Сутерен.мк

Малограѓанска филозофија

Здраво Дарлинг, Имам еден проблем, можеби по малку смешен, но да почнам од почеток. Живеам во мал град каде што сите се познаваме. Мене овде ми е премногу тесно, луѓето постојано нешто кријат, лажат, прашуваат разноразни приватни прашања…

Дури студирав во Скопје (не дека е Париз, ама сепак, поголем град е) ми беше ок, не сакав да се враќам овде, но морав од егзистенцијални причини т.е работев така речи, за без пари, за ептен мала плата, а ми требаше за кирија, сметки…

Од друга страна, во родниов град не знам што да правам со себе?! Станувам очаен, по дома сум затворен, а кога излегувам, особено дење, гледам што побрзо да завршам работа и да се вратам дома. Се прашувам дали сум јас чуден, како ќе живеам, како да се навикнам, зошто толку ми пречи околината, а изгледа и јас ним?!

Поздрав, Боби

Боби дарлинг, српскиот филозоф и книжевник, Радомир Константиновиќ своевремено напиша една феноменална студија, „Филозофија на паланката“. Според многумина, меѓу кои и јас, попрецизна/пооригинална анализа на балканската малограѓанштина се нема појавено на планетава. Во ова капитално дело авторот убаво објаснува дека тиранијата на паланката произлегува од онаа нејзина апсолутна јавност која ја движи опсесивната потреба за буричкање во туѓите кревети, банкарски сметки, фрижидери…

Тој дух ја слави секоја просечност, еднообразност. Тој дух не прифаќа и не дозволува разликување и истакнување во било што. Дури и најмалото отстапување од тие ограничувања се казнува жестоко. Накусо речено, во паланката најприсутен е всушност, стравот од животот. Токму затоа и таа непроменливост и нееволуирање, кои некои несмасно го именуваат како „верност на традицијата“.

Основната цел на малограѓаните им е зачувување на секојдневната рутина, тивката смрт на секоја креативност, а идеалот им е групното мислење. Меѓу нив, луѓето со слободен дух се чувствуваат како да го губат здивот. Малограѓанштината е мртво море, една зелена застоена вода со непријатен мирис која не се движи, каде нема вистински живот.

Меѓутоа, немојте да мислите дека паланката ја нема и во градовите како Париз. (Малограѓаните се насекаде, а обично и со многу добро здравје и генетска долговечност.)

Сепак, факт е дека во поголемите места ваквите групировки полесно се избегнуваат и можете побезболно да им се спротивставите односно, имате каков – таков избор. Вие сте сосема нормален, но доколку не се прилагодите на Нивните правила многу брзо ќе бидете прогласен за сосема спротивното. Значи, или прилагодување (барем, привидно), или селење, или…

Никогаш не било лесно да се освои Слободата. Никому. Сеедно е на која локација ја барате, таа многу чини и ретко чиј грб може да го износи тоа жртвување што слободата го бара.

Ќе ви кажам една тајна: ми ги украдоа битките, приказните, страстите. Ми ги украдоа пријателите, признанијата, љубовниците. Ми ги украдоа спомените, иднината и гробиштата.

Но јас се уште живеам, како што јас сакам…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *