Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Пркоста на компетенциите

Откако слегна малку бурата, или како што е вообичаено за Македонија, секое чудо за три дена, одлучив да напишам некој ред и за онаа политичко- пропагандистика епозода. Зборувам за Стојко Пауновски. Веќе го заборавивте? Ќе ве потсетам.

Тоа е оној директор за кој се крена голема прашина во јавноста. Или поточно, за неговото разрешување од директорската функција во државниот пазарен инспекторат. Официјалните информации беа дека се разрешува бидејќи не сакал да прими на работа, (институцијата каде беше директор), неколкумина рамковно вработени, кои да потсетиме, десет и повеќе години не одат на работа, а секој месец уредно примаат плата од државата. И логично за нашиот црно-бел свет, дискусијата за разви во два правци. Едниот дека тој не ги сака рамковните Албанци и затоа не ги прима на работа, а втората се движеше во насока дека Пауновски сака да се прави „папа“ поголем од „папата“, па затоа му пркоси на “Ватикан“. Исходот и од двете дискусии е очекуван. За едни беше херој, за други предавник. Лице и опачина. Петка и глава.

Сосема е разумно од еден директор на една вака значајна институција, да го одбира тимот со кој ќе работи, бидејќи само на тој начин може да очекува резултати. Пред се поради фактот што една птица не ја прави пролетта. Или, попусто директор со одличен план за работа, ако истиот нема со кого да го спроведе. Барем вака јас ја сфатив пораката на Пауновски. Односно, дека тој нема ништо против да вработи „рамковни“, но бара тие да имаат соодветно образование и компетенции. Што е сосема во ред. Но, се прашувам зошто на овие лица никој не им барал соодветно образование и компетенции во институциите во кои десет години биле вработени? Затоа што не оделе на работа? Веројатно поради тоа и немале можност да стекнат компетенции!

Барањето на Пауновски, ќе беше сосема во ред, но пред дваесет и повеќе години. Тогаш кога се уште не беше толку видливо дека функциите се добиваат исклучиво според партиски заслуги, а не според компетенции, а вработувањата одат според партиската приотритетна листа. Во изминативе години се изнагледавме ( и се уште гледаме) тотално погрешни лица на важни функции. Лица без соодветно образование, без искуство во областа која ја раководат и што е најстрашно спроведуваат експерименти, кои ги нарекуваа реформи, чии „резултати“ ние ги практикуваме. Лица, кои себе си се доживуваат толку важно, што скокаат од еден владин ресор во друг, преставувајќи се себеси за одлични менаџери. И никој не прашува и не смее да праша какво образование имаат овие лица и како го стекнале истото? Дали имаат компетенции? Како на дваесет или евентуално максимум триесет години, успеале да станат експерти во некоја област? Дали биле надарени деца? Не верувам. Таквите оддамна ја напуштија земјава.

Затоа погрешно е што Пауновски пркосеше. Како партиски човек тоа требал да го прави многу оддамна. Сега е многу доцна за барање компетенции. Со една ваква државно- клиничка слика, неговото барање се чини дека е научна фантастика. Со или без рамковните. Сеедно. Ние оддамна не зборуваме за компетенции и за добро образование. Зборуваме за партиски заслуги, или што би рекол еден мој пријател „Магдалена оддамна не е важно образованието. Не е веќе важна ни партиската книшка, Сега е важно само дали добро кодошиш, ама не само во една партија, туку во сите. Да ги мешаш коцките. И да не пркосиш, зошто инаку ќе завршиш како Стојко“. Толку од компетенциите. Толку од пркоста!

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us