Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Партиско-административно звање

Институтот за демократија изготви документ за политика со наслов „Висока раководна служба- дистинкција меѓу политичкото и професионалното“,кој говори за изборот на високи раководни служби, а кој треба да биде заснован на принципот на заслуги и способноста на кандидатите.

Според Институтот професионализацијата на високата раководна служба и донесување закон што ќе ги пропишува сите стандарди на избор, селекција и работење, претставува долгогодишен проблем во Република Северна Македонија, а законот за висока раководна служба, кој треба да го реши овој проблем, се подготвува неколку години.

Она што се очекува е решавање на долгогодишните проблеми со нетранспарентните назначувања и партиските распределби на позиции кои се основа на политички коалиции на сметка на квалитетни решенија. Законот треба да осигури дека изборот и назначувањето ќе бидат засновани на заслуги и ќе се избираат најсоодветните кандидати за одредена висока позиција.

Го читам документов и се чудам на храброста да се зборува на оваа тема, но и истовремено се воодушевувам на верувањето дека евентуалното донесување на овој закон ќе го промени начинот на назначување на лица на раководни места.

Не сум по убедување песимист, но истовремено сметам дека навистина е наивно да се верува дека некое законско решение ќе им отвори простор на професионалците во државава (кои патем речено се оддамна заминати од земјава), наспроти високо котираните партиски кадри. Зарем политичките партии (кои откако ќе дојдат на власт главно се занимаваат со вработување на партиската машинерија во администрација), ќе се откажат од најефикасното средство за добивање на сигурни гласови на избори? Сигурно нема. Токму затоа и долго време се “подготвува“ овој закон, бидејќи во меѓувреме треба да се наградат едно чудо партиски војници, кои пак, исто така според закон не можат туку така да бидат разрешени од позициите.

Еден министер своевремено велеше дека се заштитени како белите мечки.

Под некои астролошки поволни услови да се случи да се донесе еден ваков закон, кој во себе ќе ги содржи критериумите по кои ќе се одбира лице за вршење раководна функција, останува прашањето од кога ќе важи овој закон? Дали истиот ќе започне да се применува од 2029-та на пример? Или можеби кога ќе станеме полноправна членка на европската Унија?

Можеме да претпоставуваме кој ќе биде датумот кога истиот ќе стапи на сила, но со сигурност можеме да потврдиме дека тоа нема да биде наскоро, бидејќи листата на партиски кадри постојано се проширува. И не само тоа туку и се надополнува со нови членови на владејачкото мнозинство во Владата,кое има своја листа за вдомување на партиски кадри. А потоа се менува владејачкото мнозинство и процесот почнува од почеток.

Во меѓувреме ќе мора да се помириме со фактот дека нашата администрација не само што е најголема, туку е и најнестручна, со исклучок на неколкумина на кои душата им ја вадат и истите работат за останатите 20 во канцеларијата. Истите тие на кои сите граѓани во земјава им ја обезбедуваат платата, а кои никогаш не завршуваат работа со една посета на некоја институција или шалтер.

Да не зборуваме за извод од матично на кое ќе видите дека имате друго презиме или име, а за кое не паметите дека сте побарале да ви го сменат.
И додека се подготвува некакво законско решение, а партиската администрација напредува во звањата, квалитетните млади кадри бараат начин како да ја напуштат земјава, бидејќи не се или не сакаат да бидат на ничиј партиски список.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *