинација, или, пак додека чекаме да исчезне сам од себе. Речиси сите лекари, експерти секој во својата област се со став, дека последиците од короната долго ќе ги гледаме. Не само како поединци, туку како општество.

Секоја личност што го прележала вирусот има различни последици по своето здравје, речиси идентични сите како општество. Секој град, секоја држава, целиот свет. Вклучително и последиците што сите ги имаме од предолгата, едногодишна изолација, која во нашиот случај, или поточно во нашата држава, не знаеме кога ќе заврши. Поради непочитување на протоколите, мерките, поради недостиг на вакцини…

Ме загрижува белешката на лекарите што изолацијата може да му направи на мозокот. Јасно е дека е невозможно комплетно да ни ги атрофира мозоците, се разбира доколку ги одржуваме во функција. Сепак, оваа белешка е особено важна за нас овде во Македонија, бидејќи за време на пандемија отвораме прашања кои се од исклучително важни за детската и младата популација. Прашањата за реформите во образованиот систем.

Не постои родител во државата чие дете е во основно или средно образование, на кој не му е јасно дека оваа таканаречена онлајн училишна година, не е изгубена година. Напорите што одредени наставници ги прават за да го пренесат онлајн своето знаење на учениците, се навистина за секоја пофалба. Сепак, неприсуството во училница, оддалеченоста од наставникот, домашната атмосфера, лаптопот, таблетот и функцијата „муте“, на учениците им остава доволно простор да не го разбираат толку сериозно предавањето преку екран.

И токму во оваа луда година, во која квалитетот на образованието не може да падне подолу, министерството за образование турка предлог од наредната учебна година учебниците да бидат во електронска форма, а не во печатена. Или, што би рекла министерката Царовска „ако сакаат родителите можат да си ги испринтаат“! Лицата што овие предлози и ги даваат на министерката, а која се става во улога на гласник што ја кажува лошата вест, очигледно не размислуваат какви последици по развојот на децата ќе има ваквата голема “образовна реформа“. Очигледно е дека не е консултиран ниту еден педагог, психолог, социолог…бидејќи секој од нив ќе им каже дека магијата не е во хартијата, туку во волшепството што таа му го овозможува на мозокот на едно дете.

Одпрво мислев, во ред, Царовска во министерството доаѓа како партиски кадар, кој предходно и немал некакви допирни точки со образование. Впрочем како и речиси сите пред неа. Но, по нејзината изјава, дека децата не сакаат да доаѓаат во училиште , затоа што не им е инстересно, веќе сфаќам дека нема надеж. Сфаќам дека не е виновен таму некој советник, што и “мести“ на министерката некакви реформски решенија. Сфаќам дека таа не знае што значи предавање, и вистински не разбира зошто децата треба да одат во училиште, Всушност, верува дека училиштата и не треба да постојат и дека е доволен ПДФ материјал за да се заврши училишната година, и да се дојде до сведителство. Верува дека е визионер, а за тоа ние сме виновни.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

* Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *