Сутерен.мк

Маскирана невиност

Имам 24 години и навистина многу пријатели, постојано излегувам и се дружам. Кога некој би ме посматрал од страна би ми позавидел на мојот социјален живот, но не е се така розево како што изгледа.

Всушност јас до сега не сум имала дечко, освен оние за една вечер. Не се плашам од обврска колку што се плашам на оној на кој ке решам да му бидам “сродна душа” да му кажам дека немам никакво сексуално искуство, со оглед на годините кои ги имам.

Некои од моите сегашни другари порано биле додворувачи, но ги имам одбиено само поради таа причина, велејќи им дека ги гледам само како другари. А кога во друштвото ќе се спомне темата секс и се бара од мене да се вклучам во разговорот, јас тоа го правам прилично вешто и без проблем ја ставам маската на искусна девојка, а следното утро се будам во солзи поради срам бидејки сум лажела, и меѓу луѓето кои сум ги излажала биле и моите две најдобри другарки. Се надевам дека ќе успееш некако да ми помогнеш со оглед на тоа дека ми требаше доста време да решам да ти пишам.

Поздрав 24

Поздрав 24 дарлинг, не дека пропуштате којзнае што, ама ај…
Не давате доволно прецизни информации околу вашиот „проблем“ па, како и многупати досега, поприлично ќе морам да нагаѓам.

Нејасно е дали имате (мала) сексуална активност или воопшто ја немате? Го сакате сексот или само мислите дека е многу модерно тој да се практикува? Се срамите од своето (не)искуство или тоа е изговор за нешто друго?

Сеедно дали сте девица или пак, сте имале неколку партнери, не сте на возраст кога треба да се секирате заради малиот број на минути поминати во ваков вид гимнастика т.е. во неоправдано фамозните глупави движења.

Напротив, вакви какви што ни се мажите – дебело рѓосани во конзервите, многу повеќе ќе го ценат вашиот целибат отколку промискуитет.

Така што, кога ќе си најдете момче по мерка, фино – лепо признајте му се. Гарантирам дека набрзо ќе ве однесе кај својата баба во Свети Николе да побара дозвола од неа за да се ожени со вас. Не се шегувам.

Инаку, многу често жените го преувеличуваат значењето на ваквото искуство, зашто мажите не ретко изјавуваат дека им се најпривлечни дамите кои си ја знаат работата.

Од друга страна, необично е да се чуе возрасна личност дека била со еден – двајца партнери. (Секако, во тоа нема ништо лошо, некои и целиот живот го поминуваат само со еден маж/жена. Бијонсе јавно призна дека пред Џеј Зи немала никакво сексуално искуство.)

Статистиката вели дека речиси никому не му се допаѓа да се доведе во ситуација да биде учител/ученик во креветот. Сепак, не е убаво да се слушне ни податокот дека некој имал стотина партнери. Најдобро е цифрата да не го преминува бројот на прстите. Оние на рацете.

Разговорите за бившите, па и со најдобрите другарки, според мене е „бесмислен во секоја смисла“. Тоа спаѓа во интимниот свет на личноста и треба таму и да остане.

Луѓето лажат, затоа што лагата им изгледа поедноставна од вистината и понекогаш е, но една лага повлекува друга… Секој сака да се претстави во најдобро светло, но оние кои ни значат во животот нужно е да не запознаат во реално издание за да се испроба вистински функционирањето на релацијата. Обратно, се создаваат нестабилни врски, врз илузорни темели.

Искреноста е единствениот начин за формирање на здрави односи без разлика дали зборуваме за сексуалните навики, соништата, другарството, потеклото, емоционалните и материјалните потреби, филмови, музика…

Не се очекува од никого детална биографија истурена гола на маса, но ниту измислувањето на истата не е добро. Признајте им на другарките за лажгите. Ако ви се лојални, ќе ве разберат, ако не – ќе ве лаат по комшии, што не мислам дека е страшно.

Како што веќе реков, малкуте љубовници овде и сега, се добра препорака. Кога пак, ќе ја најдете „сродната душа“ кажете му дека баш и не сте премногу вешта меѓу чаршафите. Искрено, но без детали…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *